Добро мме, двајца од тројца учители го расплакаа детево. Потоа кога победи на трката еуфорично се сликаа со него, а никој, ниту еден, дури ни фотографот не се запраша зошто е тажно. Се надевам дека никогаш нема да бидам слепа пред детски емоции. Ми се допадна што како контратежа, малку заобиколено се начна и темата за важноста на добриот педагог преку ликот на наставникот кој му го подари пенкалото. Не го сакам принципот награда/казна, но беше поттик во прав момент, мало сознание дека секогаш следат убави нешта кога некој се труди.
Делот кога бараа работа во богатата населба ми беше доста мачен, посебно кога татко му се збрка на двапати. Насмевката што му ја упати на Али кога му помогна, ја протолкував и како нежна благодарност и како тивок пораз. Единствено во моментите кога си играше со малиот Алиреза, Али беше дете, дете кое чувствува безгрижност. И тоа е навистина тажно.
Релацијата која ја имаа со Захра беше чиста форма на љубов. Или барем јас како единица ја доживувам како таква. Меѓусебната пожртвуваност, трепнието кое го имаа еден за друг. Захра, колку мили очи, сонце!
Прекрасен филм, лекција како да се биде подобар човек. 8.5/10