Стивен Кинг, еден од најпознатите американски писатели, има напишано многу работи. Немам претстава колкав дел од тоа што го напишал имам прочитано (не сум броел), но се доволно за да можам да изнесам (малку набрзина, без поголемо продлабочување) некакво мислење за опусот на Царов.
Кинг е добар раскажувач, може да создаде интересна приказна со мноштво ликови, со убедливи дијалози и монолози. Со цел да се согледа целосно и повеќестрано делото на авторов, многу е важно да се спомне за крајно успешната и долга соработка на Кинг со филмските студија, па многумина имаат добро/лошо мислење само врз основа филмовите снимени врз основа на некоја негова книга. Ако е филмот добар/лош таква е и книгата. На пример, недоволно е познато дека Стивен не бил презадоволен од Сјаењето на Кјубрик. Повеќе симпатии има кон поновата екранизација на истиот роман. Иако темава е за литературното творештво, предложувам оние кои досега не го направиле тоа, да ги гледаат и двете екранизации, да ја прочитаат книгата и да изведат заклучок.
Темите во делата на Кинг, и покрај големиот опус, не се многу. Имаме измислени или реални гратчиња, најчесто во Мејн, малограѓанска средина со сите нишани и со сите можни ликови на кои во такви места можете да налетате. Затворот е мошне застапен. не само оној класичен затвор, како во Зелената милја или во Искупувањето, туку и други видови изолација - Мизери, Under the Dome, Магла итн. Дури и тие мали гратчиња се обременети со затвореноста, карактеристична за руралните подрачја, кои кај него често се осудени на големи искушенија или пак на пропаст - Salem's Lot, Needful Things). Бездруго Кинг е носталгично опседнат и со минатото, пред се` со неговото, со времето на неговото детство и на младоста, со Америка во тие времиња. Оттаму ќе произлезат приказните како It, како Срца во Атлантис, или пак, донекаде, Dreamcatcher, и уште многу други.
Проклетите, чудни места и предмети - најчесто куќи и коли (Кристина, From a Buick 8) се исто така присутни. Забелешкиве, секако, не кажуваат ништо што би можело да го оцрни Кинг како автор, ниту пак целосно доминираат во неговото творештво.
Иако Кинг важи за хорор писател, имам впечаток, не само јас, дека хоророт и натприродното во повеќе случаи (и во најдоброто што го напишал) има посредна важност, служат како помошно средство, или пак, воопшто и ги нема.
Моите забелешки во врска со Кинг се однесуваат најмногу на една работа - повторливоста. Не којзнае што оправдувањето дека големиот опус неизбежно наметнува репетитивност. Доблест е да знаеш кога да застанеш и да направиш пауза. Подолг период Кинг нема напишано нешто би можело да се спореди со неговите најдобри творечки децении 70-те и 80-те и првата половина од 90-те. Секако дека оттогаш имал неколку книжевни подвизи, но тие не се многу.