Најубавите моменти во животот ги имам поминато во студентски домови. Пример првиот пат кога влегов во Гоце мислев дека ќе се онесвестам, темно мрачно место од хорор филм но после една недела поминато таму и после целосно реновирање на собата со поликолор и гипс и неколку добри постери не сакав да си одам од таму. 1200 студенти собрани на едно место ти го менат начинот на живот, на размислување, на функционирање. Секој ден сакал нејќел ќе научиш нешто. Некогаш ќе бидеш гладен, ќе се осеќаш мизерно но затоа пак во само еден момент сето тоа може да се измени и ќе бидеш најсреќниот човек во светот. Далеку од мама и од тато ти си тој што ќе треба да се снаоѓа за се и сешто а тоа те зацврстува, те прави појак и поспремен за тоа што те очекува т.е животот кој од година на година е се посуров. Во исто време се чувствуваш притиснат најчесто од финансиски причини но и слободен зашто секоја мала одлука е донесена лично од тебе и таа мала одлука ќе допринесе дали денеска ќе се чувствуваш убаво и пријатно.
Не би сакал да ги сменам кавгите со цимерите за ништо, казаните со кафе кои заедно ги имаме испиено, журките кои ги имаме посетено, буреците кои сме ги јаделе или сме ги гледале низ излогот кога сме немале пари, бабичките од мензата кои секогаш ме расположуваа со својата едноставност, тетка Маци хигиеничарката која беше одговорна за нашиот спрат и нејзините утрински посети за кафе и обидот да ти шитне некое ланче, делењето на последното парче ајвар со некој просјак кој ти тропнал на врата, бессоните ноќи во читална, милферката што работеше во бифе, роденденските забави во соба 2х2 со 20 луѓе внатре, туширањето со ладна вода после 10 саатот сабајле и најважното од се чувството дека припаѓаш некаде. Не, не би сменил ништо од тоа зашто сето тоа допринесе да се развијам во личноста што сум денеска, спремен на секаков предизвик зашто секоја случка која ќе ја доживеам можам да ја поистоветувам со некоја случка од моите престои низ студентските домови.