Погледот и очите
Нејзините тешки очи длабоко тонеа во неговиот поглед. Го гребеа, го галеа, го смееја, го сакаа. Понекогаш го бакнуваа и на полна месечина, а некогаш и во движење. На погледот му беа потребни нејзините очи како што на нејзините очи им беше потребен погледот. Симбиотично склопување на клучот и клучалката, можеше да произведе отклучување на вратите, но неговиот поглед и нејзините тешки очи не знаеја што требаше да произведат. Во суштина, можеа сѐ!
Нејзините тешки очи не веруваа во постојатноста на нивното длабоко тонење во неговиот поглед. Ниту тој веруваше. Но тој успеа да се излаже, нејзините очи – не! Тој добро знаеше дека најдобрата работа која можеш да ја направиш во животот, е да се импресионираш себе си, а тоа во суштина пак е лажење. Суштините некогаш и не се многу пријатни. Всушност некогаш и не се потребни!
Нејзините тешки очи со интактна чистина и неговиот наивен поглед, за првпат сетија дека нешто се случува отаде облаците. Брзо, брзо скокнаа! За да чудноста биде уште почудна, во летот надолу, тие две нешта останаа едно без друго оти нивната лудост овој пат се сврте против самите нив на тој начин што ги натера да се запрашаат дали воопшто некогаш постоеле.. Со едноставни зборови – се заборавија! Всушност ако не беше потребно да знааат зошто беа заедно, секако дека не е потребно ни да знаат зошто се оделија.
* *
Очите ѝ беа темно бели и со облик на недопреност. Ликот си го криеше со насмев или можеби го боеше со него, или уште поверојатно – го правеше радосен цртајќи му насмев! Тежината на искреноста во нејзините очи никогаш не можеше да престане да тежи, слично како старите механички часовници, постојано будно тежеше сѐ додека таа не ги затвори очите и се реши да отспие. Во нејзините очи тежеа повеќе тежини истовремено. Покрај искреноста, најчеста беше импресијата, па потоа радоста која некогаш чуваше и малку тага оти таа ѝ беше најдружељубива пријателка.
Неговиот поглед луташе сам. Улицата и сама беше залутала низ студенилото на мракот, а тој со години погледнуваше во нејзините сосема безначајни нешта сѐ до моментот кога се појави таа заедно со нејзините тешки очи. Таа оттогаш започна да гледа со неговиот поглед, тој оттогаш се предаде на нејзините очи. Нејзините тешки очи!
* *
Нејзините тешки очи длабоко тонеа во неговиот поглед. Го гребеа, го галеа, го смееја, го сакаа. Понекогаш и го бакнуваа на полна месечина. Еднаш, ама само еднаш во сечиј живот, постои најубавиот момент. А заборавот без никаква грижа на совеста може да го голтне во еден здив..
______________________________________________________________________________________
Повторлива приказна
Сите паѓаат. Некој од зграда, некој од умот, некој од љубов, некој од глупост.. Паѓањата никогаш не биле забавни или импресионирачки за паѓачите, а човекот пак паѓа. Човекот е само бедно суштество, кое глуми гордост! Самиот збор „човек“ звучи бедно, чудно е како Горки не го забележал тоа уште одамна кога се чудеше колку гордо звучело тоа. Паѓањата најчесто се случуваат поради умирање на бајките. А бајките сјаат како рамна светлина опкружена со мрак, но секогаш знаат да умрат токму пред да ги сфатиш сериозно.
Капката со денови паѓаше од небото. Никогаш не знаеше врз што ќе падне, а и токму во тоа беше интересноста. Неизвесноста дава доста убави чувства, посебно на оние со слободен дух, оние што повеќе ризикуваат оти се свесни за присутноста на непостојаноста. Конечно падна врз еден сув лист кој со последните сили се држеше за гранка на едно дрво кое сите листови го викаа „живот“. Капката започна да се лизга по него, започна да го бакнува, да го љуби страстно! Тогаш родија топлина меѓу нив и ја нарекоа љубов. Ја чуваа грижливо, ја хранеа со шарени сонови, нежни допири, силни прегратки..
Капката и сувиот лист беа најсреќните нешта во тој момент. Сакаа да го направат вечност, сакаа да создадат цврста иднина и засекогаш да бидат безбедни во меѓусебните прегратки, секогаш да бидат топли. Беа неуморни за создавање заеднички сонови, а и тоа им беше омилена дејност уште одамна. Едно попладне додека со часови лежеа во заеднички прегратки, решија да изработат сон за нивната идеална иднина, за нивниот заеднички утописки свет.
- Мил, јас ќе те сакам секој пат, ти ветувам! Ќе живееме заедно, ќе родиме мали искри полни со живот, ќе те бакнувам до бескрај.. – Му зборуваше тивко, а тој ја дополнуваше со уште соништа, после секоја нејзина воздишка што ја сместуваше во точките за недоискажаност.
- Чувствуаш ли како е немирна искрата полна со живот? – Ја праша галејќи ја за стомачето. – Ќе ја чуваме заеднички.. – Додаде чувајќи го последниот здив за да ја бакне.
Се договорија да направат индијански предмет за фаќање на соништа и да му го шепнат својот сон за да го чува безбедно.
Дримкечерот требаше да го дофати сонот и да им го даде, а инаку суштински требаше да го овековечи мигот кога тие заедно го отсонуваа заедничкиот сон. Помина малку време и тој го направи дримкечерот. Беше среќен и едвај чекаше да ѝ го покаже и подари, секако. Но пред да го направи тоа, таа се стркала по него и одеднаш ја снема, падна од него. Капката падна од листот! Но зар тоа беше можно? Но како, но зошто.. Неговата свест уште не можеше да го сфати сето тоа. Зар е можен таков крај на една непотонлива утопија..
Во тој момент посакуваше да полуди! Подобро е да полуди отколку да се справи со таа ужас, со таа бедна аксиома дека животот е полн со ужаси! Ги избезуми последните сили со кои се држеше за гранката и се отпушти. Започна да паѓа! Го зеде со себе и дримкечерот во случај да ја пресретне својата капка во падот.
Долу во калта немаше никој, тој остана сам да пропаѓа во мракот, малку по малку. Ги стискаше забите и ги облеваше со солзи, сакаше на сила да ја извади својата душа од себе бидејќи беше лут на себе си затоа што не ја бакна за последен пат.. Не успеа, не успеа да предвиди дека тоа ќе се случи.
Десетина метри потаму, длабоко во земјата имаше два мртовечки сандаци во кои лежеа девојката и момчето кои ја одживееја оваа приказна многу одамна. Нивните души сега постојано влегуваа во листовите, капките, потоците, камчињата и сѐ што ги опкружуваше, само за да ја доживеат истата своја приказна повторно и повторно..