Се надевам дека ќе чкртнеш и за Опенхајмер вака "неколку" реченици. Би сакал да видам твое мислење за филмот.
done
иако по неколку месеци, ама од оваа перспектива, можеби и подобро што не го гледав на кино туку дома.
Малку ми е сомнително кога маркетингот за еден филм што не е марвел тип на филм е премногу интензивен. Нолан и неговите актери беа насекаде тој период и се појавуваа од секое ќоше на интернетот со срцепарателни интервјуа и претерана експонираност и хвалоспевост на режисер кој нема симпатии кон дигиталните технологии. Нешто слично на Груевски кога сечеше ленти кога ќе отвореше нова чешма во некое село. Но настрана тоа.
Ако треба да го опишам во една реченица е и ми се допадна и не. Ми се допадна како филм кој треба да се изгледа барем еднаш, но не ми се допадна како филм кој токму денес има освоено седум оскари.
Опенхајмер собрал одлична актерска екипа, и не паметам да сум гледал филм во кој дури и „камео“ улоги се изиграни од оскаровци или барем номинирани актери (не сакам да проверам имдб, но сигурен сум дека тоа беше Гери Олдман како Труман). Килијан Марфи и Емили Блант го издоминираа филмот - секоја сцена со нив беше толку моќна што тука се согледува колку уствари феноменален режисер е Нолан. Оскарот за Килијан е сосема заслужен, за Роберт Дауни Џуниор не би рекол - немаше некојаси wow улога ниту пак одглуми оскаровски.
Исто така по којзнае кој пат Нолан докажува дека ги владее клаустрофобичните сетинзи со middle shots и close ups, како и спектакуларните во кои сака да експериментира. Ова се должи и на неговиот богат опус со филмови од различни жанрови, и независни и блокбастери. Да одлучиш најклимактичната сцена во филмот да е без звук, кога сите останати сцени се со непрестан саундтрак за мене е восхитувачки.
Но филмот, како целина, според мене е подобар во раскажувањето на една приказна од друга, и би го поделил на два дела кои се „прекршуваат“ со фрлањето на атомската бомба. Едниот дел, пред фрлањето на атомската бомба, е многу напорен и беспотребно развлечен. Вторниот дел, кој практично се претвора во court drama, ми легна повеќе и ми беше баш, онака, таа приказна за Опенхајмер која вредеше да се раскаже.
Првиот дел не знае што сака да биде - одиме де во бексторито, де во љубовната врска со Флоренс Пју (фала ти Нолан за овие две-три сцени, иако немаа никаква врска со приказната), де во црно-белото, де во патот на Опенхајмер до Лос Аламос, што е некако хаотично и напорно. Дури и сфаќам зошто филмот константо вклучуваше музика - кратки сцени поддржани од саундтрак личат на трејлер, а за да не здосади Опенхајмер во ниту еден момент, Нолан се надевал дека сакаме да гледаме трејлер од скоро два часа. Последниот час беше побавен, посмирен, остави приказната да дише, и затоа ми се допадна многу повеќе. Имаше подолги сцени, имаше некаква насока, и сосема автентично ја прикажа внатрешната борба на Опенхајмер. Претходно филмот само кажуваше а не покажуваше. Беше антитеза на show don't tell, и тоа е дека Нолан има такво реноме денес - друг режисер немаше да „помине“ со овој пристап. Со други зборови, првиот дел не покажа ништо, туку само кажуваше. Во ниту еден момент не се виде брилијантноста на Опенхајмер, но на секои пет минути бевме потсетувани дека е најбрилијантниот научник на светот. Дури и сцените со Мет Дејмон имаа за цел да кажат нешто што треба да го знаеме, а не да покажат. Во Beautiful Mind брзо согледуваме дека протагонистот е несекојдневен, брилијантен ум, затоа што тоа се покажува преку примери.
На крајот немав никаква идеја како ја направија атомската бомба иако два часа ја следев приказната со внимание. Немав идеја за врските помеѓу Опенхајмер и останатите научници, ниту па ми беше гајле за останатите. Почнав да се грижам за ликовите откако ја сфатив сериозноста на ситуацијата, односно моментот дека апаратусот се сврти против Опенхајмер. Не ја сфатив сериозноста на плотот во Лос Аламос затоа што таму немаше драма, односно немаше ништо што ќе ме „загрижи“ толку многу за да сочувствувам со главниот лик. Ова важи и за приказната на Луис Страус - ми се откри што сака да се постигне со црно-белите секвенци, но во третиот час гледање. Ако тоа била намерата на Нолан, ок, но од друга страна, тој ја форсираше оваа приказна од сам старт, што значи дека не била.
Кинематографијата и монтажата не ми беа ништо особено. Ниту пак сценариото. На никој никогаш во животот немаше да му смени ако Опенхајмер беше целосно снимен со стандардна камера него парцијално со imax, кога 99% од времето е дијалошка претстава. Добар дел од алатките за монтажа ми беа неосновани. Една сцена почнува на 10та минута, се скратува на пола, па продолжува на минута 150? Имаме сцена со Кејси Афлек, и таа сцена која што трае вкупно 2 минути е залепена на сцената со Мет Дејмон во возот, која трае една минута? Нема потреба, остави ги двете сцени да течат едно по друго. Ова е сѐ шминкање на приказната, градење фасада со која ќе се прикрие слабоста на раскажувањето. Ако на нешто требаше да се обрне внимание во сценариото, тоа беше конфликтот помеѓу Опенхајмер и Страус, кои се најдоа заедно во вкупно ЕДНА сцена во филмот. Додај уште 3-4 сцени помеѓу нив и ќе ја оправдаше изјавата на Нолан дека го гледал односот на овие двајца како односот на Моцарт и Салиери.
Сума сумарум, се насочив на критиките повеќе отколку на пофалбите затоа што ми е полесно да критикувам отколку да фалам. Нолан е во прашање, можеби најатрактивниот, ако не и најатрактивен режисер на денешницата, така што мора да се проследи секој негов нов филм со возбуда како да е празник. Сите го сакаме Нолан, го сакаме еве и Вилнев затоа што се чисти филмаџии кои нудат нови нешта во овие безмалку хомогени филмски декади. И двајцата докажаа дека можат да останат артисти во светот на блокбастери. Но се прашувам дали Нолан може да биде подобар режисер од тоа што беше пред, на пример, десет години? И дали Опенхајмер, како и Данкирк, се филмови што ги направи затоа што „му се може“ (како Финчер со Манк, или Куарон со Рома), или се навистина исклучителни парчиња кинематографија?