You won't be alone
Првите 15-тина минути ги гледав низ призната на "Алегорија на пештерата". Таа пештера е целиот нејзин свет, некој зрак светлина и нејзината мајка се единствените надворешни посетители. Дури и кога излегува од истата и треба време да ги привикне очите на драстичната промена на светлина, што е еден од есенцијалните елементи на оваа алегорија.
Невена, првите 16 години, е скриена во планинската пештера/црква. Видов дека на ѕидовите имаше бледи икони, плус и обележје (крст) додека мајка ѝ ја носеше, како бебе, во пештерата. Се крие од Марија (волкокрадачка мислам дека ја нарекоа) која доаѓа да ја земе уште како бебе, но по преколнувањето на нејзината мајка, го пролонгира тоа до нејзината 16-та година.
При првата сцена, со мачката, мислев дека ќе гледам досаден филм, во селска идила, за мрачниот и досаден живот на македонскиот селанин под турско! Ама не! Дури и подоцна ми падна жетонот дека мачката е всушност Марија.
Ова е приказна за осознавањето, за животот. Цикличноста додека, Невена, не научи да го осознава светот, што се тоа чувства, семејство, љубов, и го зема обликот на Билјана, каде се вклопува во заедницата, започна нов животен циклус како девојче, жена, сопруга и на крај мајка.
Дури и кратката позадинска историска приказна за Марија е интересна. Копнеела по дете, "умрела" со тој копнеж. Па и од далечина цело време ја набљудуваше Невена, овој момент од приказната многу ме потсети на "Злорада".
Нешто ново, нешто интересно. Има неколку слични филмови, за шејпшифтери, со индијански фолклор, ама ова е наше!
Филмот не го оценив затоа што го гледав без превод, со дијалектите немав некој голем проблем, но влашкиот не го разбирам, иако баба ми е Влаинка. Ќе си го репризирам, во блиска иднина, со превод.
Глумата беше одлична, а Сара ми е преслатка.