Многу ми е криво што не победивме. И не поради последниот краен напад кој го имавме ние. Туку општо за целиот натпревар. ПСЖ беше лош, криво ми е што и Вардар беше исто така многу лош и не успеа да го победи овој ПСЖ, кој е заснован врз индивидуалните потези на Копљар и Хансен.
Вардар не победи затоа што многу грешеше. А, ПСЖ мудро ги искористи тие грешки. За разлика од нас, Металург тие грешки ги сведе на минимум и ги искористи пукнатините во одбраната на Французите.
Во прво полувреме, очајни во одбрана и очајни во напад. Премногу лесно ПСЖ даваше голови, особено од втора шанса. Три-четири гола паднаа на тој начин. Ептен е демотивирачки, за голманите посебно.
Нападот со сила, не само во прво полувреме, туку и во останатиот дел од натпреварот. 24-те гола нека не не залажуваат, знаеме дека тоа беше се на мускули. Во вториот дел одбраната значително се подобри, во последните најбитни моменти дадоа се од себе. Нападот горе-доле беше ист, само што контрите ни беа многу поефикасни и им скинавме бод на ПСЖ со нивното оружје кое го користеа во прво полувреме.
Претерани исклучувања. Судијата секој контакт го санкционираше со две минути. Не беше секогаш во право. Во прво, имаше миниму 4 исклучувања, тоа ти се 8 минути со играч помалку, против големи имиња на светскиот ракомет.
Аматерски грешки при додавање, немање идеја што понатаму во нападот.
Бековите тотално разочараа. Прибак беше добар на почеток, потоа и тој се изгуби. Имаше некои несфатени потези и тоа баш во моментите кога се кршеше резултатот. Истото важи и за Карачиќ. Потфрли скроз вечерва, само се плеткаше во средина. Немаше корисни додавања и шутеви од зглоб, како што сме научени. Навистина не знам што му беше.
Растворцев пак анемичен. Најлошото засилување од летово, без сомнение. Годините си го прават своето, ама барем некаков придонес за тимот да имаше. Шутевите му се силни, но лесно прочитливи. А, класа голмани го знаат тоа и нема да му дозволат туку-така да бидат совладани.
Најдобар од сите и светла точка на натпреваров, Душебаев. Малиов го има сето тоа што е потребно за да се стане класа ракометар. Брзина, интелигенција и фантастично движење со тело. Дрскост, храброст и решителност. Кога никој не се осмелуваше да шутне и да направи некаков потег, Душебаев сам се пробиваше измеѓу Вори и Гојун. И напати се покажа поуспешен од нив.
Не сме свесни каков играч поседуваме и во каков играч ќе прерасне Алекс, не сме свесни!
Друга замерка. Ги подзаборавивме крилата. Брумен особено. Се форсираше игра во средина, а во многу наврати двете крила беа слободи и можеа да се искористат. Ретко добиваа шанса, а имаме одлични крила кои можат да ја направат разликата.
Да го пофалам и Диви од првиот дел, баш здиве и ги откажуваше ракометарите на ПСЖ. Потоа малку падна и сметам дека требаше многу порано да биде повлечен, а на негово место да влезе Милиќ. Кој подоцна беше солиден, за разлика од Малумбрес.
Чипурин, конечно супер партија од него. 6 многу битни голови постигна, отвораше простор за бековите и беше добар во одбрана. Очекувам уште подобри партии од него.
Трета замерка. Мора да се реши тренерското прашање. Доне го почитувам, арно ама или нека донесат нов тренер или нека го постават Доне официјално како главен тренер и да завршиме со приказната. Ова на ништо не личи. Доне привремен, Самсоненко симнат на терен и дава инструкции, дури на последниот тајмаут на 20 секунди при крај, Доне не ни беше во кругот меѓу играчите, а Самсоненко им кажуваше што треба да направат. Добро, рака на срце имаше пцовки и меѓусебни бодрења од самите играчи, но сепак...
Се споменува младиот селектор на Русија, засега ништо конкретно. Ќе видиме во наредниве денови.
Но, си велам. Кога лош Вардар, му зема бод на ПСЖ, сочинет од имиња како Хансен, Нарцис, Копљар, Абало, Вори, тогаш каде би му бил крајот на добар и одличен Вардар? Враќање од 5 негатива на 5 минути до крај е за почит и восхит. Наеднаш се се брише од претходно, се се заборава.
Вардар, Комити и останатите навивачи на Вардар од цела Македонија. Тоа е тоа тројство. Магично и величествено.
Многупати метафорично ќе чуеме и прочитаме '' се запали салата '' , '' цела сала се тресе и е на нозе '' , но вечерва почувствував и бев присутен на нешто што тешко може да се опише со зборови. Да, ќе си дозволам да бидам клише. Буквално, а не метафорички, 7.000 луѓе во последните минути беа на нозе. После израмнувачкиот гол на Карачиќ, сите збеснаа. Од старо до младо. Без исклучок. Потоа кога се одбранивме и кога имавме напад за победа, не знам. Ќе ми излеташе срцето, така трипати во живот се имам почувствувано. Финале Челзи-Баерн, решавачкиот пенал на Дрогба, Македонија-Литванија, тројката на Владо и вечерва. Се навлажнија очите. Вриеше, пробувам да замислам што ќе се случеше ако го реализиравме последниот напад. Искрено, ќе имаше многу срцеви удари.
Нека ме поправат оние што пратат подолго време од мене ракомет, ама ова што се случуваше вечерва и она што се случуваше против Барселона, мислам дека е најдоброто спортско навивање и најдобрата атмосфера во историјата на клупскиот ракомет. Претерувам, можеби. Не знам, поправете ме ако грешам.
Ретки се ваквите спортски случувања кои ќе ти останат засекогаш во сеќавање, без разлика на исходот. Ваквата неверојатна атмосфера, чинам дека цел живот ќе паметам.
Одиме на победа против Вакер, очекувам уште 4 победи во продолжението на сезоната. Две против Швајцарциве, една против Динамо и една против Металург. Ако биде вака, а големи се шансите, тогаш нема потреба да стравуваме од евентуално непласирање во 1/8.
За крај, бидејќи уште еднаш-двапати ја изгледав снимката од натпреварот, ќе цитирам еден од коментаторите на Алфа: '' Дали ќе издржат темелите... ова е човечки вулкан ''
'' AЈДЕ АЈДЕ АЈДЕ ВАРДАРЕ '' е мотивирачки до бескрај :