Дигиталната фотографија е се понапредна. Поголема резолуција, подобра технологија - сето ова ни овозможува полесно да направиме одлични фотографии. Следниве совети се наменети пред се за потенцијалните купувачи на фотоапарат кои не се занимаваат посериозно со фотографија. За нив, количината на пиксели и понатаму е најважен фактор при одлуката, бидејќи производителите и трговците прекумерно го нагласуваат тој податок. Но, не се летајте по мегапикселите...
Доколку се двоумите кој фотоапарат да го купите, најчесто тоа е поради дилемата поставена на основа на мегапикселите. Поради тоа, многу производители ги истакнуваат мегапикселите со големи бројки. Но, на фотоапаратот му треба многу повеќе од голема бројка мегапиксели за да направи квалитетни фотографии, па затоа обрнете внимание и на другите карактеристики.
На пример, "заспан и летаргичен" фотоапарат кој прави големи паузи помеѓу два клика може да го пропушти вистинскиот момент за добра фотографија. Фотоапарат без мануелни контроли може да направи прекрасни фотографии на светло при залез на сонцето, но во ситуации со специфично светло најверојатно ќе потфрли.
Резолуција
Во денешно време, повеќето фотоапарати нудат резолуција од најмалку 5 мегапиксели, што е доволно за принтање на остри фотографии со големина до 28 х 35 сантиметри. Значи, доколку ви треба фотоапарат само за изработка на фотографии со "нормална" големина, било која резолуција ќе ви биде доволна.
Големина, тежина и дизајн
За некои купувачи поважно од резолуцијата е колку тежи фотоапаратот, како изгледа и дали го собира во џеб. Малите фотоапарати се практични и одлично изгледаат, но треба да се внимава на неколку детали: некои имаат премногу мали копчиња кои не се практични во секојдневната употреба, претежно имаат вградена батерија која е со премала моќност, а треба да се обрне внимание и на квалитетот на објективот (помалите објективи пропуштаат помалку светло).
Објективи
На ефтините фотоапарати често им недостасуваат добри објективи. Квалитетната оптика е првиот фактор за квалитетот на еден фотоапарат. Доколку треба да одберете помеѓу апарат кој има поголем зум или апарат со поголема резолуција, одберете го оној со поголем зум. Но, бидете претпазливи и тука - некои трговци во рекламите го комбинираат оптичкиот со дигиталниот зум. Единствено битен е оптичкиот, кој ги пружа сите предности при фотографирањето и ви овозможува да се доближите до ситуацијата што повеќе. Дигиталниот зум слободно занемарете го како да не постои.
Видео
Многу фотоапарати можат да снимаат и навистина квалитетни видеа (скоро со еднаков квалитет како видео камери). Доколку оваа опција ви е битна, обрнете внимание на неколку работи - дали може да снима и звук, колку долго видео може да сними без ограничување (кај некои фотоапарати должината е ограничена без оглед на расположливата меморија), во која резолуција снима и со колку слики (фрејмови) во секунда.