26. The Time Machine - George Pal (1960)
Прегледај го приврзокот 405520
Како што Moviespotting го должи своето име на филмот Trainspotting, а Film Club на Fight Club, така Филмскиот времеплов е „крстен“ по овој филм. Веројатно првата екранизација на класичниот научно-фантастичен роман на Херберт Џорџ Велс со истото име „Временска машина“ или „Времеплов“ (од мое време). Романот ми е една од омилените книги од детството. Во мое време беше лектира за 5 одделение и иако јас и пред тоа имав прочитано и многу повеќе од што се нудеше на списоците за задолжителна лектира од 1-4 одделение, токму „Времеплов“ беше иницијалната каписла да се вљубам до таа мера во книжевноста што потоа водеше до тоа и да студирам книжевност. Романот е прекрасен, се уште ми е криво што со последните измени на списокот за лектири за основно, од 2019 беше укинат како задолжителна лектира, зашто навистина вреди да го прочита секое дете: не само што ја продлабочува детската имагинација, го носи во светови во кои претходно не бил (научно-фантастични), туку и го тера да размислува - кон што се движи човештвото и што ќе се случи со нас по околу 800 000 години.
А екранизацијата - прекрасна! Со прекрасни визуелни ефекти за што сосема заслужено филмов има земено Оскар, ме врати повторно во времето кога со задоволство ја читав, препрочитував и прераскажував на моите со таков восхит како јас да сум ја напишал. Една единствена замерка - јас Елоите не ги замислував како луѓе, не ни беа така опишани во романот. Во филмов изгледаше како Морлоците да еволуирале и физички и психички од човекот, но Елоите физички се буквално идентични со денешниот човек, само без емоции, без љубопитност, без желба за живот, без воопшто да размислуваат за утре или вчера, мислејќи дека тоа им е предодредено. Буквално: луѓе без жар. Во романот беа суштества, бледи, ниски, поразлични од денешниот човек. Или барем јас така ги замислував. Како и да е, уживав во филмов подеднакво колку и во „Времеплов“ во петто одделение! 9/10