Тирана, 15 март (МИА) - Најмалку 155 лица, повеќето цивили, се повредени денеска во силната експлозија, што се случи во магацин за оружје во близина на Тирана, соопшти албанскиот министер за здравство Нард Ндока.
Медицински возила ги пренесуват повредените, меѓу кои има многу жени и деца. Лекар ги повикал граѓаните да дадат крв, бидејќи количината со која располгаат болниците можеби нема да биде доволна.
Многумина од повредените се возеле со своите автомобили на патот Тирана - Драч во моментот кога се случила експлозијата.
Албанската влада формираше кризен штаб кој ќе раководи со спасувачките операции.
Во моментов спасувачките екипи се обидуваат да извлечат 25 лица кои што се наоѓале во еден тунел кога се случила експлозијата.
Експлозијата се случи денеска околу пладне во магацин за оружје на албанската армија во реонот на Вора, на 12 километри северно од Тирана.
Експлозијата многу силно била почуствувана и во албанскиот главен град.
Албанскиот премиер Сали Бериша изјави дека состојбата е многу тешка и алармантна и дека веројатно има многу повредени.
- Испративме хелихоптери на Министерството за одбрана и започнавме да го евакуираме населението на селата што се наоѓаат во околината на магацинот, изјави Бериша.
Прозорците на аеродромот „Ринас“ во Тирана, што се наоѓа на одалеченост нешто повеќе од километар од магацинот, се искршени од експлозијата. Има и оштетени автомобили.
Од пладне, кога беше првата детонација, се слушнаа уште неколку други експлозии.
Франс прес цитира и очевидци, според кои во моментот на експлозијата војниците складирале гранати.
Полицијата соопшти дека воената болница во Тирана е ставена во состојба на тревога.
Движењето во насока на аеродромот е блокирано, полицијата го обезбедува коридор за брзо движење на медицинските екипи. ев/14:33