Овие млади луѓе не се џаболебари што висат на Интернет. Напротив, тоа е критичката маса на оваа држава, која сардисана од корумпирани политичари, полтронски медиуми и затворени институции, си го најде својот пат за да ги искаже ставовите, да посочи на болките на општеството, да ја исмее глупоста што ни се сервира како реалност. Овие млади луѓе всушност се иднината на оваа земја. Заслужуваат повеќе од третман на оружје за политички престрелки
Не, не мислам дека е премногу поетично што ги нарекувам „децата на цвеќето“ илјадниците млади луѓе што вчера повторно повикаа на протест, овој пат со цвеќе во рацете, за да му оддадат почит на еден трагично одземен млад живот. И да го кренат својот глас против полициската бруталност, злоупотребата на службена должност, лагите и обидот да се одложи вистината за убиството на Мартин Нешковски што пред неколку дена ја потресе домашната јавност.
И не, не сум изненадена од незапирливата моќ на социјалните мрежи - во изминатава година, тие станаа реалност во светот, а во неколку наврати, помалку или повеќе, и кај нас (пред сé, случајот „Кале“, иако тогаш ситуацијата беше малку почувствителна, најмногу поради вмешаноста на меѓуетничките елементи). Тоа што ме изненади, но и ме израдува, е фактот што конечно се покажа дека Македонија има критичка маса. Мала, неколкуилјадна, но сепак ја има. И стационирана е на Интернет, со акцент на микроблогерскиот сервис Твитер.
Наспроти обидите да и се прикачат разни политички приврзоци, себични профитери, што ловат поени дури и на човечки трагедии, онлајн-јавноста го крена гласот (не е првпат, но сега погласно од секогаш), повика и излезе да протестира мирно, без насилство, туку против него, одолевајќи им на обидите за провокации. Веројатно, развојот на настаните е многу логичен ако се има предвид дека речиси 40 часа по убиството немаше веродостојна информација за тоа што навистина се случило, кој е одговорен и кој сé ќе понесе одговорност. Обид да се прикрие убиство, така протестантите го окарактеризираа молчењето на институциите, пласирањето невистинити и фабрикувани информации од медиумите, непреземањето одговорност...
Онлајн-јавноста не се исплаши од циничните изјави, како онаа на портпаролот на МВР, Иво Котевски, кој соопшти дека „тие следеле сé што се случува таму“ (што сакаше да каже?!), ниту од отстранувањето (од „виша“ сила) на неколку групи на Фејсбук што повикуваа на протести. И како повеќепати досега им ја завршија работата на мејнстрим-медиумите, кон кои недовербата го достигна дното, со целосно покривање на настанот, преку видеа, твитови, постови на Фејсбук, серија блог-постови, сумирани на еден блог, „Правда за Мартин“ (
justiceformartin.blogspot.com) посветен на убиеното момче, како и анимирање на светската јавност преку разни мрежи и објави на англиски.
Овие млади луѓе не се џаболебари што висат на Интернет. Напротив, тоа е критичката маса на оваа држава, која сардисана од корумпирани политичари, полтронски медиуми и затворени институции, си го најде својот пат за да ги искаже ставовите, да посочи на болките на ова наше општество, да ја исмее глупоста што ни се сервира како реалност. Овие млади луѓе всушност се иднината на оваа земја, која за многу скоро време ќе биде мејнстрим. Заслужуваат повеќе од третман на оружје за политички престрелки. Заслужуваат некој да излезе, да ги погледне во очи и да слушне барем дел од тоа што имаат да го кажат. Но дури и ако не се грижат за иднината, таа секако ќе се погрижи сама за себе и порано или подоцна, ќе се избори со сите транзициски и постранзициски тумори. И без диригираните медиуми, и покрај корумпираните политичари и килавите институции. Го има Интернет како оружје. И својата свест.