По 18 годишни судири со полицијата, годинашното одбележување на геноцидот врз македонскиот народ во соседна Бугарија, помина без инциденти, дознава „Нова Македонија“. На членовите на здружението ОМО Илинден полицијата им дозволила викендов да се соберат пред споменикот на Гоце Делчев во Благоевград и да положат венци цвеќе. Изминативе десетина години вакво нешто беше незамисливо и редовно доаѓаше до „блиска средба“ помеѓу ОМО Илинден и полицијата во Благоевград.
- Повеќе од 10 години не ни даваа да одиме на споменикот на Гоце Делчев.
Годинава за прв пат немаше забрана. Сепак, полицијата ни одзеде еден плакат на кој пишуваше за геноцидот на Македонците во Бугарија, а на нашиот член Атанас Ордев му беше одземен и фото- апаратот - ни изјави Кирил Иванов од ОМО Илинден.
Но, и покрај ваквиот инцидент евидентно е дека полицијата попушта. Тоа се должи на засилениот мониторинг на меѓународната заедница по влезот на Бугарија во ЕУ, но и на судските спорови што припадниците на македонската заедница ги водат пред меѓународниот суд во Стразбур, сметаат од Здружението.
Во Бугарија постојат две асоцијации на Македонците, ОМО Илинден и ОМО Илинден-Пирин од кои првата дејствува како невладина организација, а додека другата како политичка партија
Европската комисија минатата година побара од бугарските власти да дозволат регистрација на партијата на Македонците, но тоа се уште не се случило. Врховниот суд на Бугарија ја одби регистрацијата на партијата со образложение дека во документацијата имало пропусти од правен карактер.
Од партијата на Македонците во Бугарија ги негираат ваквите тврдења нагласувајќи дека се работи за гола политика и притисок врз судската власт.