Мислам дека иронија и беше постот!
ps. Кога порано требаше, во времето на Енвер Хоџа ли?
Веќе подолго време Хоџа го нема, ама нема ни училишта на македонски.
ДНЕВНИК: И Господ го заборави Голо Брдо
Голо Брдо, населено претежно со македонско население, е еден од најсиромашните региони во Албанија, таму уште не стигнал асфалтот, немаат водовод, но овие витални луѓе не ја губат надежта Сместена во пазувите на планината Радуч, на 420 квадратни километри камен предел, на надморска височина од 1.100 метри се наоѓа областа Голо Брдо, еден од најсиромашните региони во Албанија. За да стасате до Голо Брдо, не треба да прашате колку километри има до таму, туку за колку време се стигнува, зашто без разлика дали одите од Либражд (60 километри) или од Булќиза (30) ќе ви требаат часови. Ние тргнавме по покусиот пат, тој што со Булќиза областа ја поврзува Требишки мост. Мостот зад кој остануваат сите знаци на цивилизацијата. Оштетениот макадамски пат, со многу опасни свиоци, со теренско возило го минавме за повеќе од три часа. Уморот од напорниот пат го победувавме пиејќи изворска вода, а сите маки се забораваат со првата средба со жителите од областа и нивната питомост и гостопримливост. Среќни и зачудени, зашто, како што велат, не ги посетил со години ни албански ни македонски новинар за да кажат како живеат. - Ви благодарам што сте дојдени овдека, да видите како живееме ние тука. За нас никој не се интересира, па дури ни вие новинарите - вели разочарано Члирим Толја. Областа Гора има 22 села, од кои 18 се населени исклучиво со македонско население, другите четири се со мешан етнички состав, Македонци и Албанци. Функционираат три општини. Најголема е општината Острени, која опфаќа 13 села, со над 4.400 жители - вели секретарот на општината, Ќани Муча. - Имаме школи, болницата ја обновивме, имаме направено нова општина, патот не е добар, но планираме од општината да го асфалтираме - додава Муча.
ЕДЕН КУП ПРОБЛЕМИ
Жителите просто се натпреваруваат кој прв да дојде до збор за да ги кажат маките, проблемите што им се секојдневие: „Немаме вода, немаме пат, можностите за вработување се никакви, но надеж има“, велат тие. До пред петнаесетина години во областа живееле над 35 илјади жители, а денес само околу 15 илјади. Дел се иселиле во други градови во Албанија, помал дел во Македонија, другите во Италија и Грција. Заминале на привремена работа, но останале со години. Миграцијата најмногу го погодила село Тучепи, каде што од стотина, сега има само четири домаќинства, кои постојано живеат таму. Фарија и Сабрија ги сретнавме сред село. Нивните шест деца се на печалба во Грција. - Работа овде нема, каква работа. Никаква помош немаме. Никој не дошол ни да ни помогне ни да не' види како живееме по земјотресот од септември - се жалат двете. Кога ги сретнавме, двете разговараа на македонски. Им велам, македонски зборувате. „Да, ние секогаш си зборуваме македонски“, одговорија двете во исто време.
Иако македонскиот јазик им е мајчин и го зборуваат дома, бидејќи не им се признава статус на малцинство, образованието го следат на албански јазик. - Дома сите зборуваме македонски, а во школите и во институциите задолжително албански - вели општинскиот секретар Муча. Во поголемите населени места функционираат деветолетки, во помалите, подрачни четиригодишни училишта. Во деветолетката во Острени има околу 400 ученици. „Правиме напори од наредната учебна година да почне да функционира и средно училиште, кое ни е неопходно“, вели директорот Шефќет Муча. Поради немање средно училиште неколку деца од оваа област се школуваат во Македонија. Една од нив е и 15-годишната Етилда Тоља, која е во прва година во Средното идустриско училиште во Прилеп. - Во почеток ми беше тешко. Но, сега ми е многу убаво, имам многу другарки, професорите се добри. Им порачувам на моите врсници да го продолжат школувањето во Македонија - вели таа.
БЕЗ АМБУЛАНТНО ВОЗИЛО
Кога станува збор за здравствената заштита, речиси во сите села постојано е присутен средномедицински кадар. Во Острени има Здравствен дом со лекар, акушерка, лице задолжено за вакцинации и две медицински сестри. - Најнеопходно ни е амбулантно возило. Ова е изразито ридско планинско подрачје. До најоддалеченото село, кога временските услови се неповолни, потребни ни се три часа пешачење, а и градот од тука е на иста временска оддалеченост - вели доктор Наим Шеху. Жителите не кријат дека кога имаат тешко болни, поради близината, ги транспортираат до Дебар, но преку се' уште неофицијалниот премин Требиште-Џепиште. Тоа поради хуманост не го спречуваат ни албанските ни македонските погранични полицајци. Со отворањето на преминот Требиште-Џепиште, кај Дебар, кој функционирал до педесеттите години од минатиот век, поради близината од само половина час, очекуваат свои земјоделски, сточарски и други производи да пласираат на пазарот во Дебар, а оттука да ги купуваат најпотребните прехранбени и други артикли. Го напуштаме Голо Брдо, кон квечерина, по истиот макадамски пат со одекот на стара македонска песна од тој крај, која како поздрав ни ја испеаја децата, пресреќни дека на јазикот на кој зборуваат сега знаат и да читаат и да пишуваат.
Курсеви по македонски јазик
По барање на родителите, преку партијата Македонска алијанса за европска интеграција и граѓанската асоцијација „Не' има“ од Прилеп во четири села во тек се курсеви по македонски јазик. Ги следат околу 200 дечиња. Иницијативата за тоа ја презел Едмонд Османи, еден од тројцата советници од македонската партија во општина Требиште. По Острени, сега вакви курсеви се во тек и во селата Ладимерица, Требиште и Клење.
http://www.netpress.com.mk/vest.asp?id=66328&kategorija=7