Лудилото продолжува
ПОЧНА УБИСТВОТО НА ФАСАДАТА НА ЕВН
Новиот изглед на зградата во која е сместено "ЕВН Македонија" на Плоштад, веќе се гледа. Стаклото од фасадата на првите катови е заменето со бетон. Направени се отвори за прозорци на места каде што досега немало, па од рамките се гледаат цигли. Овој чин скопските архитекти, уште пред да почнат градежните работи, го оценија како убиство.
"Сите објекти се подложни на тековно одржување, но не смеат да се обезличат. Ако на оваа зграда $ се стави барок, тоа би било еднакво на убиство. Јас моите авторски дела ги доживувам како рожби и како субјекти во просторот кои директно влијаат врз расположението на оние што минуваат покрај нив. Ако минувате покрај грда зграда, и вие не се чувствувате добро. Ако, пак, некој ми го менува објектот, тоа е како да ми ја убива рожбата, прави злосторство", ни рече архитектот Трајко Димитров пред три години, кога барокот за зградата на ЕВН беше само во најава.
Тој објасни дека оваа зграда, заедно со зградата на Владата, со нејзиниот поранешен изглед, се првите објекти изградени во интернационален стил, со примена на најсофистицирани материјали во тој момент. Најпозната зграда во светот изградена во овој стил е Сиграм билдинг на Петтата авенија во Њујорк, дело на познатиот архитект Лудвиг Мис ван дер Рое. Под негово влијание го направил своето дело и архитектот Бранко Петричиќ од Србија, автор на зградата во која е сместено "ЕВН Македонија". Трудот на архитектот Петричиќ бил првонаграден на анонимен југословенски конкурс, и добил право на изведба. Објектот почнал да се гради во 1961 година, го издржал земјотресот, а по земјотресот му биле доградени уште два ката.
"Зградата на сегашно 'ЕВН Македонија' беше првиот трендовски објект во Градот. Почна да се гради пред земјотресот и беше првата зграда со фасада по системот ѕид - завеса од алуминиум и стакло", вели архитектот Димитров, кој целиот свој работен век го минал во "Македонија проект" и автор е на неколку репрезентативни објекти во Скопје.
Барокната фасада е трета фасада за објектот. Кусо време откако била изградена зградата, односно во периодот кога се изградил Градскиот трговски центар, се јавила потреба од целосно менување на фасадата, бидејќи била релативно стара и дотрајана. Втората фасада е на архитектот Звонко Никуљски, но тој целосно го испочитувал авторството на Петричиќ, па за лаиците првата фасада и онаа која сè уште стои на погорните катови на зградата, не се разликуваат.
Од ЕВН, кога почна менувањето на фасадата ни изјавија дека Градежниот факултет е задолжен за проектите и за почитување на авторските права на архитектот Петричиќ. Преслекувањето во барок се очекува да чини 4,3 милиони денари, кои заеднички ги обезбедуваат ЕВН и ЕЛЕМ.
(М.И.П.)