Од фејсбук профилот на Комити Скопје.
Овој текст е наменет за вас. Вие кои никогаш нема да разберете што значи Вардар. Вие кои никогаш не сте го дишеле Вардар. Вие кои никогаш не сте се молеле на иконата со црвено-црна боја. Вие кои никогаш не дознавте дека Вардар беше единствениот клуб од „големите” во Југославија кој никогаш на своето лого немаше петокрака. Вие кои поверувавте на лажните пророци дека некој друг клуб е „македонскиот бренд.” Вардар не е бренд, Вардар е светост. Тоа е тој Вардар кој го сака еден Аце што работи на брод кој плови некаде по светот во моментов. Тоа е Вардар кој го сакаат и во Америка, во Австралија, во Азија, а верувајте ми и во Африка. На сите тие континенти има барем по еден Македонец кој го познавам и го сака Вардар. И секој од нив би платил тон пари за да биде во Скопје во сабота, но не може.
Вие не му требате на Вардар. Сите вие кои навивате за секој македонски клуб, кои навивате за двата скопски клуба, вие на кои ви е „сеедно кој ќе оди во Келн, само нека биде македонски клуб.” Вие кои до вчера се крстевте во „македонскиот бренд” и „месијата” од пријателска Хрватска. Не му требате на Вардар вие кои се чувствувате „повикани” да ги нарекувате Комитите „банда хулиганска,” вие кои не можете да сфатите дека една фрлена паричка никогаш не може да се мери со милиони капки пот, крв и солзи. Не му требате вие кои навивате за полицијата кога тепа наши деца, бидејќи вие никогаш не почувствувавте што значи страст и љубов кон еден клуб. Бидејќи ударот врз тоа дете е удар врз Македонија. Нема потреба да доаѓате во сала. Нема потреба да се чекирате дека сте таму за да собирате лајкови. Девојките и момците ќе ве сакаат и без тоа. Нема никаква потреба да правите селфи со играчите во позадина. Правете го тоа на плажа, во парк, на Водно, ставајте фотки од празни флаши, полни чаши и нови патики. Подарете ги картите на некој кој вистински го сака Вардар. Останете дома, гледајте на телевизија, па во моментите кога ќе губиме и ќе ви дојде она „ете, македонска работа, глупи се, знаев дека ќе изгубат” сменете го каналот. Или гледајте добар филм, слушајте музика, излезете на кафе и прошетајте го градот. Водете љубов. Резултатот ќе го дознаете секако.
Во сабота на Вардар му требаат само оние кои живеат за него. Оние кои без двоумење даваат дел од својот скромен буџет за една карта, за една тетоважа со тоа гордо „В,” за еден шал кој честопати е натопен со крв. Е тие му требаат на Вардар. На Вардар му требаат оние кои го гледаа и со Борац, Нексе, Тинекс Пролет и со Јафа промет. На Вардар му требаат оние кои имаа пелин во устата кога не грбачеа вештачките од предградието и зелените од Битола. Му требаат сите оние кои излегуваа од такт кога оние кои не можеа да ни ги купат со пари ни ги купуваа со многу пари. Кои не им ни требаа, но ги земаа за да го ослабат Вардар. На Вардар му требаат оние кои чекаа со часови пред Расадник за да ги гледаат големиот Пепи Манасков, Данило Брестовац и Аце Станковски. Да, некогаш Вардар играше и таму. Тогаш имавме мала, студена сала и големи, топли срца. Сега имаме голема, топла сала, но оние со големите срца се се помалку.
Јас не ве мразам вас бидејќи не можам да мразам Македонци. Само ви покажувам како ќе изгледа нашиот свет во сабота. Ви кажувам дека навивањето за два клуба е лицемерие.
Но можам да ги мразам Фленсбург зошто не знаат дека цената на седумте искинати свети дреса ќе биде седум литра крв.
Видов и ликови кои ги продаваат картите за натпреварот. За нив картите се можност за десеткратна заработувачка. За нив Вардар е пари, за нас е живот.
Немојте да доаѓате, барем една вечер оставете го Вардар на вистинските вардарци, на оние на кои честопати Вардар им е причината за постоењето. Оставете не сами за да си се сакаме искрено, онака детски. Заради тоа што успехот ќе биде на сите, а неуспехот само наш. Заради тоа што ако успееме сите ќе славиме, а ако изгубиме ние ќе гледаме во една точка и ќе се прашуваме каде згрешивме, а вие ќе си продолжите низ животот како ништо да не се случило. Затоа што нас поразите вистински не болат.
И бидејќи секогаш сме толку многумина во победите, а толку малкумина во поразите.
ЕДЕН ЖИВОТ, ЕДНА ЉУБОВ. НАПРЕД ВАРДАР!!!