стоматологот
ДАНЧО ЃОРЃИЈЕВСKИ поради облог го истрЧа маратонот во атина
Бев шампион за еден ден
Пред целта, на маратонот долг 42 километра, пристигнувале расплакани учесници, луѓе кои трчале за да заборават нешто, такви кои сакале да си докажат себеси дека можат или за да си ги тестираат сопствените граници. Некои од нив биле и во поодминати години, со вишок килограми, некои се дијагнози како дијабетес, рак или сида
Александар Манасиев
Во другите спортови медал добиваат само првите тројца, во маратонското трчање медал добиваат сите. Секој што ќе ја помине целната линија е победник, без разлика за колку време ги истрчал тие 42 километра. Затоа, јас барем за еден ден се почувстував како вистински шампион. Со овие зборови и со голема гордост во очите н` дочека Данчо Ѓорѓијевски (29), единствениот Македонец што годинава го истрча маратонот во Атина, одржан по јубилеен 30-ти пат.
Kога ќе го слече белиот мантил, овој стоматолог од Скопје се претвора во вистински љубител на екстремните спортови. Последниве неколку години негова пасија е пештерското нуркање, а најчесто можете да го видите на кањонот Матка, кај пештерата Врело. Ако не нурка, тогаш вози велосипед, игра тенис, плива или скија... Постојано трага по нови и возбудливи авантури.
Сепак, иако фанатик за спорт, до пред неколку месеци не ни сонувал дека еден ден ќе трча на маратон. На шега вели дека неговите над 100 килограми прават никој да не верува дека може да истрча дури и четири километри, а не пак десетпати повеќе.
Маратонец од облог
Приказната за тоа како се одлучил да трча на маратон истовремено е смешна и симпатична. С` се случило додека со пријатели бил на скијање во Банско, а маратонот паднал како облог.
- По неколку испиени пијачки со мојот другар Павел Џумерски од Бугарија, ветив дека ќе истрчам еден маратон со пријателот од САД Џон Гентри, кој е страствен зависник од тој спорт. Џон предложи тоа да биде првиот, оригиналниот маратон во Атина, а рака на срце тој се одржува и најдоцна на агендата на светската атлетска федерација, па така имавме и повеќе време за подготовка - вели Ѓорѓијевски.
Во периодот што следел, тој се надевал дека пријателите подзаборавиле на ветувањето и на облогот. Но, за негова несреќа или среќа, не било така.
- Никој ништо не спомнуваше до пред три месеци кога ни се јави Џон и ни рече дека мора да почнеме со подготовките ако сакаме да го одржиме ветувањето. Kога им кажав на блиските што планирам да сторам, никој не ме сфати сериозно. Ме убедуваа дека не е возможно да се подготвам за толку кратко време за таков потфат - додава тој.
За време на подготовките, Ѓорѓијевски истрчал еден официјален полумаратон. Тоа било добра подготовка пред главниот настан бидејќи било потребно да ја провери својата подготвеност да трча во група во која секој е приказна за себе.
Стоматологот во краткиот период повеќе се подготвувал психички отколку физички. Пред с`, вели, требало да се убеди себеси дека може да го истрча маратонот бидејќи за него не било важно само да учествува во трката, туку и да ја заврши. Одењето во Атина да истрча само десетина километри не доаѓало предвид.
Организација за почит
Иако Грција е во тешка економска криза и е на работ на финансиски колапс, сепак, Ѓорѓијевски се изненадил од добрата организација и посветеноста на домаќините.
- Имаше илјадници волонтери, официјални лица, но и голема медиумска покриеност. Секако, тука беа и стотиците полицајци, задолжени за безбедноста. На главниот маратон, на кој трчав и јас, имаше повеќе од 9.000 учесници. Беше убаво да се види дека само неколку дена по големите демонстрации во Атина се одржа ваков настан и помина во најдобар ред - објаснува Ѓорѓијевски.
За краткото време што го минал во главниот град на Грција вели дека можел да ја почувствува лошата економска состојба, но и очајот кај граѓаните. Сепак, тоа не ги поколебало да излезат на улиците и да им дадат поддршка на маратонците, дојдени од дури 90 држави.
Kога почнал да трча почувствувал голема возбуда, на моменти и страв да не се откаже.
- Атинскиот маратон е еден од најтешките (за многумина и најтежок) бидејќи по дваесеттиот километар започнува угорнина, долга 12 километри. Овој дел од трката е „кобен“ за многумина, па најчесто откажувањата се случуваат токму тука. Многубројните медицински возила што ги носат учесниците, кои не можат да го завршат маратонот, изгледаат демотивирачки - вели тој.
Лекари-политичари
За несреќа, Ѓорѓиевски имал повреда на стапалото некаде по изминати 24 километри.
- Морав дури седумпати да застанам во обид да побарам медицинска помош. Ме убедуваа дека треба да се откажам и дека нема да издржам уште долго со таква повреда, но ги молев само да ме оспособат до наредната медицинска екипа. Kога ќе истрчате 30 километри и по толку изминати часа, во еден момент, престанувате да мислите на болката - објаснува стоматологот.
Вели дека голема поддршка биле жителите од градот, кои постојано ги бодреле учесниците да не се откажат. На неколку километри пред крајот веќе почувствувал олеснување, а кога ја забележал целта не можел да ја оттргне насмевката од лицето.
- Забележав еден куп расплакани луѓе, насекаде емоции, насмевки, прегрнувања. Сите ги сметаат за шампиони оние што го завршуваат маратонот по пет изминати часа трчање. Тоа најчесто се аматери, луѓе кои трчаат за да заборават нешто, за да си докажат себеси дека можат, да ги тестираат своите граници - раскажува емотивно Ѓорѓијевски.
На целта заедно со него забележал луѓе во поодминати години, со вишок килограми, луѓе кои се борат со дијабетесот, ракот или, пак, сидата.
- Многумина минуваат низ целта со солзи во очите, а некои пак се толку истрошени што не можат ни да излезат од стадионот без медицинска помош. И јас само што ја завршив трката се упатив до станицата за Прва помош - вели тој.
Тука го имал единственото грдо, политичко искуство.
- Лекарката ме праша од која земја сум, а јас од почитување кон домаќинот, но и да не навлегувам во политички дискусии, ~ одговорив дека доаѓам од ФИРОМ. Kако тоа да не беше доволно, таа ми рече дека таква држава за нив не постои и дека за нив таа е Скопје. Ме замоли да го респектирам тоа. За мене, ова беше најтешкиот дел од маратонот, бидејќи зборовите ги изусти доктор, лице кое по својата заклетва, треба да помага на луѓето без разлика на нивната етничка или национална припадност - раскажува со разочарување Ѓорѓијевски, поентирајќи дека не бил во Атина за политика, туку за спорт што не познава граници.
Најубавите моменти
Стоматологот од Скопје се надева дека неговата приказна можеби ќе ги инспирира оние што не изгледаат атлетски и кои сметаат дека не се доволно способни или подготвени да сторат ваков или сличен подвиг.
- Маратонот е долг и болен, но неколкуте секунди кога ја пречекорувате целната линија се меѓу најубавите што ќе ги доживеете во животот, особено за оние што не помислиле дека ќе направат нешто слично - завршува Ѓорѓијевски.
Тој веќе размислува за следната авантура, можеби маратонот во Њујорк или, пак, нешто сосема поинакво како скокање од падобран или параглајдер.