репортаЖа од студентскиот дом „стив Наумов“
Кошмар танцува во бараката „Харем“
Во иста просторија се мијат лице, заби, чаши, филџани, раце, нозе, алишта... и се врши нужда, а попладне и во недела кога хигиеничарките не работат, смрдеата се чувствува и надвор од бараката
Бараките во „Стив“ се разликуваат по броеви, но не и по мизерните услови што ги нудат
Кога првпат ги видов, бараките ме потсетија на село од хорор-филм во кое се случила грозна несреќа. Кога ја видов собата бр. 18 каде што ќе живеам една година, се шокирав, ме фати паника, раскажува Весна, студентка на Филолошкиот факултет, станарка во бараката „Харем“ во студентскиот комплекс „Стив Наумов“.
Иако бараките во „Стив“ се разликуваат по броеви, бараката „Харем“ е единствената што добила име. Студентите кажуваат дека името го добила зашто е најголемата женска барака во Домот. Во неа секоја година живеат околу 90 студентки. Друга причина за името е местоположбата на бараката - далеку од очите на сите, поставена во сенката на задниот дел од машката зграда. До неа водат две тесни патеки, кои сигурно нема да ги најдете ако доаѓате првпат.
Собата број 18.
- Кога ја отворив вратата се скаменив. Три скапани кревети со искинати душеци, на кои со еден поглед може да им ги преброите преживеаните федери, низок таван со лоша неонска светилка, шкаф поставен сред соба, една маса, еден стол, чудна, многу чудна застоена миризба и шперплоча наместо ѕидови. Ми дојде да заплачам. По некое време сфатив дека тука ќе живеат многу студенти и си ветив дека ќе се навикнам. И, еве, по половина година се' уште се навикнувам - вели Весна.
Нејзината соба ја открива големата вештина за импровизирање на станарите. Прозорците се излепени со бела хартија до половината за да се заштитат од љубопитните погледи на воајерите. Помеѓу двата кревета е поставено мало масиче направено од картонска кутија, обвиено со шарена хартија. Шкафот зафаќа две третини од собата, па така се добил малечок ходник, кој овозможува приватност при пресоблекувањето.
Секој втор станар во барака е принуден да го научи молерскиот занает, па затоа постојат чудно, а некогаш и убаво обоени соби. Поевтина варијанта за прикривање на големите пукнатини и дамки на ѕидовите се постерите во сите големини и со секакви сцени и пораки. Најважен инвентар во секоја соба е решото, што е разбирливо, зашто кафето за студентите има повеќе значења: ги држи будни во непроспаните ноќи пред испит, тоа е причина за запознавање со новите соседи и тоа е единственото нешто што во секое време може да им го понудат на своите гости.
За хигиената во тоалетите и во ходниците се грижат хигиеничарки, а за собите се грижат самите студенти, но никој не е задоволен од хигиената. Попладне и во недела хигиеничарките не работат, па изметот се чувствува и надвор од бараката. Портир нема, па може да влезе секој и во секое време, а најчесто поминуваат продавачи на ситници, некакви верски агитатори што оставаат брошури, гатачки и што уште не. Затоа единствен технички апарат што го има во собите е прастаро радио, кое никој не би го украл.
Во комплексот има мајстори што доаѓаат да ги поправат дефектите во собите, но тие имаат толку многу работа што на ред ќе дојдете најмалку за една недела. Не' запишуваат на списоци и ако немате пријател или роднина што може да ви помогне, да ви ја изолира голата жица на светилката што престанала да свети или да ја закова штицата од креветот, ќе си чекате - раскажува Весна.
Излеговме во тесниот ходник и се упативме кон бањата. Што да се види: три напречно поставени ѕида со плочки, кои некогаш сигурно биле кабини. Функционира само една. На ѕидот има неколку шајки што претставуваат закачалки за крпите и за облеката. Стар, прастар бојлер, кој многу често откажувал, па топлата вода е вистинска реткост. Проблемот со топлата вода станарите го решаваат со список на кој секоја соба закажува термин за бањање во траење од два часа. И покрај таквата самоорганизација, многу често доаѓа до кавги. Станарките на „Харемот“ се привилегирани што имаат дури две бањи, зашто во другите бараки нема ниту една.
- Во комплексот има заедничка бања, но замислете си како е да се враќате до својата соба кога сте тазе капени и со крпа на главата, а надвор температурата е под нулата - додава Весна.
Веднаш до бањата е тоалетот - во слична или во малку полоша состојба. Во него има четири кабини, а функционираат само две. Пред кабините се поставени два мијалника во кои студентите мијат се': лице, заби, чаши, филџани, раце, нозе, алишта, а и полнат шишиња со вода за пиење. И сето тоа додека во истата просторија некој друг врши нужда. Ужас!
Излегов разочарана и со чувство на револт. Лута на сиромаштијата, на тој што ги изградил овие бараки по земјотресот од 1963, на државата, на негрижата на надлежните...
Речиси на секој прозорец од надворешната страна се обесени кеси во кои ѕиркаат тегли со ајвар. Студентите тука ги чуваат за да не се расипат. Ајварот е важен додаток во јадењето на студентите зашто мензата во Домот има определено работно време, кое не секогаш се совпаѓа со часовникот на студентските стомаци. Некои студенти никако не можат да се навикнат на храната од мензата, но во деновите кога на менито се нудат поубави работи како компирчиња и парче месо, се формираат големи редици на чекачи и тоа минумум половина час пред отворањето.
Се поздравив со Весна и тргнав кон излезот. Пред вратите на „Харемот“ ме поздравија и неколкуте мачки што нашле засолниште и храна кај студентите.
Најсилното оружје во борбата со секојдневните проблеми на овие студенти е надежта. Надежта дека следната година ќе добијат место во зградите на „Стив“ или во подобрите домови во Скопје, надежта дека ваквата жртва вреди за образованието, надежта дека еден ден ќе го работат тоа што го сакаат и тоа што го студираат. n
извор