по 30 години РАДОСТ ВО ИСПУСТЕНОТО ПРИЛЕПСKО СЕЛО
Во Беловодица пак заплака бебе
Прва крштевка по три децении доживеа прилепско Беловодица. Радосни се сите во селото. Најсреќни во семејството Трајковски се родителите Митре и Ангелина, како и десетината старци, кои заборавиле кога последен пат чуле бебешки плач во селото, во кое с` помалку чадат оџаци, а камбаната во црквата најчесто се слуша за умирачка.
На веста дека семејството Трајкоски добило новороденче, градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, ги охрабри родителите што успеале да се одржат на родната грутка на Митрета, а на мајката, Албанка, и посака во прегратка да има уште неколку деца. Ристески на семејството им однесе повеќе подароци и им подари штедна книшка со 10.000 денари.
Педесет и тригодишниот Митре не ја крие радоста што му се родил наследник. И мајката Ангелина е возбудена што Бог ~ даде син, по претходната неуспешна бременост. Среќа се распосла во куќата на семејството Трајкоски.
- Господ ми даде да го дочекам посакуваното. Ми се роди здрав син. Неизмерно се радувам. Ми доаѓа да го честам цел Прилеп и цело село - вели таткото на новороденчето.
Вредниот Митре работи како обезбедување во блискиот рудник. Вели задоцнил со домаќинлакот, доцна се оженил, но не се кае.
- Се оженив и не згрешив. Барав и касметот го најдов во Лежа, во Албанија. Ангелина е жена-домаќинка. Се грижи за домот, сега и за малиот. И арно и лошо делиме со љубов. Имаме разбирање - вели Митре.
Триесет и деветгодишната Ангелина три години е беловодичка снаа. Со Митре ги поврзале стројници. Можеби судбоносно било, што и сестра ~ била мажена во Прилеп. Kажува дека не ~ било лесно оти не го знаела јазикот.
- Дојде Митре и ме виде. За неколку часа го дадовме зборот. Радосна сум што Господ ни даде дете. Цел ден сум по него, а Митре е на работа - со возбуда зборува Ангела.
Не се жали, вели дека ~ е арна живејачката. Понекогаш ја мачи осаменоста оти останува само со лаежот на селските кучиња кога сопругот е на работа, но ~ помагале старите кумови.
- Убаво ми е сега. Не стасуваат пари, ама ќе прегрмиме. Се снаоѓаме да купиме вештачко млеко - вели Ангелина.
Митре сонува нова рожба, но и да дочека да го ожени Андреј.
- Господ, ако сака, пак нека ми даде син или чупе. Сеедно. Убаво е Андреј да има братче или сестричка - се смее Митре.
Ангелина и Митре веруваат во подобро утре оти Андреј ја турка прашината од куќата и ја расчистува пајажината низ распаднатите камени домови на Беловодица.
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=C358B6AAE797004BA50B31F5A718E24E
Нека е со среќа,да се раѓат уште многу деца.