После една од најдосадните први рунди во последните 10-15 години, втората рунда полека но сигурно ја вжештува битката за титулата. Уште од старт беше горе долу јасно дека 3 серии ќе го решат шампионот:
ОКЦ - Сан Антонио (2 рунда Запад)
победникот - Голден Стејт (финале запад)
победникот - Кливленд (финале)
На некој начин сите останати екипи само играат колку за да стигнат до моментот кога ќе се судрат со овие 3.5 екипи (3.5 затоа што ОКЦ има капацитет за да оди до крај но немаат никаква константност). Толкава разлика меѓу најјаките и остатокот од лигата не знам кога последно имало. Тотална доминација на GSW, SAS и CLE. Фантастични сезони, извонредни состави, спектакуларна кошарка. GSW и SAS со две од најдобрите 5-6 сезони во историјата. Кливленд во стилот на Лејкерси од пред 15тина години (несериозни во регуларната сезона, монструзно добри во плејофот). И се ова во иста сезона. Обично една ваква "историска" екипа добиваме по сезона и таа најчесто ја освојува титулата. Сега имаме 3 и е тешко да се прогнозира како ќе финализира овој плејоф. Стартот предвидлив и "досаден", финишот ќе биде "за милина".
Мал осврт за "споредните" екипи во плејофот (затоа што за многу скоро ќе ги заборавиме во натпреварувачки аспект се до Октомври):
Торонто - Ќе се бори за за нив историски успех пласман во финале на Истокот. Тоа е и повеќе отколку што има капацитет оваа екипа. Едноставно иако имаат некои одлични играчи, во една ваква состојба на НБА со 3 историски извонредни екипи нема што да бара ниту во близина на врвот. А ова е веројатно врвот на оваа екипа. Lowry не верувам дека уште долго ќе издржи, DeRozan можно е да си замине...
Мајами - На искуство може да се протне и до финалето на Истокот, но сепак имам впечаток дека не е ова состав кој има капацитет за некој особен резултат. Сполстра добро ја скоцка екипата како што одминуваше годината, но без Бош ова не е екипа која може да направи нешто повеќе. Штета бидејќи уште една ваква шанса во ерата на Вејд може и да не добијат (Wade е се постар, исто и Deng и Johnson, Whiteside има големи шанси да си замине...)
Атланта - Според мене и за нијанса подобра екипа од Торонто и Мајами, но против еден вака разигран Кливленд лесно може да се види разликата меѓу 3те фаворити и остатокот од лигата. Атланта мислам дека ја очекува посериозен ремонт летово па ќе видиме дали ќе може повеќе идната сезона, или ќе тргне работата надолу.
Портланд - транзициската сезона отиде далеку над очекувањата. Против Голден Стејт и без Curry немаат никакво шанси но ова е добра можност за собирање искуство. Интересен пример дали ќе може да продолжи нагоре екипата или ќе стагнира.
П.С. За прогнози за шампион има време, но ми се чини дека ќе бие чудо ако Сан Антонио ја освои титулата. Да добиеш три последователни серии против Оклахома Сити, Голден Стејт и Кливленд (12 победи од макс 21 натпревар во 40-50 дена) ми се чини дека е неизводливо дури и за Попович и компанија.