ВО ДЕРБИТО НА КОЛОТО РАБОТНИЧКИ К. НЕПОРАЗЕН СЕ ВРАЌА ОД ЖЕШКОТО ГОСТУВАЊЕ НА "ТУМБЕ КАФЕ"
Маџовски како спасител
*Гостинскиот голман правеше чуда и трипати спасуваше чисти голови за битолските "зелени"
ПЕЛИСТЕР - РАБОТНИЧКИ 0:0
Стадион: "Тумбе кафе" во Битола.
Гледачи: 3.000.
Главен судија: Стевче Шулески (Охрид).
Помошници: Негриевски и Грдановски (двајцата од Струга).
Делегат: Сефедин Тафо (Струга).
Ж. картони: Елмазовски, Јованов (П), Ковачевиќ, Вајс (Р)
Играч на натпреварот: Филип Маџовски
ПЕЛИСТЕР
Пашовски 2
Јованов 2
Петковски 1,5
Елмазовски 2
Степановски 2,5
Мицевски 2,5
(85' Вељановски /)
Пресилски 1,5
Блажевски 2,5
Жуниор 3
Момировски 2
(67' Главевски 2,5)
Рутевски 2
(55' Тодоровски 2)
РАБОТНИЧКИ
3 Маџовски
2 Лазаревски
2,5 Вајс
(/Станишиќ 71')
2,5 Лукман
2 Демири
2,5 Ковачевиќ
2 Неџипи
2,5 Тричковски
2,5 Османи
(/ Идризи 86')
2,5 Милисављевиќ
2,5 Илијоски
(2 Велковски 65')
Работнички К. ја преживеа Битола и жешкото гостување кај добриот Пелистер. Главен виновник Филип Маџовски, голманот кој ги сопре налетите на домашните фудбалери. Чуварот на "романтичната" мрежа на трипати во текот на 90 минути спасуваше чисти голови. Првата парада во 17. минута кога Лазаревски за малку ќе си постигнеше автогол, потоа во 77. минута по ударот на Главевски од пет метри и на 5 минути пред крајот Маџовски со нова одлична одбрана кога го спречи и ударот на Блажевски.
Пелистер беше поблиску до победата. Битолчани имаа повеќе од шансите иако на моменти и тоа останаа без здив на својот терен. Два моменти на одлука. Првиот во 10. минута кога Момировски ја имаше шансата на мечот, а кога сите ја видоа топката во мрежата таа мина покрај голот. Втората шанса, онаа на Главевски, на 5 минути пред крајот.
Посебно во првиот дел домаќините доминираа, имаа игра и атакуваа. Во тој период од играта гостите не создадоа ниту една шанса. Ретки се натпреварите на кои Рабонички е далеку од противничкиот гол. Оценка за реализацијата на напаѓачите тренерот Беквалац не може да даде затоа што неговите момци имаа само неколку полушанси. Битолчаните беа блиску до победата, но ја немаа среќата, а Работнички К. на својот гол го имаше Маџовски. Цврстата одбрана на "црвените" излегуваше тешко на крај со феноменалниот шпиц Жуниор, кој беше постојана опасност за нивниот гол. Кај Пелистер потфрлија неколку фудбалери како Петковски, но и Пресилски на средината од теренот. По шансата се загуби и Момировски. Работнички може да биде задоволен само од првите 15 минути во вториот дел кога Тричковски не успеа да погоди и да ги однесе бодовите од Битола.
По гостувањето во Битола тимот на Работнички К. останува непоразен во овој шампионат, а и по 360 минути мирување на мрежата "романтичарите" се единствените во земјава кои не примиле гол.
И за крај вреди да се напомене дека имаше убава фудбалска атмосфера во Битола каде и покрај тоа што беше работен ден на трибините се најдоа 3.500 гледачи.
И. Д. Ивановски
СТАТИСТИКА
9 корнери 2
6/3 удари/во 3/0
17 прекршоци 25
/ офсајди 1
2 ж. картони 2
Минута по минута...
3' - Лоша проценка на Лазаревски и шанса за домаќините при што Блажевски нафрла до главата на Жуниор, но неговиот удар оди крај голот.
10' - Среќа за Работнички. Мат во три потези Елмазовски-Жуниор-Момировски, а ударот на овој последниот од 10 метри за милиметри мина крај долниот десен дирек.
14' - Елмазовски од слободен удар од 30 метри, а топката оди покрај долниот десен дирек.
17' - Маџовски со крајни напори ја избива топката во корнер и спаси афтогол на Лазаревски, кој играше со глава по нафрлањето на Рутевски.
39' - По корнерот на Рутевски во голема шанса се најде Блажевски, кој лошо шутира од десет метри.
48' - Мешаница пред голот на Пелистер, а Пресилски со глава ја отстранува опасноста пред Тричковски.
51' - Неочекуван "кикс" на комплетната домашна одбрана и супер шанса на Тричковски, кој се најде сам на 7 метри, но шутира од прва и лошо крај голот.
77' - Маџовски со пантерски скок ја вади топката по ударот на Главевски од 5-6 метри со нога, а по одличната акција на Блажевски и Пресилски.
84' - Контра на Тодоровски, кој го проигрува осамениот Блажевски овој многу комплицира двапати шутира, но топката прво во грбот на Лазаревски, а потоа и од рацете на Маџовски оди во корнер.
ОД ТРЕНЕРСКИ АГОЛ
Неџат Хусеин
"Да се игра против Работнички К. беше силна мотивација за Пелистер. Играчите дадоа максимум, имавме големи шанси, но против една квалитетна екипа како што е Работнички не беше лесно да се победи. Задоволни сме од нерешениот резултат иако бевме блиску до полн плен", вели стратегот на битолчани.
Драгољуб Беквалац
"Двете екипи не заслужија 3 бода, иако и двете можеа да победат. Пелистер влезе агресивно и со голема мотивација. Нивната желба за триумф доминираше во текот на сите 90 минути. Ние одигравме онака како што очекувавме. Имавме шанси за гол, но имаше и противникот, а нерешениот ирезултат е најреален. Публиката во Битола е одлична и убаво е да се игра тука", изјави кормиларот на "романтичарите".
Болтон снимаше во Битола
Кевин Рајтс, скаутот на англискиот тим Болтон, вчера се појави на стадионот "Тумбе кафе" да го види квалитетот и играта на "романтичарите". Веќе на сите им е познато дека Болтон е противникот на Работнички во првото коло од Купот на УЕФА. По средбата Рајтс со кус коментар: "Работнички е тим со одлична техника. Тука е многу топло....", беа зборовите на Рајтс, кој се "топеше" на трибината каде беа и луѓето од Работнички К. кои беа предводени од претседателот Трифун Костовски.
Во текот на денешниот ден нова шестчлена делегација од Болтон доаѓа во Скопје да ги сними преостанатите работи пред гостувањето на нивниот тим на "Градски".
Добар кам-бек на Османи
По подолго време во составот на Работнички К. се појави и Минас Османи. Имаше добар кам-бек овој фудбалер вчера во Битола каде остави белег во играта на средината од теренот каде се кршеше играта. Османи летово ги засили "романтичарите" а на дуелот со Горица во првата минута заработи скршеница на јаболчната коска на лицето.
Расизам на "Тумбе кафе"
Битолската публика, неспортски навивачи. Расистички навреди се слушаа од трибините во моментите кога топката беше во нозете или рацете на Лукман. Навивачите на Пелистер ќе мора да се прилагодат на современите начини на навивање затоа што вакви испади на секое друго место се казнуваат со драстични санкции.