На својата прва државничка посета на Македонија, косовскиот претседател пристигна со огромна благодарност за постојаната поддршка на косовскиот народ.
Ниту прецизната изјава на домаќинот дека Македонија сигурно нема да биде првата земја која ќе го признае независно Косово не ја наруши крајно пријателската атмосфера на средбата Сејдиу-Црвенковски.
Според шефот на државата, Македонија нема да избрзува и да ги прејудицира одлуките на ЕУ и НАТО, туку ќе ја следи усогласената политика на Унијата и Алијансата.
Се надева дека нема да дојде до разногласие во Брисел во однос на Косово, не споменувајќи ја Русија во овој контекст.
„Ако после прифаќањето на новиот уставен договор, врз основа на којшто треба да се гради заедничка и единствена надворешна политика на Унијата, на едно од клучните прашања ЕУ не успее да изгради единствен став, тоа е веќе еден сериозен проблем. Јас едноставно не верувам дека тоа ќе се случи“, изјави Бранко Црвенковски, претседател на РМ.
Сејдиу ги потврди плановите за прогласување независност во најбрз можен рок и со согласност на САД и Унијата. Приштина нема план да остане заложник на противниците на независноста.
„Нашата формула е многу јасна, дека Косово ќе биде одговорно заедно со земјите од регионот, да одат напред. Значи, независноста нема алтернатива кај нас. Исто така, Косово ја презема одговорноста за целосна стабилност на останатите земји од регионот“, рече Фатмир Сејдиу, претседател на Косово.
За лидерот на ДПА, посетата на косовскиот претседател е историска.
„Мислам дека дефинитивно Македонија е на страната на правдата. Денеска за првпат имаме ист третман кон државните институции на Косово и државните институции на Србија“, вели Мендух Тачи, претседател на ДПА.
За опозициската СДСМ, добра прилика да се зацврстат пријателските односи и бизнис релациите.
„Посетата на претседателот Сејдиу е уште една добра прилика за потврдување на заедничките заложби за градење на безбедност и стабилност во регионот“, изјави Игор Ивановски, СДСМ.
Косовскиот претседател во Скопје се сретна и со претседателот на Парламентот, како и со лидерите на ДУИ и ПДП.