Ова ми е 13та година на форумов, од кои скоро половина и не бев активен во континуитет. Паузите ми беа и долги, последната скоро 2,5 години.
Се зачленив таму 2013 година, стекнав и одреден број на пријателства, дел беа прелеани надвор од форумските води, а дел, за жал, останаа во овој круг. Некогаш сакам да се втурнам во мислењата кои ги имам пишувано во ДК низ годините, тоа се спомени, кои дел би ги заборавил да не постои таа писмена трага. Додека ги читам, знае да ме допре сентименталноста, некогаш ми се инспирација да напишам друг пост, друг спомен, кој ќе го рециклирам за некоја година.
Еве, вчера, благодарение на таков рециклиран пост, се присетив дека на врата, како деца, игравме пинг-понг. Имавме една дрвена собна врата, тоа ни беше маса. Имавме една даска, ќе ја ставевме на средина, тоа ни беше мрежа. И игравме. Не ти требаше ништо повеќе од две палки, едно топче и малку детска имагинација. И многу трпение да го бараш топчето, затоа што имаш само едно!
Интересно е да се согледа како пораснавме на форумов, барем ние кои од дечишта тука се вртиме. Не секогаш се согласувам со она што сум го напишал пред години. Башка тоа што и академските години ми поминаа на форумов, после предавањата, циклусот селекција на битното од небитното (професорите викаа битното од помалку битното), белешките, учењето и повторувањето, доаѓав да го пуштам мозокот на пашња. Дури и дебатите ми беа поинтересни од задолжителната литература, посебно во Религија кога ќе се разгореше, имаше тимови, коалиции, нови теми, на неколку минути ново мислење. Имаше жар во дебатите, пасија, имаше аргументираност.
Тешко е да не се поврзеш, интелектуално и/или емоционално, со оние членови со кои со години секојневно дебатираш, дискутираш и разговараш, што на форумот, што приватно. Споделуваш дел од тебе, односно еден од најретките ресурси кои ги имаме додека сме на ова парче земја, а тоа е времето. Споделуваш и ставови, мислења, искуства и знаења. Моето време поминато на форумов може да се брои во месеци, не само во денови.
Како одминува времето, станувам се помрзелив и помрзелив. Немам некоја посебна волја да пишувам долги постови по еден километар со цел да докажам некоја поента или одбранам некој став. Дури и кренав раце и од идеолошките војни, пред се затоа што нема рамноправност во тие дебати, најчесто повеќемина на еден. Повеќе сакам да талкам низ дебатите, посебно оние неполитичките, со полабава амбиенталност. Сега, од време на време морам некого да пецнам, да испороцирам, за изнудам реакција. Целна група ми се оние кои одма реагираат. Се лутат. Тоа ми се минливи периоди, најчесто кога ми е досадно и барам начин како да си го пополнам времето.
Јасно е дека има се помалку и помалку членови, тие сме си, барем онаа постарата гарда. Поновите генерации сакаат да скролаат слики и да гледаат сториња. Така форумите, како алтернативни социјални мрежи, не им се гледаат како нешто посебно забавни, привлечни и интересни. Тука секој староседелец си има свое форумско ќоше. Свој личен простор. Па и свое друштво. Моето е интересно, со оние со кои се тепав низ годините, ми станаа најдобри другари.
Последната пауза ја прекинав затоа што ми требаше издувен вентил, тие шест месеци од животот ми беа хорор. Ама и не сакав и таа акумулирана нервоза да ја прелеам на некој трет. Успеав да се контролирам. Убава дистракција, додека скоцкаш еден пост, отишле 10тина минути. Некогаш и повеќе.
Досега не сум ве дружел на собиранките, тешко дека ќе ве дружам и во иднина, во случај, секако, таква да се организира. Сферата на анонимноста одамна ми е пробиена, тогаш и ми беше поинтересно затоа што можев да се закачам буквално со секој, а денес не преферирам, во тие светли моменти, да се чепкам со оние кои ги знам. Евентуално неколку културни реплики и тоа е тоа. Ама дефинитивно ќе ве дружам низ форумските води.
Да се читаме и за 20 години!
