Станковиќ и Кралевски потпишаа за МЗТ
Кошаркарскиот прволигаш МЗТ ФОН Скопје следната сезона ќе има исклучително силна центар-линија откако вчера потпис на договорот со „металците“ ставија поранешниот репрезентативец Срѓан Станковиќ (33 год. , 209 см) и одличниот Филип Кралевски (26 год., 204 см). Двајцата потпишаа едногодишни договори со можност, ако има желба за соработка, истите да бидат продолжени за уште една сезона.
- Станковиќ и Кралевски викендов и официјално станаа членови на МЗТ откако ги договоривме сите услови за нивното доаѓање во нашиот клуб. Добивме исклучително добар центар-тандем од кој очекуваме навистина многу следната сезона - вели Драган Панковски, спортскиот директор на МЗТ.Станковиќ кариерата ја почна во Фершпед Работнички, а досега во Македонија играше и за МЗТ Скопје (периодот помеѓу 1998 и 2000-та година), Куманово, Жито Вардар, ФОН и Свислајон Пелистер. Високиот центар имаше и кус обид за интернационална кариера во сезоната 2003/04 кога настапуваше за српски Ергоном Ниш. Станковиќ, кој во декември 2005 година беше суспендиран на 18 месеци поради физички напад на судијата Игор Митровски, досега играше за струшки ФОН.Кралевски, пак, првите кошаркарски чекори ги направи во Карпош Соколи, потоа мина две сезони во Работнички додека последниве шест сезони го носеше дресот на Вардар осигурување.
Покрај Станковиќ и Кралевски, МЗТ викендов го потпиша и плејмејкерот на Амак-СП, Ангел Тасевски, а и ги обнови договорите со Мухамед Тачи, Мирослав Деспотовиќ и со Бојан Николовски.
За денеска се очекува дефинирањето на договорот со Јане Петровски, како и со ветеранот Перо Блажевски, кои се на мал чекор до повторно играње во „Јане Сандански“.