Темелков ги скинал лигаментите
Македонија ќе биде осетно ослабена на предолимпискиот турнир во Шведска откако се потврдија стравувањата дека повредата што Влатко Темелков ја заработи на денешниот натпревар против Романија е од посериозен карактер. Имено, деталните лекарски прегледи покажаа дека станува збор за кинење на лигаментите во левото колено, повреда поради која што на одличниот крилен ракометар му претстои пауза од неколку месеци од терените.
Оваа повреда доаѓа во најлош момент, на само неколку дена до почетокот на предолимпискиот турнир што стартува в петок во Гетеборг, Шведска. Селекторот Шундовски сега се соочува со огромен проблем, ако се знае дека по повредата на Темелков, на позицијата на десно крило сега на неговиот список се наоѓа само Златко Мојсоски. Кормиларот на македонскиот национален тим барем засега нема донесено одлука дали за Гетеборг ќе патува само со Мојсоски, или пак дополнително ќе го повика Гоце Георгиевски од Металург како решение за проблемите на оваа позиција.
Македонија своите настапи на предолимпискиот турнир ги почнува в петок со пресметката со Унгарија, нашите ракометари в сабота ќе се сретнат со Бразил, додека в недела за противник ќе го имаат домаќинот Шведска.
Добра вест за селекторот Шундовски е што Наумче Мојсовски ќе биде подготвен за настап во Гетеборг. Еден од најдобрите македонски ракометари го пропушти денешниот пријателски дуел со Романија, но деталните прегледи покажале дека не станува збор за посериозен проблем и Мојсовски ќе му се стави на располагање на стручниот штаб на националниот тим.
http://www.ekipa.mk/News.aspx?newsId=7045