ЕКСТРА ТАЛЕНТОТ НА ТУРНОВО ВО ФОКУСОТ НА ГОЛЕМИТЕ КЛУБОВИ
Манчестер Сити прати факс за Георгиев
*Тимот од Англија го кани младиот шпиц на 5 дневен престој во базата на Свен Горан Ериксон
Драган Георгиев доби покана да биде дел од трениг кампот на Свен Горан Ериксон во англискиот тим Манчестер Сити. Покана преку факс стигна до второлигашот Турново чиј што член е еден од најголемите таленти во земјава.
"Бевме изненадени кога пристигна поканата", коментира Орце Тодоров првиот човек на клубот.
Поканата до Турново доаѓа по директива на бугарска менаџерска агенција која ги застапува правата на Мартин Петров и Валериј Божинов кои сега се членови на тимот од Англија.
"Менаџерите го виделе Георгиев на првенствен меч во Турново и од тогаш постојано се јавуваат. Тоа што е најважно е дека за фудбалерот има интерес од многу клубови и се надеваме дека многу брзо ќе успееме да дојдеме до договор со некои од заинтересираните екипи", додава Тодоров чиј што клуб е на чекор да се избори за пласман во елитното друштво на Македонија а токму Георгоев е еден од најдобрите фудбалери но и најдобриот стрелец во клубот.
Пред неколку дена специјално за Георгиев во Црна Гора на дуелите на нашиот национален тим до 19 години пристигнаа и менаџерите на Горан Пандев кои најавија дека за младиот шпиц има интерес и од Италија. Вреди да се напомене дека лани фудбалерот на Турново беше во кампот на Ајакс, а екипите на Литекс, Динамо Загреб, Динамо Киев и АЕК Атина имаат официјални понуди. Георгиев кој има 17 години е на добар пат да стане новиот Горан Пандев а крајната одлука околу неговата продажба ќе падне најкасно за 6 месеци (ќе се чека неговото полнолетство).