Богданци го враќа сјајот на историското Паљурци
Полека и внимателно, историското место Паљурци се запишува во туристичката мапа на Македонија. Богата историја, убаво езеро, планина што изобилува со растителен и животински свет и пријатно катче за одмор. Вака изгледа денес Паљурци. Веселите лица на посетителите потврдуваат дека овде навистина вреди да се дојде.
Рекреативна патека, клупи за одмор, уредена околина. Ова е само дел од проектот на општината Богданци што го спроведува со помош на центарот за развој на југоисточниот регион.
Паљурци е дел од проект. Но за овдешните жители е повеќе од тоа. Нешто како визија или сон. Најголема желба на градоначалникот Ристо Ичков е Паљурци да добие можност да ја раскаже својата приказна.
Во 19 век, Паљурци бил центар на просветниот, духовниот и културниот живот во Македонија. И не случајно. На ова тло, бил изграден најголемиот католички манастирски комплекс, со училишта, сиропитачишта и развиена школа за превод и препис на литература. Денес, католичката црква е на чекор да го врати стариот сјај на Паљурци.
Апостол Павле, Мис Стон, Гоце Делчев, имале различна судбина, но заеднички благородни цели поврзани со Македонија. И уште нешто. И тројцата оставиле свој белег во Паљурци.
Првото оро се заниша. Следното ќе биде за една година на истото место. Во храмот што ќе го носи името на Апостол Павле.
Сузана Мицева
http://kanal5.com.mk/default.aspx?mId=37&egId=13&eventId=66824