СПОРТСКИ РЕЗИЛТАТИ 2015
1. Не помогна ни г.г. Стефан
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија на почетокот на 2015 беше на благослов кај поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архепископија, г.г. Стефан. Како му мина годината, поарно да не одеше.
Поправањето на состојбите во македонскиот фудбал не може да му се препушти на Бога, освен ако Илчо самиот не се чувствува како Господ, со оглед на фактот дека си го заштити сопственото достоинство со воведувањето на т.н. вербален деликт. И покрај тоа, првиот човек во македонскиот фудбал не беше поштеден од навредите – од комитите“, од прилепската публика, од Горан Попов...
Благословот не излезе на арно, зашто македонскиот фудбал го допре дното – стаса до за него најболното досега 139. место.
2. Дебело заглавени борачи
Олимпискиот стипендист Дејан Митров, кој е меѓу привилегираните – добива по 800 долари секој месец за подготовки, беше толку неодговорен што за главниот квалификациски турнир за „Рио 2016“, Светското првенство во Лас Вегас, се здебелил и воопшто не настапи во својата, олимписка категорија – до 65 килограми, туку во потешката – до 70 кг и мина како што мина: загуби уште во првата борба со технички туш – 0-10!
Можеби него го утеши што не беше единстевниот со максимален пораз, зашто слична судбина во „градот на комарот“ имаа и преостанатите. Ќе потсетиме на црната статистика на овој Мундијал - на душекот, Митров помина 175 секунди, Халил Зубаиров 280, Јасин Реџалари - 270 секунди, зашто не издржаа до крајот на борбата. Тимур Хамикоев и Бобан Данов барем истуркаа цели две рунди. Петтемина вкупно освоија еден поен, наспроти 44 на противниците!
Борачите ни се дебело заглавени, толку многу што и новиот претседател, препознатлив по успесите во борењето, Ванчо Чифлиганец, тешко ќе ги одглави. Но, МОК не се откажува од нив ни од нивното финансирање.
Веројатно затоа што и нема голем избор.
3. Таа проклета металургова „13-ка“
Многу прав се крена со повлекувањето на дресот со
број 13, по заминувањето на клупската икона на ракометниот гигант Металург, Филип Миркуловски, а кој потоа му беше доделен на новодојденецот во Автокоманда, Давид Шпилер. Најверниот меѓу „металурзите“ (12 години стаж во синиот дрес), неполни девет
месеци откако замина, беше предаден.
Клубот се бранеше дека само некои медиуми непотребно кревале прав (знаеме на кого мислеше), но дека сме во право потврдуваат најновите вести оттаму – Шпилер си заминува, иако може да се каже дека не одигра ни 12 натпревари, камоли 12 години. За толку беше жртвуван популарниот „Жути“.
Туку, не беше тоа единствениот гаф на Металург. „Спортмедиа“ беше виновна и кога откри дека Лино Червар е должник и кон Управата за јавни приходи, и тоа ни помалку ни повеќе туку за 30.000 евра.
Е, барем да беше само тој долг. Уште многу ќе треба да расчистува некогашниот двократен четврт-финалист во Лигата на шампионите. Кон играчите, кон публиката...
4. „Филип Втори“ и ливадите
Најголемиот и најскапиот стадион, не само во Македонија, не беше претерано гостопримлив годинава. Неколкупати ги бркаше „своите“ клубови Вардар и Работнички, кои мораа да се селат во Ѓорче Петров, Маџари, Велес...
Најголема болка на националната арена е лошиот терен, кој да потсетиме беше неколкупати коригиран по неговото возобновување што се случи само пред неколку години. Ако мораше годинава толку да се чува, како ли ќе биде во 2017, кога „Филип Втори“ треба да биде домаќин на Суперкупот на УЕФА? Протераните Вардар и Работнички со време нека си бараат нов
дом.
Но не е само најголемиот стадион проблем. Откако се фрлија милиони за непотребни помошни фудбалски игралишта во села каде што не можеш 20-тина млади мажи да собереш за да играат фудбал, а камоли фудбал да развиваш, сега ФФМ се сврти кон реконструкција на неколку стадиони во земјава. Тоа требаше еднаш да се случи и нормално е што предизвика хаос во првенството, кое е на граница на регуларност, но големо прашање е дали сѐ ќе се заврши до почетокот на наредната сезона?
Не веруваме дека не можеше поинаку.
5. Се распаѓа триумвиратот на Заре
Младинските репрезентативци во кошарка ќе ги бира тричлена комисија, составена од спортскиот директор Заре Марковски, координаторите Душан Боцевски за машки и Стојна Вангеловска за женски селекции, како и идниот селектор во секоја возрасна категорија посебно. Уште не ни заживеа овој триумвират, а веќе едниот член се повлече – Душан Боцевски.
И покрај сė, актуелниот спортски директор на МКФ продолжува со политиката на цврста рака и со процесот на централизација на моќта. Дури и судии се повлекуваат поради промените во МКФ, кои во секој случај не се на арно, а згора и касата е празна, а хипотеките од тепачки, неуспешни преговори за селектори, заминувања на оние што ги сметаа за лојални, преписки со екс-репрезентативци, казни за клубови, оставки на клупски челници - растат.
Да потсетиме, ова раководство дојде во април. Со цел да донесе промени на подобро, а тие за осум
месеци направија непроценлива штета.
6. Одбојкарски автобус, втор дел
Одбојкарската федерација на Македонија годинава барем за нијанса се поправи во споредба со лани, па ја намали километражата што репрезентативците ја минаа – во автобус. Веројатно ќе беше премногу и до Естонија да „веслаат“ во неудобни седишта со денови.
Тоа како да ги мотивираше дополнително македонските одбојкари во црвено-жолти дресови, па годинава постигнаа уште поголем успех од лани – сребро од Европската лига и прво финале за Македонија, макар и во „второлигашка“ конкуренција (иако подоцна победникот на лигата, Словенија, беше пријатно изненадување и на елитното Европско првенство).
Да се надеваме дека во 2016 година, одбојкарите ќе ги добијат условите коишто ги заслужуваат. И да ги „проколмнеме“ - со автобус да се возат само од аеродром до хотел, и од хотел до сала!
7. Дрскоста на фудбалската мафија
До каде може да оди дрскоста на т.н. фудбалска мафија се уверивме на средбата на Б-тимовите на Шкупи и Вардар. Двата клуба не сакаа да гопродолжат натпреварот, по судиска лакрдија на стадионот во Чаир, во која главниот арбитер Дејан Младеновски досудил три пенала за домаќинот (и на нивно големо чудење), а полувремето го продолжил за 12 минути за да даде Шкупи гол по секоја цена
Судиите беа повикани на разговор во МВР. Очекуваме расчистување на случајот, за кој се надеваме дека нема да мора да заврши во Специјалното јавно обвинителство.
8. Натпревари без лекари
Повеќе македонски клубови, меѓу кои и богатиот МЗТ Скопје, свесно не ангажирале лекар за младинските натпревари на своите екипи, бидејќи тоа им било поскапо отколку да ѝ платат казна на Федерацијата.
На кого повеќе да му се чудиш – на Македонската кошаркарска федерација која со вакви казнени мерки стимулира криминално однесување, или на етиката на клубовите кои со сите сили ги „мамат“ младите да тренираат во нивните јуниорски погони, а ги фрлаат во оган под ризик да не добијат навремена и соодветна помош во случај на евентуална повреда, со ризик и за потешки и несакани последици. МКФ, пак, наместо да се обиде да ја признае „наследената“ грешка и итно да ја поправи, проблемот го решаваше со – необјавување на билтените од младинските лиги, преку кои „Спортмедија“ ја откри оваа сериозна аномалија.
Работава не е за чудење, туку за – судење! Ако има ред во државава, мора да има ненајавени независни инспекции, во која ќе се проверува дали се почитува Законот за спорт и Законот за здравствена заштита, а виновниците остро да ги казнува за да покаже грижа кон македонската спортска иднина и младина.
9. „Шопингот“ на МЗТ Скопје
МЗТ Скопје годинава беше рекордер според промената на тренери на клупата и според промената на странски играчи на паркетот. Од тој „шопинг“ на крајот ефектот беше слаб – премногу фрлени пари за пласман при дното на табелата во АБА-лигата и неосвоен домашен Куп. Среќа, барем за навивачите на клубот, што во последен момент сезоната беше спасена со освојување на првенството.
Инаку, истиот тој МЗТ Скопје, кој беше гласноговорник во барањата за промени во Федерацијата и за зголемување на бројот на странци, си премолча кога новото раководство најави кратење на бројот на бесполезни ветерани од регионот кои ни го цицаат тенкиот кошаркарски денар, а им го фаќаат местото на нашите таленти кои се помалку ја греат и клупата, а камоли да се на паркетот, зашто за нив често нема место и – меѓу резервите.
10. „Висококалоричен“ допинг
Македонија годинава ги доби највисоките казни досега за допинг: фудбалерот Аријан Адеми и атлетичарката Христина Ристеска заработија четиригодишна забрана за занимавање со својот омилен спорт.
Во тек е акцијата за легализација на марихуаната за медицински потреби. Цета е да им се помогне на беспомошните на кои медицината не може да им помогне.
Како тргнало, можеби ќе треба да се легализира конопот и за – спортски потреби! Не друго, за да не се клукаат Адеми и Ристеска со стероиди и станозолол!