Никола Јакимовски: Сонувам да играм за македонската фудбалска репрезентација
Никола Јакимовски: Сонувам да играм за македонската фудбалска репрезентација
Еден од најголемите македонски таленти, Никола Јакимовски во интервју за 24Фудбал зборува за својот престој во Ференцварош и желбата да заигра за македонската фудбалска репрезентација.
Никола Јакимовски важи за еден од најголемите македонски таленти, со само 20 години е член на најголемиот унгарски тим, Ференцварош.
Како се случи твојот трансфер во Ференцварош и дали имаше понуди и од други клубови?
- "Ференцварош беше еден од клубовите кои беа заинтересирани за мене, покрај нив интерес пројавија и Партизан, ОФК Београд, Антверпен, Хајдук Сплит, Твенте и уште неколку клубови. Јас го одбрав Ференцварош кој во тој момент беше најдобар за мојот напредок".
"За шест месеци тука многу напреднав и се надевам дека во иднина ќе продолжам така, да се трудам и да работам напорно".
Какво беше чувството кога дебитираше во првиот тим на Ференцварош?
- "Кога тренерот ме повика да влезам во игра, имав позитивна трема, бев пресреќен, во главата ми беше само колку се среќени моите родители. Чувството да дебитираш пред 15 000 гледачи и да ги оправдаш очекувањата на тренерот е феноменално".
Какви се условите за развој на младите фудбалери во Унгарија споредено со оние кај нас?
- "Видете, тука во последните години многу се работи на тоа да има добри услови, во тој смисол Унгарија има голем напредок. Во Македонија за разлика од Унгарија има многу подобри таленти, но нажалост немаме услови за работа".
Дали размислуваш за промена на средината или среќен си во Ференцварош?
- "Ференцварош е клуб кој може да ти пружи се и Будимпешта како град, среќен сум тука, не размислувам за промена на средината, млад сум, имам 20 години, имам уште две години од договорот, па понатаму се зависи од мене и од мојот напредок".
Која би сакал да биде твојата следна дестинација, во која фудбалска лига би сакал да заиграш?
"Дефинитивно, имам само еден сон, Јувентус, тоа е клубот за кој навивам откако знам за себе, па би сакал еден ден да се видам таму".
Ги пратиш ли случувањата во македонското фудбалско првенство и што треба да се промени за конечно да тргнеме напред?
- "Ја пратам македонската лига, знам дека не е на завидно ниво, не се потребни многу големи промени за да тргнеме напред, останува да се надеваме дека утре ќе биде подобро".
Имаш настапи за репрезентациите на Македонија до 17 и до 19 години, сонуваш ли да го облечеш дресот на нашата сениорска селекција?
-"Сон на секој горд Македонец е да го облече дресот на нашата сениорска селекција, но да не прескокнуваме скалила, прво треба да го облечам дресот на младинската селекција до 21 година, тоа би било остварување на мојот сон".
И за крај неколку кратки прашања за Никола Јакимовски.
За кој клуб навиваш?
- Јувентус
Кој ти е омилен фудбалер?
- Кристијано Роналдо
Кој ти е омилен тренер?
- Жозе Мурињо
За кој македонски клуб навиваш?
- Навивам за Македонија Ѓорче Петров, иако веќе не играат во првата лига, тоа е клубот каде играв во младите категории и првиот тим
Кој е твојот животен сон?
- Мојот животен сон е да настапувам за македонската фудбалска репрезентација.