Многу време поминало. Ајде да чкртнам нешто набрзина колку да го одбележиме јубилејот:
На форумов се зачленив од две причини: во мојот живот среќен сум што имам добри пријатели и вистински другари. За жал, ниту еден од нив не навива за Интер, и генерално се дрва за фудбал и општо за спорт. Колку и да е ова точно, уште поголеми дрва се за филм.
За сите други теми кои ме интересираат, а ги има многу, секогаш имам со кого да разговарам. Но не и за фудбал, и не за филмови. И така завршив на форумов, на кој за филм најдов прекрасни луѓе, а за фудбал и овде сите се дрва.
Најубавото време поминато на форумов за мене беше кога бев модератор на Филм и Тв. Со мојот комрад
@џимеј мислам дека придонесовме доста, се дебатираше се и сешто, се отвораа теми, за вкусови не се дискутира а сепак за ништо друго освен за вкусови и не се дискутираше

Подоцна ни се придружи
@wot џубрето, на кого му ја предадов штафетата и се одјавив по некоја вжештена расправија со администрацијата затоа што ми избришаа тема на форумот а јас не бев доволно стар за да го зауздам егото.
Не би ги именувал сите со кои пишувавме на Филм и Тв тогаш, едноставно не памтам никови а и многу од нив менуваа никови низ времето и не знам кој е кој. Но беше нешто навистина посебно, и во тоа време ме мотивираше да изгледам се што има да се изгледа затоа што имав со кого да разменам мислења. Времето кога се следеше LOST ја означи новата ера во телевизијата - серии кои се дискутираат во вистинско време, со теории, со фан-клубови, со се. И сето ова беше пред социјалните мрежи.
Сега тој подфорум го има
@Zlatikevichius кој си ја врши работата одлично.
Форумов е и показател за сопствените промени. Имаше време кога бев активен и на политика и на религија, и тоа е најнегативното време поминато на форум, влегување во бесцелни расправии во кои никој нема да се помрдне ни сантиметар од позицијата која ја застапува и само влијае негативно на психата. Со време, сфатив некои работи: дека времето ми е премногу драгоцено да го трошам со партиски ботови, и дека религијата им е потребна на некои луѓе и треба да се остават на мира.
Темата за Radiohead исто така беше посебна, мало катче за одбрани фанови на одбрана група.
Од минатото на форумов паметам некои моменти. Беше интересно едно време кога имавме опција да ставиме видео на профил кое се пушташе автоматски кога некој ќе ти кликне на профилот, и сите имаа некоја одбрана песна за дочек на гости

Системот за репутација беше легендарен, но заебан од позиција на моќ. Еднаш му дадов црвено на
@beneamata на шала, два месеци не ми зборуваше после тоа
Бамбер бриџ е веројатно најлудата работа што се случила на форумов, после Нескафе
И јас како и многу други постари членови имаме впечаток дека форумов изгуби на квалитет на членовите низ годиниве, затоа што буквално на секој подфорум имаше по неколку членови кои навистина се разбираа од тематиката. На Историја имаше доста добри ликови предводени од „Братот“, член што живееше во Полска ако паметам добро.
@Let 3 беше легендарен лик на политика и општо на сите теми во кои пишуваше, без разлика дали си од негова или контра. Имаше членови и на музика кои разбираа многу.
Најлегендарна тема, која замре во изминативе десетина години, ми беше Новогодишни Форевер Алоунери. Дури и кога не бевме алоунери, не ја остававме темата да замре, ама еве изгледа дека сите среќно се оженија / омажија и немаат веќе време
Инаку сум толерантен човек ама на Фудбал би ги убил сите до еден, почнувајќи од
@Stefan-kobe па натаму.
Честитки до
@Acid и до сите кои што му помагаат да го одржи во живот форумов толку време. Убаво е што има каде да се искажеме на наш јазик и со наши луѓе, посебно сега кога сите сме расштркани по светов.