Викенд, 20 и 21 јуни, трет во месецот...
Малце политичка реклама, ама секогаш ја поздравувам одлуката за бесплатен воз за младите, со тоа што треба таа пракса да се зачести, а уште поубаво би било да имавме средства и самите да си ги плаќавме патешествијата низ Македонија
Овојпат мета за посетување ни беа изворите на Бабуна кои се наоѓаат на планината Јакупица.
Две недели го ковавме планот и на крај решивме да тргнеме во сабота сабајле, да одиме до Богомила од таму до изворите на Бабуна, па да преспиеме во планинарскиот дом Чеплес и да се вратиме наредниот ден.
Како и секогаш најпрвин цело друштво се согласува, за на крајот само едни исти да тргнеме во вакви походи
Времето беше една од големите пречки. Не се оди на планина на врнежливо време, особено не на Јакупица која е позната и како Мокра планина од причина што константно врне во повисоките предели. Два дена пред тргнувањето, во Скопје не престануваше да врне, додека сончевото петочно време беше показател дека сепак ќе се упатиме на патувањето. Сепак, вечерта ни донесе нови врнежи кои придонесоа да се двоумиме на 3-4 саати пред тргнувањето на возот. Одлуката падна, одиме сега или никогаш
Во 6 часот се собравме кај нас во маало и тргнавме накај железничка. Како и секогаш возовите ги фаќаме во последни секунди, па така возот за Битола го фативме на минута пред тргнувањето. Моравме да седиме разделени бидејќи возот беше преполн и да бидеме приморани да слушаме муабети од старци. Цела лоза ја дознав на еден дедо што седеше во моја близина, уста не затвори

После двочасовното патување, запуштената станица во Согле беше знак дека треба да се припремиме за симнување. Во Богомила на пречекаа неколку луѓе кои ни нудеа превоз до Нежилово, селото од кое требаше да го тргнеме походот по Јакупица.
Решивме да не даваме пари и да пешачиме околу 9 км до споменатото село.
Како мал постојано за време на летните распусти одев во село, во околината на Дебар. Секогаш се враќав исполнет со еден куп спомени, со месеци раскажував настани и до ден денес братучетка ми знае да ми рече дека секогаш сум се враќал како нов после селските посети

Овие два дена се потсетив зошто толку позитивна енергија сум добивал кога се наоѓам помеѓу такви стари градби, надвор од цивилизацијата, помеѓу живина и најразни овошја...

Не сум знаел дека во Богомила некогаш имало фудбалски клуб. Игралиштето е обраснато со висока трева, се гледа дека со години не се игра фудбал на истото. Штета што и другиот клуб од општина Чашка, Бабуна од Мартолци се распадна сезонава... Во Богомила играла екипата на Железничар, која пред 20-тина години била дел и од втора Македонска лига...
Неизбежно беше да седнеме пред кооперација

Извадивме јадењето, продавачката ни даде столчиња за седење, а од продавничињата ги купивме сите работи кои ни беа потребни. Продавница за се, од буреци и сирењаци од Жито Велес донесени тазе во саботното утро, до секакви пијалоци, цигари, ранци од уан дирекшн, лакови за нокти итн

Цело село веќе беше на нозе, кој си ја тераше работата, кој бараше луѓе кои ги превезува до Чеплес или Папрадиште, кој си пиеше пиво пред кооперација, нешто што нема шанси да го видиш во градска средина, особено не во 8 и 45 во сабота

Дојде време да тргнеме на долг пат. Се скапавме одејќи до соседното село, околу 8км, поминавме од крајот на Богомила до соседното Нежилово. Патот како од соништата, насекаде шума, се слуша само течението на Бабуна, мостичиња кои се појавуваат од време на време долж патот, а повремено тишината ја прекинуваат селани со трактори.
За Нежилово слушнав прв пат во животот. Ако Богомила има повеќе стотици жители, Нежилово со сигурност нема ни 50-тина... Нема асфалтиран пат, куќите се во страшна состојба, но заедничко е што сите имаат Total TV

На патот до селската чешма не дружеа една мајка и ќерка кои одеа на лозјето да го кроеле уште рано сабајле. Не :израдуваа" со тоа што ни соопштија дека имаме уште над 10 км до изворите на Бабуна, а не предупредија дека најверојатно истура дожд на тој предел.
На крајот од малото селце наидовме на хотел со рибник. После неколку минутен одмор, решивме да прашаме какви се условите во хотелот. Испадна дека цената е ниска, и дека добивме сто пати подобар смештај отколку во планинарскиот дом Чеплес. Си резервиравме соби, и набрзо тргнавме во финалниот поход.
Времето не ни одеше во прилог и веќе се слушаа повремени грмежи што морам да признаам дека влеа доза на страв дека ќе не учука некој гром, особено што бевме на многу лошо место,обиколени со дрвја од сите страни. На земјениот пат сретнавме само едно комбе со шумари и тоа на враќање од местото и уште еден човек за кој ќе спомнам подоцна

Еден од другарите беше решен дека ќе се враќа назад, ама не му дозволивме. Го убедивме со обратна психологија

Единствено нешто што гледавме по патот беа обележја за мал и голем маратон кои се одржуваат долж оваа патека, но немавме врска уште колку имаме до изворите. Знаевме само дека треба да свртиме десно во некое патче. Наидовме на некое патче и свртевме. Набрзо не исплаши шум зад едни дрва. Се опремивме со стапови и бевме подготвени за средба со диви животни. За среќа, немаше потреба за реакција...

Завршивме во една нива, каде што еден тракторист си ја обработуваше земјата. Не насочи уште 2 км над нивата... Патот до изворите беше многу стрмен, целиот беше со камења кои беа преплавени од мокри лисја, со оглед на тоа што долго време врнело. Со оглед на тоа што сите бевме по обични патики, едвај се качивме десет метри и решивме патувањето да го завршиме на падините од изворот на Бабуна. Не успеавме во намерата иако изминавме огромен пат, но сепак никој не си замина незадоволен

После дознавме дека пред извесно време некој планинар истотака се лизнал на камењата и на мокрите лисја и загинал на тоа место...
Полека почна да врне и беше време да се упатиме назад. Во наредните час и пол не искина дожд, а откако дојдовме во хотелот почна уште појако да врне.
Патешествието ни траеше од 6 часот до 16 и пол

Во хотелот бевме единствените луѓе, па изнајмивме повеќе соби од што ни беа доволно, пошто се плаќаше по човек

Што ти се вика луксузирање

Во рибникот имаше гости, можевме да ги забележиме шоферите од ЈСП кои ја возат 16-ка

Цел ден трештеше радио Роса

Каква вечер имавме, се навратив на екскурзиите во основно

Нема игра што не ја изигравме, ама дефинитивно најсмешна е играта кога треба да погодиш кој лик ти го замислиле останатите. Аууу

Животов ми се продолжи од смеење во овие два дена, само си се потсмевнувам дома, а на моите не им е јасно зошто

Се изнаспавме 8 часови, и наредниот ден накај 11 си тргнавме да фатиме воз за Велес

Да, Велес секогаш ни е попатна станица, ради добрата скара

Патот до Богомила уште подобро ми дојде. Се исклучував на моменти, затворав очи и цепав мижеечки. Времето скиселено, автомобили еднаш во 15 минути, а патеката страшно ме потсеќаше на некоја патека од Колин Мекри релито... По пат имавме мала незгодна случка кога налетавме на еден тип што имаше пуштено кози на пасење, а ги чуваше со шарпланинец, и четири други кучиња кои ни се сснаа асално

Кога ги подбра со стап, нема лабаво. Типот ни беше генерација инаку, што значи сеуште има млади кои си го тераат селскиот живот, што искрено ме радува, со оглед на тоа што жалосно е да се испразнат сите села ширум Македонијава...
Каде што го тргнавме патувањето, таму и го завршивме, пред кооперација

Продавачката тажно констатираше дека не ни се погодило времето, не праша како сме поминале, а кога решив да купам сладолед, на сите старци им кажа колку сме биле ненормални

Во недела не им носеле бурек, па моравме да се задоволиме со јадењето што ни беше останато. Се заигравме со селските кучиња и мачки, па си тргнавме да го фатиме возот. Еден другар ја зезна нешто ногата и куцаше на 20 метри позади нас. Поминува еден старец и ни вика:
-Она позади ваше е? Она што куца... Да не е од Сирија или Либија, они вака куцаат

Каква констатација човече

Следна станица Велес, следно место за посета, Кај Димче

Си легна скарата, си легна и десертот и време беше конечно да одиме во Скопје. Возот доцнеше половина час, со оглед на тоа што беше линија Гевгелија-Скопје, знаевме што не чека

Доаѓа со еден куп полиција, задните вагони наменети за имигрантиве, а за нас само предните два. Со еден од другарите им улетавме на Сиријците, па не симна полиција и кога се качивме во предните вагони стоевме 18 души во мало ходниче

Другите другари беа на другиот крај, едниот зашмекал некоја типка, па чекаме да ја ќари и идеме на одмор во Охрид, на нејзина сметка
Изодевме преку 40км во два дена, се изолиравме малце од светов, уживавме во планината и селската убавина, ама првичната цел не ја остваривме целосно...
Јакупица кај и да е, ќе испари целосно
