Само што го изгледав „Мајки“... Единствено овде треба да се изначекаш и пиратски да изгледаш еден домашен филм:
Мајки, покрај тоа што е филмот за тенката линија меѓу вистината и „вистината“, многу поважно според мене, е и една одлична хроника на македонското минато, сегашност и најверојатно - иднина.
Манчевски покрај тоа што си поигрува со нашата перцепција за вистина и лага, за фактите и убедувањата, си игра и со својата визија за тоа во која насока се движи општеството, најпрецизно - македонското.
Македонија е црна во сите три временски периоди.
Покрај беспрекорните убавини и калеидоскопските пејсажи од Мариово, Манчевски дава една слика за македонското минато - преточено во сегашноста. Напуштени „рајски“ предели, старци кои ги почитуваат младите и се гордеат со нив, роднини кои не зборуваат помеѓу себе, смрт, тага, фотографии кои горат во пламен и бајати наполитанки.
Селото е „издувано“ од брзиот и модерен свет, старите се препуштени сами на себе чекајќи го смртниот исход а државата едноставно нема потреба таму да се плетка.
Манчевски ја слика и својата проекција за иднината, пресликана низ мрачната сегашност. Времето на лагите, времето на кафкианската правда, времето на негрижата и некултурата. Еден збор е доволен некој да го извлече подебелиот крај - вистината и фактите не се важни. Извртената слика на реалноста се насликува на секаде, по улиците на Скопје, по трговските центри, помеѓу девојчињата... Не е важна правдината и казната, важно е младите да го добијат тоа што го сакаат.
Тоа што Манчевски ова време го отсликува преку две малолетни девојчиња само говори дека ништо подобро неможе да очекуваме, посебно со такви „Мајки“ какви што не одгледуваат - градски жени кои повеќе се засрамени од своите деца отколку што навистина се загрижени за околината во која што се развиваат. „У пичку материну“ вели „Мајката“ додека се обидува да го замолчи расплаканото бебе.
Сегашноста, Манчевски сосема елегантно ја остава на фактографијата. Тој избегнува да учествува во нејзиното „објективно“ пресликување на филм, напротив остава вистинските луѓе да зборуваат за истото.
Сегашноста за разлика од останатите две приказни изгледа најмалку логично, најмалку реално и најконтрадикторно и покрај тоа што ништо од неа не е оставено на режисерската имагинација.
Манчевски го прашува светот што е вистина а што е наше поимање за вистината? Тој се обидува да ни покаже дека тоа што мислиме дека е „факт“ немора секогаш да биде објективната страна од паричката кога ќе биде набљудувано во трето лице.
Но Манчевски истовремено ни го покажува и вистинското лице на општеството во кое живееме. Трите фази на филмот нам ни се случуваат во сегашноста. Дали треба да бидеме пасивни и незаинтересирани за нашето минато кое исчезнува, за нашата иднина која е извитоперена и да уживаме во психотичната сегашност...
Тоа е вистинското прашање, како и секогаш вешто поставено од Милчо Манчевски во едно кинематографско ремек дело кое се држи доволно блиску до неприкосновениот „Пред дождот“.
За оние кои погоре го плукаа филмов секогаш постојат лесни холивудски блокбастери, незнам зошто воопшто го потрошиле залудно времето на уметничка кинематографија која никогаш нема да ја разберат, ниту ќе ја засакаат...