Ноу Камп ќе добие уште 10.000 места
Британскиот архитект, Норман Фостер, творецот на новиот изглед на Вембли, ја доби можноста да го реконструира и стадионот на Барселона, Ноу Камп. Според шпансите медиуми, планот на Фостер е избран во конкуренција на над 80 проекти, а идниот изглед на најголемиот стадион во Европа ќе биде официјално претставен пред дербито на четвртото коло од Примера меѓу Барселона и Севиља што се игра во сабота. Раководството на каталонскиот тим на Фостер му постави три услови: работите околу реконструкцијата да не попречуваат на редовното одигрување натпревари, да не се нарушува познатата асиметричност на трибините и новиот Ноу Камп да стане препознатлив симбол на градот.
"Стадионот ќе биде супермодерен и комфорен, а капацитетот ќе се зголеми за околу десет илјади места", истакна директорот на конкурсната комисија, Хуан Франкес.
Тоа значи дека новиот Ноу Камп ќе собира меѓу 98 и 104 илјади гледачи, а иако не е прецизирана цената на реконструкцијата, се шпекулира дека Барселона ќе потроши околу 250 милиони евра.