Лазаров: Нема место за паника
Македонија на две кола пред крајот на квалификациите е трета со еден бод помалку од Естонија и за пласман на ЕП 2012 & требаат две победи, над Естонија на гости и над БиХ дома
Македонската машка ракометна репрезентација, предводена од селекторот Звонко Шундовски, по поразот во Скопје минатата среда (22-29) и завчера беше поразена од Унгарија, во квалификациите за ЕП 2012 во Србија, со 26-29 (13-16), во Веспрем. Најефикасен играч на средбата беше Филип Лазаров со седум гола, а кај домаќинот Гергели Харсањи со шест, сите од седум метри и Ференц Иљеш исто со шест. Во вториот меч од нашата група Естонија пак ја совлада БиХ, овој пат на гости со 23-21 и стана најсериозен кандидат на Македонија за освојувањето на второто место во групата еден. Следните дуели се играат на 8/9 јуни, а силите ќе ги одмерат Естонија – Македонија и БиХ – Унгарија.
- И покрај двата пораза од Унгарија и конечниот епилог од двомечот помеѓу БиХ и Естонија, нема место за паника во нашиот табор. Ние сме поквалитетна репрезентација и од БиХ и од Естонија и тоа ќе мора да го потврдиме во двата преостанати меча – категоричен е капитенот Кирил Лазаров, кој поради повреда не играше во двата меча со Унгарија.
За тоа дали е можно да ни се случи она што се случи во последните квалификации за СП, кога Турција решаваше за нашата судбина, леворакиот бомбардер е со категоричен став дека треба да веруваме во себе.
- Иако во опција е и можноста Естонија да одигра нерешено со нас, па да ја победи Унгарија на гости, во која јас не верувам, сепак, ние треба да ги отфрлиме сите калкулации. Колку повеќе калкулираме толку повеќе и не успеваме во квалификациите. Треба да веруваме во сопствените сили, а ние знаеме да играме ракомет. Едноставно, судбината за пласман е во наши раце и така треба да размислуваме. Никако поинаку – вели Лазаров.
Сепак, за леворакиот бомбардер, да се оствари ова, потребно е претходно да се создадат одлични предуслови за тој меч.
- Со една добра подготовка за претстојниот дуел против Естонија, како на тактички, така и на психички план, може да ја совладаме на гости Естонија и со тоа да ги решиме сите дилеми и покрај фактот што досега двапати одигравме без победник на нивен терен. Кога ова го велам, секако, мислам и на патувачките врски до таму, а тоа значи да се стигне два дена порано и одморени да одиграме еден храбар, коректен и максимално ангажиран натпревар, во кој ние би биле тие што би се радувале на крајот – категоричен е македонскиот интернационалец.
Според Лазаров, токму во Веспрем се покажа дека Македонија знае да игра ракомет.
- Сепак, можноста за триумф над Унгарија ја пропуштивме во Скопје, пред својата публика. Кога ќе му дозволиш на противникот за 10 минути да води со шест разлика, да направиш многу технички грешки, а потоа да го „бркаш“ тој резултат, е навистина тешко да се надеваш на поволен успех. А требаше да биде токму обратно, ние да му покажеме на противникот каде дошол. Првите 10 минути се најзначајни за секој натпревар. Што се однесува до БиХ, очекував посилен отпор од нив во овие квалификации, но сепак грешките треба да ги бараме во сопствените редови, а не кај конкурентите. Со тоа мора да се помириме – смета Лазаров.
Тој веќе го одработи и првиот полесен тренинг, по повредата добиена во ЛШ, каде што игра за шпанскиот Сиудад Реал.
Унгарија - Македонија 29-26 (16-13)
Веспрем. Спортска сала „Веспрем арена“. Гледачи: 4.500. Судии: Холгер Флиш и Јирген Рибер од Германија. Делегат Моше Херман од Израел.
УНГАРИЈА: Татаи 11 одбрани, Миклер 6 одбрани, Гјилаш, Харсањи 6/6 (3/3). Т.Иванчик 1/1, Лалушка 2/2, Габор 3/2, Часар 6/4, Лекаи 5/2, Суч, Зубаи 1/1, Иљеш 10/6, Путиш, Наѓ 2/2, Г.Иванчик 1/1, Торо 2/4. Седмерци: 6/6. Исклучувања: 8 минути.
МАКЕДОНИЈА: Ристовски 6 одбрани, Ангелов, Алушевски 6/3, Темелков 4/2, З.Мојсоски 1/0, Димовски, С.Стоилов 1/1, Мајнов, Митков 9/4, Н.Мојсоски 11/5, Миркуловски 6/3, М.Стоилов, Маркоски, Лазаров 8/7 (6/6), Милорад Кукоски, Јоноски 1/1. Седмерци: 5/5. Исклучувања: 6 минути.
Табела, група 1
Унгарија 4 4 0 0 8
Естонија 4 2 0 2 4
Македонија 4 1 1 2 3
БиХ 4 0 1 3 1
Идно коло: Естонија - Македонија, БиХ - Унгарија.