Почеток или крај
Тесно е. Многу здивови помешани со миризбата на пцовисаните која се ширеше како епидемија. Тесно е,а на некој начин само таа беше присутна. Валкано е,иако таа беше беспрекорно чиста. Стоеше така бледа,подгрбавена,и држеше само една макара бел конец. Да,беше гола,и се чинеше сите се скаменија поради тоа.
Огромна алеа од статуи со очи ширум отворени и вперени кон неа. Една се обиде да го впери прстот кон нејзината свисната града, но се срони како испукана глина.
Се движеше со чекори колку воодушевувачки,толку и симетрично здодевни. Беше потполна тишина,дури и немиот би се чувствувал како натрапник. Грациозно ја испушти макарата од рацете,но овде немаше џентлмен кој би бил доволно љубезен да ја крене и да ја остави во нејзините дланки слични на канџи од гавран заробен во сребрен кафез. Ја погрешиле птицата..или кафезот?
Кружеше околу статуите,а конецот ги заврза нивните неподвижни тела. Како што кругот се собираше,така конецот се наближуваше до нивните грклани. И за момент,ете ти прекрасен букет кој наместо цветови имаше пупки човечки глави.
Застана така и ги набљудуваше,а и тие ја набљудуваа неа. Од очите им искреа крикови,како китови на сува површина. Продолжи да ги замоткува со конецот,се додека конецот не се потроши. Непријатно се изненади,и во истиот момент се стопи како восок,кој почна да ползи по труповите на статуите. Ги спои нивните лица во едно,застрашувачки прекрасно,совршено лице. Лице без пукнатини. Труп без ниедна грешка,секој дел како да беше извајан од најврвниот вајар. Но конецот на вратот остана,да ги стега и така парализираните жили.
Девојката се одлучи да се спои со Останатите бидејќи мислеше дека дојде крајот. Но ,всушност,конецот и немаше почеток. Имаше два краја,кои никогаш не требаше да се обиде да ги спои. Таа ги спои,и создаде монструм во човечки лик,кој само сопственото гушење го држеше буден.
Спомнав ли дека е тесно?