“Блиц“: Славје во Сараево, молк во Република Српска

Веста за апсењето на Радован Караџиќ, во Република е дочекана со молк и неверување, додека во Сараево е радосно поздравена, објавува електронското издание на српскиот весник “Блиц.
“Неколку стотини граѓани на Сараево, околу полноќ, излегоа на улиците на градот за да го прослават апсењето. Колони од автомобили кружеа по Скендерија и во потесниот градски центар. Од славеничките автомобили, на кои им беа вклучени сирените, беа фрлани петарди. Харис Силајџиќ, претседавач со претседателството на БиХ, изјави дека за апсењето на Караџиќ дознал од медиумите“, се вели во информацијата на српскиот весник.
“Со големо закаснување дојде правдата. Тоа е барем некаква сатисфакција за семејствата на жртвите на геноцидот и во секој случај добар ден за меѓународната правда“, ја пренесува “Блиц“ изјавата на Силајџиќ.
Според весникот, ниту едно официјално лице од Република Српска не било достапно за изјава. Од Српската демократска странка, партија чиј основач е токму Радован Караџиќ, соопштиле дека веста за апсењето на најпознатиот хашки бегалец, е шокантна и неочекувана.
“Очигледно е дека тоа е последица на формирањето на новата влада во Србија. Немаме никаква доверба во правдата на Хашкиот трибунал, оти со многу свои одлуки успеа да не убеди дека таму не се дели правда, туку дека тоа е еден обичен политички трибунал. Сметам дека Радован Караџиќ нема да има фер судење“, рекол лидерот на СДС, Младен Босиќ.
Од партијата на Милорад Додик, СНСД, оцениле дека веста за апсењето на Караџиќ е добра за целиот регион.
“Таква постапка, без оглед што станува збор за Радован Караџиќ, е добра. Не е добро еден народ да биде заложник за слободата на еден човек. Ќе беше добро ако порано тој дојдеше пред лицето на правдата“, рекол секретарот на СНСД, рајко Васиќ.
Автор на веста: Нетпрес
Објавена на 22.07.2008 09:39:47