Архитектот и вајар 64-годишниот Ерне Рубик, кој е иноватор на познатата Рубикова коцка, наскоро ќе ја претстави својата нова играчка „Рубик 360“.
Унгарскиот пронаоѓач се надева дека новата играчка ќе го повтори успехот на коцката која пред речиси три децении ги преплави пазарите и се уште е една од најпродаваните играчки на светот.
„Рубик 360“, која ја чинат шест шарени топки „заробени“ во три проѕирни пластични сфери, ќе биде премиерно претставена на саемот за индустрија на играчки, кои ќе се одржи на 5 февруари во Германија, пишува лондонски „Телеграф“.
Како и Рубикова коцка, и нова мозгалка претставува играчка со фрустрирачки предизвик - задача која едноставно се сфаќа, но многу тешко може да се реши. Играчот мора да постави шарени топки во деловите кои си одговараат провлекувајќи ги од внатрешноста во надворешната сфера низ меѓусферата која има само два отвора.
Рубиковата коцка, составена од 26 помали пластични коцки кои се вртат околу средината на јадрото, постигна многу брз успех кога се појави во 1980 година. Од тогаш се продадени повеќе од 350 милиони примероци низ целиот свет.
Познатата коцка за која нејзиниот изумител вели дека ја замислил пред се како уметничко дело, а не како играчка, доби место и во постојаната поставка на Музејот на модерна уметност во Њујорк.
Од 1980 година, Рубик, кој живее повлечено и никогаш не дава интервјуа, лансира неколку играчки и игри, но никогаш не го повтори успехот на „коцката“.