Тука пишуваме на зададена тема

Windfucker

Телемит, Темплар, Масон, Сциентолог во целибат
Член од
30 април 2010
Мислења
8.459
Поени од реакции
15.326
Девојчето што создаваше други планети
Милка беше мало слатко девојче со пегаво лице, шпртасто носе, ситни запчиња со кариес на двојката, исто онакво девојче какво што можете да прочитате во романите на Славко Јаневски или пак да погледнете во реклама на некоја супа или пак месна индустрија каде што среќно семејство се собираат на неделен ручек додека од отворените прозори се гледаат средениот тревник, двор, таткото во небесна сина кошула и каки пантоломи, мајка со тиролка и коса врзана во шнола, додека братчето носи топка со себе и зад нив трча некој бел лабрадор или ретривер само плус таа што имаше кариес на двојката, но мама и кажа дека кога ќе и се сменат млечните запчиња ќе има најубави запчиња на цел свет.
Се што е ви кажам и напишам за Милка нема да биде интересно од причина што беше апсолутно обично девојченце и само една работа ја издвојуваше од останатите.

Милка кога ќе се затвореше во својот плакар умееше да создава нови и поинакви планети.
Таа ги затнуваше силно ушите со малите рачиња, замижуваше и си замислуваше дека прво создава рамна површина, па на неа создаваше планина, некогаш море или пак река.
И некаде таму далеку во некоја друга галаксија поинаква од Млечен Пат изникнуваше нова планета, токму по теркот на Милка.

Кога ќе направеше планина, река, небо, дрвја таа создаваше и животни кои не секогаш беа исти како на нејзината планета.
Сите животни беа мирни и не се караа меѓу себе, туку си разговараа и најчесто се шегуваа за новиот изглед.
Таа создаваше магаре кое имаше изглед на срнче и беше многу слатко, потоа кучиња кои личат на пони и пасат трева, розови еднорози како од сликовници.
Па имаше и ружи кои растат на дрво, па јагоди кои изгледаат како јаболка, дури имаше и палачинки кои можат да се соберат како пиперки.
Некои беа и со нутела од нив.
Во таа планета животните имаа дар да зборуваат и Милка седнуваше покрај новосоздаденото море, езеро, река и разговараше до бескрај со нив.
Една работа беше чудна, а тоа е што Милка не создаваше воопшто луѓе на новата планета и не беше расположена за другарки или пак другари да влезат во нејзината тајна.

Таму имаше место за се' останато освен за луѓе.

Но другите планети што Милка ги создаваше секогаш беа уништувани и Милка секогаш со плачење и со многу жал го доживуваше тоа.

Најчесто се унишуваа со земјотрес и таа гледаше одозгора како умираат и се уништуваат во тој земјотрес сите тие животни, растенија и се уништуваат тие луна паркови, езерца и останато.
Некогаш имаше и поплава, некогаш се случуваше и едноставно да исчезнат.
Но секогаш тие катаклизми завршуваа со нејзино хистерично плачење во плакарот каде што ги создаваше.

Тогаш едноставно нејзината мајка или татко ја вадеше надвор и таа можеше да го слушне разговорот кои го прават меѓу себе.



- Не можеме повеќе вака да продолжиме!
- Знам, ниту пак сакам и јас да продолжиме вака!
- Љубовта одамна ни е згасната и имаме кавги скоро преку еден ден!
- Не знам што да правиме, најверојатно е најдобро да се разделиме!
- Помисли на Милка која што треба да живее со еден родител!
- Помислувам на неа секој ден, и тоа е причината што не сум уште иселена од оваа куќа!
- Па ти си таа што ги започнува кавгите секој ден!
- Што?!!! Јас сум сега виновна за се!!!
- А, кој е тогаш?!!! Само јас!!!
-Прекини!!! Заминувам!!!
-Оди се бе!!! Кој те запира!!!
-Ќе ја земам и Милка со мене!!!
-Е за тоа ќе видиме!!!
-Гледаш дегену, одново избега Милка и се заклучи во плакарот.
-Ајде да ја извадиме од таму.
-Знаеш како плачи секогаш кога ќе се обидиме да го отвориме плакарот.
- Чудна е, кога се караме воопшто не пушта глас како да е на друга планета тогаш, а кога ќе се обидеме со мирно да ја извлечеме од плакарот тогаш писка на цел глас.
-Милка...Милка ајде излези мамичке...Готово не викаме повеќе, еве и тато те вика да излезеш...Милка, ајде татичко, ајде излези, ама не плачи ти...Милка...
 

Sungerot Bob

Живеј го животот
Член од
7 август 2012
Мислења
32.391
Поени од реакции
36.508
@Вокерка темава остана пола година:D

Иначе еве нешто и од мене.........:)



Така сам, буткајќи се низ големата гужва од луѓе се обидувам да стигнам до посакуваното место, цел и време.

По бурната ноќ исполнета со лоши сонови, се будам, станувам и го земам телефонот. Се уклучувам на Кајгана форум, гледам што има ново и потоа ги ставам слушалките на уши. Слушајќи музика одам во ВеЦе, мијам заби и средувајќи се му го поставувам стартот на моето утро. Отварајќи го фрижидерот го барам мојот избор кој ќе ме исполни со енергија.

Излегувам од дома, дотеран и среден, за да оставам добар впечаток кај луѓето. Од самото излегување сфаќам дека почнувам да ги правам работите кои не ги сакам, додека работите кои ги сакам се некаде далеку во иднината. Се соочувам со лошите комшии и луѓе кои минуваат покрај тебе, само за да те потсетат дека постојат и да те потсетат колку се само небитни. Но сфаќаш дека не смее никој да ти го уништи поттикот за остварување на целта и продолжуваш.

Стигаш на работа и ги гледаш сите колеги. Го здогледуваш вештачкиот муабет со лицемерни луѓе кои се потопени во лошата напумпана атмосфера, па од што мораш, го продолжуваш. Сфаќаш дека ја работиш работата која не ти нуди плата за уживање, туку ти нуди плата за опстанок и плата за колку толку да ја потстиснеш за во иднина, за да оствариш некоја твоја цел.

Се чувствуваш како самец меѓу колегите, затоа што не си навикнат да бидеш дволичен и лицемерен. Го здогледуваш газдата, заменик директорите и менаџерите. Луѓе кои стигнале до таа позиција, но прашање е дали воопшто припаѓаат на таа позиција. Сфаќаш дека колку и да се трудиш, повторно има нешто за да те сопне, додека некој без пречка минува низ својата кариера и живот. Но повторно не се откажуваш, се потсеќаш на неостварените цели, ја слушаш песната која те поткрева и продолжуваш.

Се решаваш да тргнеш кон дома. По улицата гледаш секакви луѓе........, од културни, до секаква сељачана која сака да ти наштети. За да не влезеш во никаков проблем се правиш дека не ги гледаш и продолжуваш.

Стигаш дома со надеж дека ќе го осетиш твојот топол и безбеден дом, но всушност здогледуваш место на кое често владее некој проблем, дали од загрозеноста на работното место, дали од немањето пари, дали од здравствените проблеми......... и повторно сфаќаш дека не живееш онака како што сакаш.

Доаѓа време за спиење. Ги ставам слушалките на уши и ја слушам песната која ме поткрева, додека си ги мијам забите и лицето. Пред да си легнам му се помолувам на Господ, Христа и на светците за најпрво да имаме здравје и среќа, па потоа и се останато, но да биде повторно се добро.

Потоа легнувам во мојот кревет и одеднаш заминувам со мислите на друга планета. На планета на која се сместени моите мисли, т.е. неостварени цели, кои се поттикот за продолжување во животот. Тогаш сфаќам дека тој пат никој неможе да ми го спречи и веднаш ми се полнат батериите. Потоа мислејќи си на убавите работи сместени на другата планета заспивам, а следниот ден повторно истото..............., се додека не стапнам вистински на другата планета.
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.403
Поени од реакции
5.957
- Не, не можам да го сторам тоа. - вриштеше во себе, се кинеше и разјадуваше од внатре. Не можеше ништо против таквите чувства, немаше сили да ѝ признае, поради нејзиниот Поглед како на срна тоа едноставно беше невозможно.
 

џимеј

џимилино
Член од
4 март 2007
Мислења
10.399
Поени од реакции
25.248
Има една единствена клупа на кејот од нашето езеро на која случајно, после толку долго време се сретнуваат другари од детството. Едниот од нив не е нешто висок, но има подолга, виткана коса и секогаш кога сака да кивне, ја врзува во репче, но другиот не го знае тоа. Всушност, никој не знае. Другиот младич често се прашува зошто никој не се качил на месечината повторно, но не сака да признае дека го мачи тоа прашање.
Но, двајцата имаат желба да дознаат во што прераснал другиот затоа што одамна не се сретнале, а искрено и не си недостигале нешто посебно. Младичот со виткана коса особено гордо потенцира дека е емотивно осакатена личност и на почетокот на секоја врска на девојките им вели дека е тежок човек за сакање и која навистина ќе го трпи таквиот карактер без емоции, нели?
Другиот младич кимнува со главата и гледа во брановите како се прекршуваат.
Младичот со виткана коса исто така, откако ја развејува косата лево десно и поминува со рацете по неа, кажува дека синоќа испил толку шишиња пиво, што ако ги нареди едно над друго ќе бидат високи колку него. Здивнува за миг и нешто пцуе за политичката состојба во државата или некој споменик, ја чеша брадата и мрмори за девојката со која завршил во една дождлива ноќ во Карпош 2, кажува дека имала поглед како на срна, или што би рекла неговата прапрабаба - има телешки очи, девојката со кафеави очи има телешки очи! Се возбудува и го брише челото, повторно продолжува, но овој пат зборува побрзо од претходно.
Мозокот ми е хаос, продолжува младичот со виткана коса, многу сум луд, и во лудоста ја одбележувам мојата одбивност кон светот и луѓето.
Сфати ли од ова дека сум поинаков?, прашува младичот со виткана коса. Другиот младич потврдува и продолжува да гледа бранови.
Кажи ми сега нешто за тебе, вели тој, што се случува со тебе? Ах, бранови. Колку мразам бранови.
Другиот младич ги набљудува брановите и со исчезнувањето на последниот бран, објавува дека ова е последниот ден од неговиот живот.
- Мојата девојка има многу убав фустан. Со него, ненаметливо ја наговестува мојата смрт.

Никој од нив не забележа дека два лебеди се нишаа на брановите. Не знам дали лебедите испуштаат звук од задоволство.
 

Erich Zann

Модератор
Член од
13 мај 2012
Мислења
14.631
Поени од реакции
31.841
Во една просечна есенска квечерина, со слабо присуството на кислород како во гасните комори на Хитлер, седеа двајцата на каучот и тивко зборуваа еден до друг. Едниот додуша повеќе лежеше, поради истоштеноста која месец дена го беше завзела од првиот до последениот атом постоење. Другиот пак внимателно ги слушаше ретките зборови кои со слаб интензитет и придушена јачина излегуваа низ распуканата уста со боја на розов цвет чии лисја со секоја измината секунда како да венееа до целосно распаѓање. Одвреме-навреме климаше со главата горе долу, небаре се е во ред и под контрола, додека во позадина ја пушташе и собираше вештачки темпираната насмевка што требаше да покажува некаква надеж за подобро утре.

-Треба да јадиш од оризов. Ако сакаш да оздравиш-му рече на легнатиот кој со доза мачнина во дишењето, направи обид да ја опфати полната чинија со истоштените очи.
-Не ми се јади-одговори кратко
-Ама мораш. Немаш ништо јадено речиси два дена. Ајде земи касни, и продолжи го муабетот за свирката од Куд Идијоти, те слушам.
-Сакам пак да ги гледам. За некој месец свират Скопје...............-малечка солза поминувајќи секавично по бледото лице ја издаде неговата немоќ за било какви физички напори. Туку знаеш кој го пружи најблискиот допир со вистината?
-Не знам, кажи ми.
-Смртта. Затоа што смртта е посигурна работа од самиот живот. Човекот не чувствува задоволство. Човекот само се ослободува од страдањето на кое е вечно осуден. Плус знаеш дека алчноста води некогаш кон смрт?
-Не знам, кажи ми.
-Земи го за пример глушецот. Кога ќе намириса нешто на стапица и кога ќе посегне по нештото, си ја бара смртта затоа што е алчен. А јас, со што јас си ја барам смртта кога немам ни најмал апетит да каснам барем една лажица ориз, не пак да бидам алчен во потребата за јадење....
-Јас пак мислам дека глушецот умира на стапица поради нагонот за преживување, а не поради алчноста.
-Нагонот а? Нагонот за преживување? Тој нагон, тој посран Фројдовски Ерос го имам и јас, барем така мислам. Постојано го преиспитувам неговиот интензитет, дали е доволен за да излезам победник во оваа битка. Времето ќе каже. Таа битка на Ерос и Танатос ми ја греби душава од внатре. Се плашам братучед. Јас навистина се плашам...........
-Не е можно ослободување од стравот ако не се познава природата на нештата кои го предизвикуваат, така вика Сократ во една расправа.
-Ама јас ја знам природата, но ја немам моќта да ја покорам. Туку ти текнува кога ме праша дали го слушам Tom Waits? Ти реков дека ја сортирав сета негова музика за да ја слушам на старост. Морам да ти кажам дека те излажав. Сега знам дека никогаш нема да ја слушам. Нема да ја имам таа привилегија..........

Со поглед на срна пред испукан куршум, ја опфати внимателно фигурата на другиот, без да каже ниту еден збор.
....................................................................................................................................................
По неполна недела бев спремен да дадам се што имам, и животот да го подарам за тој исплашен поглед. Овој пат очните капаци беа цврсто затворени, недозволувајќи им на очите да го почувствуваат теретот од денската светлина, очи осудени на вечен мрак под тешката земја.

(посветено)
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.403
Поени од реакции
5.957
Ќе живееме заборавајќи се себеси, а трагајќи по правдата. Ќе мечтаеме за вселенската прав, а ќе се препелкаме во прашина. „На некои други светови“...
 

Erich Zann

Модератор
Член од
13 мај 2012
Мислења
14.631
Поени од реакции
31.841
Сатот кажуваше 5 и 23, а надвор беше темно.

На пуштениот телевизор одеше некое реално шоу со наслов ,,Големиот Рат без Б". Го гледам таму во собата седнат Хегел му даваше иронично некои замерки за трансценденталниот идеализам на Кант, кој пак наместо да го слуша Хегел, го наслушуваше муабетот од другата маса меѓу Декарт и Џон Лок кои расправаа нешто околу рационализмот и емпиризмот. Веројатно овој Прусинов сакаше да му се нафрли со критицизмот, ама не го стори тоа. Во другиот агол од собата седеа Аристотел и Коперник кои се објаснуваа за вселенската материја, па така овој со телескопов му замери на Аристотел дека направил огромна утка кога рекол дека телата во вселената не се менуваат и дека за разлика од земските, содржат четврта материја позната како етер. Од нигде никаде им влезе в џигери Бруно, кој го исплука лично Коперник заради немањето машкост да застане пред вистината, само за да си го спаси животчето. Надвор пак на едно од дрвените столчиња вртеше мустаќи Ниче и зборуваше нешто сам со себе, недоволно да се слушни и разбери. Во другите соби беа сместени писателите и поетите кои ги кажуваа омилените стихови и фрази кои ги напишале. Беа по малку досадни и напорни за гледање, особено Толстој, Достоевски и Набоков со нивните муабети за Русија. Сите некако идивидуално и мисловно војуваа.

Во еден момент ми се присака да се напијам кафе, но бидејќи немав во куќата тркнав до продавница. Таму продавачот со еден од муштериите веќе толкуваа разговори од ова реално шоу шо првпат видов дека се емитува пред некоја минута. Кога тргнав за назад, слушнав како две деца кои се враќаа од училиште, разговараат за некакво музичко шоу во кое се натпреварувале Вагнер, Бах, Моцарт и Бетовен, кој ќе напиши подобро дело во рок од 15 минути. И кога влегов дома забележав дека завршило ова минатото шоу и дека сега се емитува музичкото. Во левиот горен агол стоеше знакче Р , за да напомени и да ги потсети абдалите како мене дека станува збор за реприза. И навистина седнати на бина овие четири лика, пишуваа на лист хартија некакви ноти, додека зад нив нетрпеливо чекаше огромен оркестар да ги изведе новонастанатите композиции.

Кој кур се случува со светов (помислив во себе). Ставив да се вари кафето и погледав некоја минута во телевизорот. И додека го слушав звукот на водата која полека се вжештуваше во ѓезвето, заприметив како во самиот агол од собата стои едно ситно човече, ни помалку ни повеќе, метро високо. Наместо човечка глава, носеше на рамена некој чуден суратски деформитет, нешто налик оној Слоновскиот од филмот на Линч. Прво се задевна со мене. Ме праша дали знам што се случува со светот. Му одговорив дека и самиот сум изненаден од целото збиднување, вклучувајќи ја и неговата појава која е поразлична од онаа нормалната, човечката.

-Ова е друг свет-ми рече. Ова е друга земја. Се вика Досадонија. Секој има широки познавања, секој разговара со секој за мудри теми, секој сака да дебатира, да се докажува, да напредува, да учи секојдневно, секој сака да е поголем и помудар од секој.

-Колку јаден и досаден свет лишен од човековата глупост- му реков. Да имав малку повеќе пари ќе отворев пекара со име „Бајат Леб".......

Сатот кажуваше 5 и 24, а надвор беше темно. Се разбудив и посакав да се напијам кафе. Дома немаше ни грам. Се облеков и заминав до продавница.
 
Последно уредено:

Гладиус

notusually
Член од
14 август 2008
Мислења
5.508
Поени од реакции
1.728
Ќе погледнеш во нечии очи и пред тебе ќе се исцрта иднината.
Ќе видиш како седите заедно, фатени за рака со насмевка на лицата. Како трчате еден по друг низ зелена ливада и паѓате смеејќи се. Ќе видиш како одите по улица скарани, но се пазите еден со друг, да не ви се случи нешто. Ќе ти се претстави ден на плажа, како седите на најжешкото сонце стуткани под еден чадор бидејќи ве мрзи да се качите во соба и да одморите под сенка. Ќе ти се пристори моментот кога ќе решите да бидете заедно цел живот и ќе го овековечите тоа со прстени, слики, музика и пријатели. Ќе загледаш подлабоко во очите и ќе видиш како жртвуваш сè за да бидете среќни. Ќе замислиш како трчате заедно спроти сите ветришта и бури бидејќи знаете дека на крај сонцето ќе грее само за вас.
И на крај очите ќе трепнат, ќе го тргнат погледот од тебе и на повторното враќање гледаш дека веќе не ја осеќаш таа енергија како излага од нив. И знаеш дека она што го виде претходно останува за некоја друга прилика, за некое друго време, на некои други светови. Светови во кои и твоите очи ќе ја најдат иднината во моите.
 
Член од
25 февруари 2016
Мислења
34
Поени од реакции
53
На некои други светови

Две сме во мене. Не можеме да се погодиме. Едната сака да е софистицирана, брендирана, другата сака да се препелка во нежност. Се менуваме, двапати неделно. Малку едната, малку другата, па не можат крајот да ми го фатат. Да може да ми го сецираат умов, ќе најдат сложувалка од два. Дури и за шминка дебатираме. Едната сака само маскара и лесна бледа подлога, другата сака контури, слој од прајмер, тежок кармин и тежок парфем. Мажите уште не се на тој степен на развој за да ме отворат, а камоли да ме прочитаат. Не дека не се обиделе, кутрите. Само Мајкл Корс може малку да ме направи негова. На 2 минутки. Мајкл, ми требаат овие шеснаесет комбинации за следната недела. Благодарам.

Самодовербата никогаш не ми се нашла на дневен ред. Ако нешто не ти недостасува, не го мислиш многу. На пример, оној бариста, што мораше да бара инструкции за да ми ја погоди едноминутната нарачка. Верувам дека очекуваше да се откажам и да земам само „американско, без шеќер“, но бескрупулозно му дадов до знаење дека нема компромиси кога станува збор за мојот вкус. Дури и ми рече „фала“ за животната лекција што му ја дадов гратис - ако го имате во менито, научи да го правиш. И, те молам побрзај, времето ми е ограничено. Не очекувај мојот перфекционизам да се прилагоди на твојот медиокритетски нетрениран дух на работно место.

Најсилна сум кога во дијалозите со себе си ги пребројувам следните дестинации на патувањето. Мене ништо не може да ме поколеба да застанам. Како и би можела, кога егото ми е темплар и Бог, кога самата на себе сум си најдобар пријател и не зависам од ничие мислење и емоција. Емоција, какви глупости! О, еве го Корс повторно се обидува да ме поколеба со еден пар чизми.

Ги гледам девојчињана, се задоволуваат со некаков полу-потпросечен машки простаклук. Како можат? Мислам дека им е потребен Коста Петров да ги научи на самопочит, високи стандарди и високи резултати. Па се расфрлаат со термини како „жртва“, „наивна“, „изманипулирана“, а притоа немаат доволно доблест да си кажат дека самите се направиле тоа. Светот им бил виновен, светот им ги убил амбициите, светот ги запрел. Девојчиња, пребарајте на Google maps и ќе видите: Тој свет, кој ви ги убил амбициите, женственоста и моќта ќе покаже право во центарот на вашиот мозок.
 
Член од
12 март 2015
Мислења
1.569
Поени од реакции
3.215
кому припаѓавме јас и ти? во време кога конформистите се во мода, кога „правилното“ е исправно и „исправното“ е правилно, јас и ти каде бевме?
имаше многу работи кои сакав да ти ги кажам како збогум, на разделување, но збор не изустив... најверојатно доволно ми беше да потонам во тишина. не, не за друго... џабе се сите твои напори да спасиш давеник кога ни воздух не сака да земе.
а бевме добри, бевме наши... се опиваше од воздухот кој го дишев, дишев опиум од твоите раце.... и така секоја ноќ. ќе те испратев со поглед или ќе гледав додека заспиваш, полека, тивко. потоа почнуваше да ги мрдаш усните во најсмешната симфонија на овој свет и блиска ми беше, моја, те обожавав до последен сантим и претпоследна несовршеност.
дојди, повторно да се соблазниме во ноќите... да припаѓаме... на некои други светови.
 

Sungerot Bob

Живеј го животот
Член од
7 август 2012
Мислења
32.391
Поени од реакции
36.508
@Вокерка кога ќе има нова тема за пишување?:)


На некои други светови

Утро. Покриен со чаршавот почнувам да се будам уште пред да ѕвони алармот. Се решавам да го продолжам спиењето и да ги искористам сите оние минути до ѕвонењето на алармот, затоа што музиката на алармот е една од музиките кои најавуваат иста монотонија како вчера.
Алармот почнува да ѕвони, го гасам и станувам. И покрај чудното чувство станувам и се спремам за на работа. Го гледам своето лице на огледалото во купатило на кое се исцртани подочњаците од ненаспаноста и го мијам со вода, со цел да се освежам и да поставам почеток на новиот ден, за кој се надевам дека ќе биде подобар од вчерашниот.
Тргнувам на работа, гледам лица исполнети со иронија, омраза, нетрпение, невоспитаност, некултура, но и лица исполнети со лицемерие, скриени зад маската на лажната насмевка. Во тој момент почнувам да посакувам да живеам на оние места од моите замисли за кои се трудам еден ден да ги остварам. Стигнувам на работа, повторно истата глетка. Простор исполнет со монотонија и лажни лица.
Работим, се решавам да направиш минимална пауза и во тој момент погледот се вкочанува во една точка во која почнува да се развива фантазијата за подобро утре, за некои други светови. Но тоа трае кратко, работата не чека и повторно се враќаш во реалноста.
Доаѓаш дома, се соочуваш со лошата финансиска состојба и со проблемите кои секојдневно те опкружуваат. Но сепак приквечер е, гледаш телевизија за да се опуштиш и чекаш да дојде време за легнување. Сакаш да си легнеш затоа што креветот го сметаш за едно место кое ти нуди топлина и одмор, место на кое се создава енергија кога ќе легнеш на перницата.
Легнуваш, ја ставаш главата на перница и замижуваш. Почнуваш да размислуваш за тоа колку ти бил тежок денот, колку не ти било убаво, но добиваш некоја чудна енергија. Си викаш дека грижите ќе поминат и дека ќе има подобро утре, фантазираш и правиш планови за тоа подобро утре, за тоа како да ги оствариш твоите цели и дури почнуваш да чувствуваш добро. Почнуваш со мислите да одиш на некои други светови кои ти даваат надеж за некое подобро утре и одеднаш заспиваш. Доаѓа новиот ден, но сепак тие одлетувања на други светови со мислите ти даваат сила до понатаму.
 
Последно уредено:
Член од
16 октомври 2016
Мислења
36
Поени од реакции
29
Ден 67

Досадно е да бидеш Бог. Посебно на планета каде што најразвиеното суштество моментално е способно само да скокне за да скине овошје од дрвото. Но, тоа е што е, немам друг избор. Не дека имав некој избор. Оваа планета ми ја дадоа од Советот, со порака дека сите други нови Богови добиваат обични и мали планети, без некоја возбуда. Мал тест, за следните, повозбудливи планети. Некогаш сонувам за некои други светови, каде што другите Богови уживаат во секојдневието. Магии, војни, портали, суштества кои можат да создаваат материја од ништо. Но, добро. Веројатно и јас овие работи ќе ги видам во некоја од следните планети.

Ден 98

Ништо ново, но морам да пишувам нови информации на некое време. Суштествата на планетава им текна дека може да земат овошје од дрво ако го маваат со скршена гранка. Премногу возбудливо...

Ден 103

Добро, ова беше брзо. Суштествава научија да прават оган и почнаа да излегуваат почесто од пештерите. Можеби сепак овој свет ќе биде интересен со тоа што со оганот ќе научат да не војуваат меѓу себе. На другите светови најчесто после оган решаваат да се смират.

Ден 104

Згрешив. Војуваат.


Ден 122

Малку бев зафатен деновиве, решив да правам мали островчиња низ водата. Ептен изгледаше досадно само вода. Барем тоа може и смеам да го правам. Како почетник не смеам ништо поголемо од мал вулкански остров. Кога се вратив на копното се изненадив. Суштествата ловат риби, научиле земјоделство, градат куќи, комуницираат. Веројатно ако не гледам, подобро работат. Време е за мал тест!

Ден 144

Тестот успеа! 22 дена воопшто не гледав што прават. Сега живеат во големи камени куќи, во голем број на едно место. Се движат со помош на коњи. А, да. Заборавив. Уште војуваат. Веројатно ќе им здосади брзо, кога ќе научат нешто ново. Поради овој успешен тест, ќе направам уште една пауза, овој пат 25 дена. Се надевам кога ќе се вратам дека ќе бидат смирени малку. Ќе го искористам времето да дознаам некако што се случува на другите светови.

Ден 161

Паузата е прекината! Голема експлозија на планетата! Не знам што се случува. Не требаше да ги оставам толку сами. Еве уште една! Што се случува?!

Ден 164

Пробувам на секакви начини да ги смирам, но не успевам. Решени се да се убијат меѓу себе. Во ред, нека им биде! Не е моја вина! Им дадов на почетокот се што треба. Тоа што не знаат сами да си помогнат е нивен проблем! Веројатно на другите светови следни ќе ми се погодат некои подобри суштества, наместо овие!

Ден 171

Малку се смирија, немаат толку многу војни. Можеби ќе биде пресвртница. Сега се решени да прават чудни машини и да одат колку што може повисоко и надвор од атмосферата. Интересно...Можеби со помош на нив ќе дојдам до други светови!

Ден 174

Ова....ова не го очекував...машините...ме....маваат....нема....излез....умирам....ме убиваат....помош....веројатно....требаше...да...не...ги....оставам......сами. Треба...да...пратам порака...до...другите светови.... Сепак....боговите...можеле да умрат........
 

Eru

Член од
31 октомври 2013
Мислења
41
Поени од реакции
83
Кројачот, саатчијата и кожуварот седеа во меаната кај саатот. Ручек време беше, и по масите во дворот беа насобрани и испоседнaти сите дуќанџии, па се јадеше, се пиеше и се вревеше, до толку што на кутриот момок умот му се имаше земено. На момчето му беше прв ден во меаната, а како за беља му се погоди ден кога имаше изнадојдено туѓинци од далеку зад планините, па едвај ги разбираше кога ќе сакаа да нарачаат нешто. А кога ќе дојдеше време за плаќање пак, му се плачеше.

„Гатанка!“ – свика кројачот мавтaјќи со полуизедениот копан додека им раскажуваше на двајцата пијатели. „Демек само гатанки знаел!“

„И?“ – праша кожуварот смеејќи се.

„Што и? Му реков да крши глава и друг пат кога порачува нешто, да си ги пушти нозете колку што му е чергата.“

„Е добро де, можеби била некоја убава.“ – кажа саатчијата кревајќи ги рамениците.

„Каква сака нека е. Гатанки ги имам полни тетратки.“ – пресече кројачот, најпосле спуштајќи го копанот во чинијата и посигајќи по широката чаша вино. „Вие како поминавте од сабајле?“

„Богами, ќе речеш денес делник, ама јас каков пазар сум направил...“ – почна кожуварот, боцкајќи од печените компири пред него. „Кога ми се заредија од овие дојденциве... Ретко кај имам чуено такви приказни. Уште малку и цел тефтер ќе наполнам.“

“Ти се погодил денот тебе. Јас послабо. Пет-шест басни. Предание едно. Засега толку, па попладне ќе видиме.“ – рече саатчијата. „А инаку, за Крутово беше преданието.“ – додаде вртејќи ја главата кон кројачот.

„За Крутово? Кое предание?“ – праша кројачот. Тој беше крутовчанец. „За тунелите или за калето?“

“Не.“ – ја заниша главата саатчијата поднасмевнувајќи се. „За тоа што имало закопано под манастирот.“

„Навистина?“ – се замисли кројачот. „Тоа го немам чуено.“

„Епа го немаш. Не поправам јас саатови на којгоде.“ – слатко одговори саатчијата.

Кројачот најмногу ги сакаше приказните од родниот крај, па кога чу дека ортакот му беше научил предание од неговото место веднаш почна.

“Да не ти треба елек? Овој што му го правев на ајдамаков ми остана, а тебе таман ќе ти биде. Знаеш каков сум го направил? Мерак.“ – рече кројачот.

“Ах, не е само за еден елек.“ – одговори саатчијата одмавнувајќи со раката. „Знаеш колку беше стара таа што ми го кажа?“

„Е што приказна ќе беше тоа?“ – се вмеша кожуварот.

„Добро. Тогаш за елекот и за десет детски бројалки. Нели син ти се роди? Ќе ти требаат.“ – не попушташе кројачот.

“Е, додуша бројалки многу не знам.“ – рече саатчијата и се замисли. „Убави се?“

„Нема поубави. Крутовски се, ни ти, ни жена ти не ги знаете.“ – одговори кројачот.

„Епа... Тогаш може.“ – се согласи саатчијата.

„Ете така.“ – задоволно климна кројачот и ја крена чашата. „Ајде.“ Сите заедно наздравија. Откако поседоа и помуабетија уште малку, видоа дека пак им се ближи време за да се вратат секој во својот дуќан, па свикаа.

„Дете! Ајде преслагај таму, стануваме ние!“

Саатчијата и кројачот се фатија за тефтерите.

„Стој!“ – ги фати за раце кожуварот. „Ви велам, денес цел тефтер наполнив. Јас плаќам.“

„Така ли?“ – му се насмевнаа двајцата.

Меанџичето дојде, целото вцрвенето и испотено. Со себе влечкаше една огромна тетратка, која изгледаше како да е готова да се распадне. Во тетратката беа изнапишани најразлични приказни, песни, басни, гатанки, преданија, легенди и какви ли се не други сказни.

„Ќе платам јас, вие одете, долга е оваа. Па ќе се видиме приквечер.“ – им кимна на пријателите и откако се поздравија се сврте кон момчето. „Ќе памтиш или ќе пишуваш?“ – го праша.

„Какво памтење на волку народ? Има се да измешам, ќе ме отепа мајсторот.“ – рече момокот, бришејќи си го челото.

„Епа ајде тогаш, седи и пишувај.“

Момчето седна, ја отвори тетратката, го спреми моливот земајќи го од зад уво, а кожуварот откако се позамисли малку како најдобро да почне, фати да му ја раскажува приказната со која тоа утро му плати една стара жена откако од кај него си купи пет лакти штавена кожа за чевли.

Кожуварот раскажуваше, а момчето пишуваше.
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.403
Поени од реакции
5.957
Божик е кога се будиш со сонцето и појадуваш светлина. Заспиваш со месечината и вечерата им ја оставаш на кучињата-бездомници...
 

Kajgana Shop

На врв Bottom