Џими Пејџ и Џон Пол Џонс кај Фу фајтерс на „Вембли“
Настанот веќе го нарекуваат историски, иако не се поминати ни 24 часа. Целиот викенд во Лондон е во знакот на Фајтерси, кои одржаа два концерта на најголемиот англиски стадион.
На Дејв Грол му успеа нешто со што малкумина може да пофалат. Во два дена, на 6 и 7 јуни, имаше два концерти на преполниот стадион „Вембли“, а на втората свирка му гостуваа членовите на Лед цепелин, Џими Пејџ и Џон Пол Џонс. Не дојде Роберт Плант поради солистички ангажмани во САД, но и ова сосема доволно ја потврдува големината на Фу фајтерс во овој момент.
Групата изведе со легендарните гости две песни, класиците од Цепелин, „Rock'n'Roll“ и „Ramble On“. За првата Грол седна зад тапаните, а тапанарот на Фајтерси, Тејлор Хокинс ја презеде вокалната делница.
Шпекулации околу гостувањето на Пејџ и Џонс на концерот имаше во текот на целата претходна недела, но никој не даде официјална потврда. Дури во текот на изведувањето на песната „This Is A Call“ лидерот на Фу фајтерс рече: „Сега ќе направиме нешто што никогаш не сме го направиле, а вас ќе ве истресе од гаќи. Вечерва ќе видите шоу за кое ќе се зборува во следните 20 години“. И навистина, тоа што се случи сношти на „Вембли“ веќе го нарекуваат „историски настан“.
На двете свирки присуствуваа по 86.000 гледачи, и публиката можеше да ги слушне сите значајни песни на групата. Тука беа „Best Of You“, „Generator“, „All My Life“, „Cold Day In The Sun“... Сцената беше поставена на центарот од игралиштето и во текот на концертот се вртеше во круг, така што од сите трибини бендот можеше да се види делумно анфас, делумно од профил, а делумно одзади. Затоа, Дејв Грол на крајот им рече на присутните: „Плативте многу пари за да ме гледате во задникот. Верувам дека вредеше“.
На првата свирка, предгрупа на Фу фајтерс беа момците од Суперграс.