Остатоците на авионот кријат тајни информации?
Официјална Полска стравува дека во остатоците од авионот на претседателот Лех Качински, кој во саботата се урна во Смоленск, Русија, можеби се кријат и податоци што се државна и воена тајна, пренесува БЕТА. Причината за ваквото стравување е податокот што во претседателското летало беа и началникот на Генералштабот на полската армија, но и командантите за воздухопловство, копнените сили, морнарицата, специјалните сили и на Варшавскиот гарнизон. - Не знаеме што носеа сите тие со себе во авионот и дали во нивните куфери имало и информации што спаѓаат меѓу строгодоверливите - изјави офицер на полската Агенција за државна безбедност. Полските разузнавачки служби стравуваат дека, како што е прекршено правилото и толку многу високи официјални лица од државната управа и целата команда на армијата да летаат во ист авион, е можно истите тие со себе да носеле лаптопи и т.н. „паметни телефони“ за шифрирани безбедносни разговори. Доколку таквите направи дојдат во несакани раце, тоа би можело да предизвика ризик и за откривање доверливи податоци на силите на НАТО. Главниот воен обвинител, полковник Кжиштоф Парулски, кој на местото на несреќата во Смоленск, заедно со руските колеги ја води истрагата на несреќата, за еден полски весник изјави дека полските експерти, заедно со руските, ги вадат сите предмети од остатоците, а по пописот на пронајденото, материјалите без копирање ги праќаат на анализа во Варшава. - Доволно е само да ги промениме кодовите - објасни Мјечислав Тарновски, поранешниот шеф на полското разузнавање. Тој истакна дека се што се вади од калта прецизно е пропишано и не се знае што уште ќе се извади на просторот од стотина квадратни метри. - Многу предмети се уништени, јагленосани, исто како и телата на загинатите. Тоа е авионска несреќа. Не би требало да се најдат носачи на информации со доверливи податоци. Тоа требаше да биде свечена посета и не беа планирани никакви официјални средби. Такви податоци не може само така да се уфрлат во лаптоп и да се носат на пат - вели поранешниот шеф на службата за обезбедување на полските официјални лица, генерал Мирослав Гавор, додавајќи дека Русите, без проблеми, би можеле да дојдат до податоците, но дека тие не сакаат бидејќи со тоа секој би се сомневал дека ја користат трагедијата за лична цел. Според руската истрага, авионот се урнал поради човечка грешка. Во меѓувреме, со специјален авион во Варшава вчера пристигнаа посмртните останки на првата дама на Полска, Марија Качинска, и на 40 жртви од авионската несреќа кај рускиот град Смоленск. Телото на Марија било идентификувано по бурмата на која било изгравирано името на нејзиниот сопруг Лех. Од 96. тела само 14 можеле да се препознаат, 20 делумно, а останатите можеле да се идентификуваат само преку ДНК-анализа. Откако погребната поворка помине низ Варшава, ковчегот со телото на првата дама е поставен покрај нејзиниот сопруг во претседателската палата. Погребната церемонија за полскиот претседател Лех Качински, на која присуство најавија највисоки државни претставници, ќе трае два дена. В сабота ќе се одржи национална комеморативна церемонија, а погребот на Лех Качински и на неговата сопруга Марија ќе се одржи в недела. По загинувањето на претседателот и на половина политички и воен врв, во земјата наскоро треба да се одржат предвремени претседателски избори.
Извор
Не можам да го отворам видеото.
Истрели???