Русинот Погорелов во Металург
Еден од најдобрите руски ракометари деновиве треба да го стави потписот на договорот, а досега играше во поранешниот тим на Борко Ристовски, шпанскиот Алхесирас
По ангажирањето на тренерот Ѕвонко Шундовски, Управата на новиот македонски ракометен првак Металург ги засука ракавите, со цел да ја засили екипата за претстојниот голем предизвик во Лигата на шампионите, каде ќе играат металурзите. Веќе се реализирани четири засилувања од кои едното е мошне звучно име и познато во европскиот и во светскиот ракомет.
За каков трансфер се работи, претседателот на клубот, Ристо Чокрев, ни рече:
- По повеќе контакти, разговори и преговори, успеавме да го доведеме во нашата средина прославениот руски ракометар Сергеј Погорелов (34), лев бек, кој досега настапуваше за шпанскиот Алхесирас, претходно за Суидат Леон, Лемго... Во тоа ни помогна и нашиот голман Борко Ристовски, кој лани играше заедно со Погорелов во оваа екипа - вели Чокрев и продолжи: Се работи за искусен ракометар, проверен, дел од олимписката селекција на Русија и од тимот кој го освои Светското првенство. Бевме дефицитарни на оваа позиција и со неговото доаѓање го решивме проблемот. Исто така, наш нов член е Србинот Иван Ивановиќ (десен бек) кој играше за словенечкиот Голд Клуб. Претходно потписи на договорите ставија Данило Брестовац, кој се врати од Франција и Владо Недановски (Вардар). Мислам дека со тоа ги пополнивме сите "празни места" во екипата - заврши Чокрев.