Дочекавме уште еден катастрофален пораз, играме уште една катастрофално - трагикомична сезона. И секогаш истиот муабет се врти, сите не преплавуваат емоции и бараме работи и промени кои всушност не ги разбираме.
Што знаеме ние, фановите, оддалечени на илјадници километри од самиот клуб, ако се земе предвид дека и луѓето околу клубот па дури и самите вработени (на пониските скалила во хиерархијата) не знаат што всушност се случува внатре.
Ние ќе побараме да биде избркан Венгер, да ги продадеме Вермален, Кошеилни, Волкот, да го шитнеме Жиру... но јас ќе кажам дека не е проблемот во индивидуалниот квалитет и формата на играчите. На хартија изгледаме прилично силни. Но нешто е фундаментално погрешно во овој клуб, играчи како Вилшир, Подолски, Казорла и Артета да неможат да создадат шанса за гол против клубови како Брајтон и Бирмингем и речиси без борба да се предадат со Баер.
Пред некое време налетав на текст кој ја анализираше борбата во самиот борд во времето кога се одлучуваше клубот да започне да гради стадион и да се пронајде сопственик кој ќе инвестира (за жал истиот при форматирање на компјутерот го изгубив). Самиот автор потенцираше дека има инсајдерски информации, но никој од нив не можел да му ја претстави ситуацијата која доведе до заминување на Дин и до промена на политиката на управување со тимот, тука станува збор за играчите, купувањето нови и смешно малите цени за продажба на нашите ѕвезди.
Според него таа борба сеуште не е завршена и тоа е примарната причина за лошите резултати, затоа што и самиот Венгер е вовлечен во превирањата во бордот. Никој не знае кои беа вистинските причини за да се избрка Дин, човекот кој со Венгер се најзаслужени за трансформацијата на Арсенал.
Клубот заработува но никој не знае и неможе да објасни како тие средства се управуваат, Арсенал не ги соопштува деталите од задолжувањата за изградбата на Ешбуртон Гров (Емирати), и не ги дава комплетните информации и точниот износ на ратите. Моделот според кој клубот функционира е неверојатно ефикасен, од финансиска гледна точка, затоа што кој било друг модел, неможеше да ја подржи комплетната обвнова на инфраструктурата и до извесен степен да ја задржи компетитивноста на тимот.
Затоа што и мене ми е пукнат филмот, исто како и на вас, истражував малку повеќе за бордот и самата изградба на стадионот. Целата борба во клубот се води за тоа кој ќе ја собере славата кога самоодржливиот модел ќе почне да „штанца“ пари и кога клубот ќе биде во состојба да ги донесе најдобрите играчи и да се натпреварува со „големите момци“ дома и во Европа.
Ова не мора да биде комплетно точно, секако заклучоците се подложни на оспорување, и не велам дека сум целосно во право, но никој не може да ме убеди дека, речиси истите луѓе кои порано одобруваа скапи трансфери, освојуваа титули а играчите ги продаваа за неколкукратно повисоки цени, не се во состојба да го повторат тоа.