Главата горе, се може и без Горан Пандев
Најдобриот македонски фудбалер во моментов, фудбалерот на Интер Горан Пандев, се дрзна да и соопшти на јавноста дека веќе нема да игра за репрезентацијата поради тоа што бил разочаран од однесувањето на публиката и од третманот што А-тимот го имал воопшто. Нималку капитенски, иако за овие квалификации ја доби честа да ја носи лентата на својата рака, во најлош можен момент пред важните дуели со Андора и со Русија, Пандев со оваа изјава до максимум ја вжешти и онака многу нервозната атмосфера во таборот на селекторот Мирсад Јонуз. Наместо да се обиде да дејствува смирувачки и, ако не може играчки, барем вербално да ги поддржи другарите од А-тимот, струмичанецот себично, како што многупати досега се однесувал и на теренот, му заби нож на и онака полумртвиот македонски фудбал.
Немаше вчера ниту еден љубител на фудбалот што мирно ја дочека веста за откажувањето од Македонија на најефикасниот на репрезентацијата. Но како никогаш досега сите го осудија тој потег, многумина го нарекоа кукавички и себичен, а мнозинството го оквалификува како крајно невнимателен и со лош тајминг.
Можеби и со право, откако струмичанецот направи очајно лош маркетинг, најмногу за самиот себеси, зашто иако е наш најдобар фудбалер, екстра-квалитетот го покажуваше само на натпреварите за неговите клубови Лацио и Интер, а факт е дека, иако вложуваше многу труд, не се памети негова добра партија за македонската репрезентација.
Аргументите на Пандев дека си оди поради лошиот однос на публиката спрема него и националниот тим воопшто не држат, зашто навивачите имаат право за парите што ги даваат да влезат на натпреварите, да демонстрираат незадоволство на секаков начин, секако ако тоа е во рамките на ненасилничко однесување. Така што, ако публиката со овации ги испрати македонските фудбалери по поразот дома од Шпанија (2-3), кога видоа како играчите го оставаат срцето на терен, исто така има право со концерт свирежи да го осуди „балетанскиот“ пристап на дуелот со Ерменија (2-2), меч што, според Пандев, ја прелеал чашата на незадоволство. Исто така, навивачите имаат право да бараат големи резултати, особено што гледаат дека пристапот на играта во клубовите и во репрезентацијата воопшто не е ист. И на крајот на краиштата, свирежите на навивачите на дуелот со Ерменија не беа само за Пандев туку за целиот тим, на чело со стручниот штаб, па никој од преостанатите не се дрзна да се откажува од понатамошно играње. И нека се запраша нашиот најдобар фудбалер како им е на најмалите, чиј идол е токму тој, кога го гледаат миленикот како само тој молчи кога се изведува македонската химна пред почетокот на натпреварите. А во училиштата учат дека пеењето на химната е најсветото нешто кога станува збор за бранење на државните бои.Прашањето е зошто Пандев внесува немир во тимот токму во овој момент, кога пред Македонија се два меча, гостувањето кај Андора и мечот дома со Русија. Напаѓачот на Интер не е од вчера македонски репрезентативец и секогаш ги слушал свирежите на трибините, зашто публиката воопшто не е сменета. Каква-таква, разгалена или не, македонската фудбалска јавност многупати нелогично постапувала спрема најдобрите македонски фудбалери, но на крајот на краиштата, секогаш била на нивна страна. А на Пандев тоа не му пречеше кога беше фудбалер на Лацио со само една освоена (куп) титула, а наеднаш му стана главна болка откако минатата сезона со Интер освои сé што можеше да освои како професионален клупски фудбалер. За да го има досието перфектно, му недостига само учество на некое големо репрезентативно натпреварување, Светско или Европско првенство. Но од таа шанса, Пандев се откажа многу лесно...
Болеста што ја имаше кошаркарот Петар Наумоски, а ја прележа и ракометарот Кирил Лазаров, го фати и Пандев. Веројатно славата и парите на македонските спортисти многу често им удираат во глава и, наместо да дојдат и да даваат максимум секогаш кога треба, тие на најмала пречка се откажуваат и многу лесно му вртат грб на националниот грб. И секогаш грешката ја барале кај другите, никако кај себеси. А за споредбата да биде квалитетна докрај, многупати досега сме се радувале на победите на Македонија, благодарение на кошевите на Наумоски и на головите на Лазаров, но истото не може да се каже и за Пандев. Ексклузивноста да се радуваат на неговите успеси секогаш ја имаа само навивачите на Лацио и на Интер...
ова е извадок од дневниот весник нова македонија со кој во потполност се согласувам!!!
АКО ОВА ЗА ОТКАЖУВАЊЕТО НЕ Е ИЗМИСЛИЦА ОД ВЕСНИКОТ КОЈ ГО ОБЈАВИЛ, ТОГАШ ЈОНУЗ И НЕ ТРЕБА ПОВЕЌЕ ДА ГО ВИКА!!!