Вардар: Балкане, Балкане, мој...
Балкане, Балкане, мој...Популарниот рефрен од познатата песна на рок-групата „Азра“ одекнува во Скопје. И тоа директно во собранието на град Скопје, под чија надлежност во моментов функционира најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар. Намерата е јасна, Вардар сака да биде дел од натпреварувањето кое е во зародиш, Балканскиот куп, кој најверојатно ќе биде формиран од 16 екипи од неколку земји од нашето поблиско и подалечно опкружување. Овој Балкански куп првично би се играл по турнирски систем, а потоа, доколку идејата профункционира и спонзорски се заокружи, тогаш во иднина треба да прерасне и во Балканска лига.
Она што најмногу ги интересира љубителите на фудбалот во Македонија и пред се фановите на Вардар, е дали во опциите влегува и името на најтрофејниот македонски клуб. Засега, според зборовите на претседателот на „црвено-црните“, Зоран Шишковски, Вардар е „ин“, барем во оние неофицијални телефонски разговори, а допрва треба да пристигне и официјална покана на адресата на клубот, за присуство на форумот на клубови што ќе се одржи на 15/16 ноември во Софија.
„Вардар е во плановите за формирање на Балканскиот куп, натпреварување кое подоцна треба да прерасне во Балканска лига. Имавме контакти со претставниците на Црвена звезда, кои се и главните иницијатори за формирање на едно вакво натпреварување и тие истакнаа дека има интерес Вардар да биде дел од едно вакво регионално натпреварување. Секако, и ние го гледаме нашиот интерес таму за еден побрз и глобален развој на најтрофејниот македонски клуб, па секако ќе присуствуваме на форумот што ќе се одржи во Софија“, вели Зоран Шишковски.
Примамливо е, нема што, Вардар на мегдан со екипи како Црвена звезда, Партизан, Галатасарај, Фенербахче, Стеауа, Левски, ЦСКА Софија...Се уште не е ништо дефинирано, но Вардар се надева дека ќе добие покана да биде единствен претставник на Македонија во Балканскиот куп, покрај петте други држави кои ќе имаат по три претставници, Србија (Црвена звезда, Партизан, Војводина), Бугарија (Левски, ЦСКА Софија, Локомотив Пловдив), Турција (Галатасарај, Фенербахче, Бешикташ), Романија (Стеауа, Динамо Букурешт, Рапид Букурешт) и Грција (Панатинаикос, Олимпијакос, ПАОК)...
„Добивме преубава арена „Филип Втори“, која сега до пролет повторно ќе се реновира и потоа ќе биде пуштена во употреба со нов тревнат терен и атлетска патека. Сакаме да го видиме полн „Филип Втори“ кога Вардар ќе игра на нашиот најголем стадион, а токму едно вакво регионално натпреварување е вистинското решение за тоа. Како претседател на Вардар можам да кажам дека имаме мотиви и амбиции да бидеме дел од Балканскиот куп, но да почекаме до средината на ноември, за да ги слушнеме сите размислувања, предлози, ставови и на другите клубови од Балканот“, истакнува Шишковски.
Доколку Вардар влезе во фудбалската шема на Балканот, тогаш дефинитивно ќе биде потребно и комплетно реновирање на составот. Овој Вардар, што во моментов го предводи Илчо Ѓорѓиоски, е многу посилен од минатогодишниот, се искачи на првата позиција на табелата и е фаворит за освојување на шампионската титула, но во Софија доби вистинска лекција од ЦСКА на пријателски натпревар и загуби со 4-0.
„Дефинитивно ќе ни бидат потребни многу нови засилувања. Можеби десетина, за да можеме да се носиме со најквалитетни балкански фудбалски екипи. Тоа е еден сосема нов и многу посериозен проект. Но, се уште не би зборувал за нешто такво, затоа што треба да почекаме и да видиме како ќе се одвиваат сите активности околу формирањето на Балканскиот куп“, заврши претседателот на Вардар.
Едно е јасно, Вардар има желба. Дали и останатите клубови од Балканот имаат желба и интерес да има тим од Македонија во Балканскиот куп, останува да покаже времето. Не е далеку средината на ноември, по форумот на клубовите што ќе се одржи во Софија можеби многу работи ќе станат појасни. Но, тука има многу, многу крупни и ситни детали што ќе треба да се решат. Пред се финансиската конструкција, потоа термините на одигрување на мечевите, по турнирски или по лигашки принцип, дали конечно и политиката ќе остане надвор од спортските терени...
Идејата е прекрасна, желбата и инцијативата не се спорни, останува најтешкиот дел - реализацијата.
http://ekipa.mk/News.aspx?newsId=2157