Ми треба проверен рецепт за пита со спанаќ и сирење , со купени кори... некој ваш трик, совет... бидејќи рецепти има многу на нет... благодарим.
Кај питите со купечки кори, најважно е секоја кора, од секоја страна да биде премачкана со преливот (ќе го пишам подоле, не мора да е по рецепта, во главно се состои од пециво/квасец, вода, масло, па и брашно...), значи корите никако да не се суви од ниедна страна. Или пак да нема прелив кога е залепена кора врз кора - така ќе се осеќа дека е со купечки кори и брашното од корите при секој залак ќе се осеќа. При виткањето, дури и да се скинат на неколку места од што се мокри од преливот, нема врска, тоа никој нема да го гледа и нема да се примети. Според мене најпрактично е со четкичка да се премачкуваат корите, така нема да има ниту премногу прелив, ниту пак да бидат суви. Најважно е да не е сува питата.
Пример, за моја лична утка (пред 5-6 години), од самата слика се гледа дека се суви и со купечки кори триаголниците.
Другава слика, е после година-две од првата. Во црвеното поле сум изоставила пак едно делче без прелив, ама видлив е напредокот и не се приметува толку дека се со купечки кори.
За филот, никогаш не се замарам да е по мерка. Најди рецепт за пита со како било фил, па прилагоди го според тебе. Спанаќ колку имаш (само измиен и раздробен, да не е обработен) и сирење/урда колку имаш, толку. Можеш плус некое јајце да ставиш.
За виткање, имаш повеќе опции. Ако сакаш да изледа како тегнета пита:
Филот е со праз, може да се смени. Конкретно во оваа пита, филот е воедно и прелив, затоа што се витка само една кора во ролат (претходно од сите страни се мачка).
Состојки:
500 гр готови кори
2 страка праз
400 гр кисела павлака
2 чешниња лук
4 јајца
5 лажици кисела вода
2 лажица масло
1 пециво
1 чаша (за јогурт) пченкарно брашно (или обично)
црн бибер, сол
+ масло за премачкување на тепсијата
Празот се сецка, па се обарува во солена вода (кратко време, колку да омекне), па се процедува.
Во сад се матат јајцата, се додава павлаката и пецивото, па лукот, црниот бибер, киселата вода и маслото. Се соединува со празот и брашното (може слободно повеќе брашно, јас од прилика ставив), се остава да отстои 10тина минути.
Тепсијата со број 28 се намастува. Може да се користи и правоаголно тавче, па да се реди ред кора - ред фил, сѐ до потрошување на корите, па најодозгора да се прелие со останатиот фил. Меѓутоа јас ја редев како тегнета пита, во ролни од една кора (кората исфилувана и виткана во ролат) една до друга - во круг. Треба внимателно да се редат во тепсијата затоа што се тенки ролатите (со една кора) и може лесно да се скинат. Но, кога ќе се истури преостанатиот фил најгоре, сето тоа нема ни да се познава и ќе биде висока баш онолку колку што треба, формата одлична. Потоа се пече во загреана рерна на 180 степени.
Ако сакаш поедноставна верзија, да ги скинеш само корите и да завршиш работа... оваа е со сирење и маслинки.
Состојки:
3 јајца
1/2 лажичка сол
115 мл млеко
85 гр кисела павлака
120 гр топено сирење
200 гр кравјо сирење
4 лажици масло
250 гр зелени маслинки
3 лажици брашно
1 пециво
450 гр готови кори
сусам
Со маталка кратко се матат јајцата со солта, па се додава млекото. Се додава киселата павлака, топеното сирење, дробено кравјото сирење, маслото, сецкани зелените маслинки. Па брашното и пецивото. На крај дробените (искинати) готови кори. Се меша сѐ заедно (ама убаво) се префрла во намастена тепсија, се попрскува со сусам и се пече на 200 степени.
Јас ти дадов примери без прелив. Прелив се користи пример и за бурек кога правиш. Тој можеш и на тепка да го направиш или искористи дел од првиот рецепт што го напишав. Смешај кисела вода, масло, брашно, пециво/квасец, па и јајце... тоа што го имаш дома буквално - тоа стави го и сол не заборавај малку. Да биде течно како смеса за палачинки од прилика. Стави кора, па прелив, па кора, па прелив - па фил ако редиш така како сеченица без да виткаш. Дури и пред да ставиш фил - стави прелив.
Сега не знам дали убаво објаснив и ме сфати...