Честито честити царе
Семејството Шознамјаское му го честита реизборот за градоначалник на Јегуновце на Тони Коцески со песната Ја излези Ѓурѓо. Вака утринава ме поздрави еден милозвучен женски глас од некоја радиостаница што третира народна музика на автопатот Тетово - Скопје додека лудиот шофер на автобусот полека не доближуваше до метрополата, алијас Цело Скопје вмровски град.
Јас пак би сакал да ја искористам оваа прилика и на Никола Груевски да му ги честитам сите фотелји. Епа Никола, ај честито градоначалник, премиер, претседател ... или да поедноставам - честито честити царе.
Конечно неговата желба се исполни и сега тој е апсолутен владетел во државава. Би упатил честитки и до оние кои наместо него ќе излегуваат во јавноста и ќе ги претставуваат функциите.
Јас со жалење морам да констатирам дека моите заложби за пропаѓање на претседателските избори не се остварија и со едвај достигнат цензус сега Македонија има претседател. 42,61 проценти од запишаните гласачи гласале за претседател, вели ДИК. Уште 2, 53 проценти си цртале ил чкртале по ливчето и така го претвориле во неважечко, веројатно поголемиот дел од нив мислејќи дека така го бојкотираат, а всушност го помагале изборот на претседател во вториот круг. Ако и овие 45.513 граѓани воопшто не земеле ливче тогаш на вчерашните избори ќе имавме 40.08 проценти излезеност и навистина ептен тесно но сепак повторно ќе изберевме претседател.
Но да ги немаше притисоците од владеачката партија посебно во попладневните часови кога нокти се грицкаа додека се прашуваа дали ќе се постигне цензусот сигурно изборите ќе пропаднеа. На крај Иванов треба најмногу да им заблагодари на телефонските повици кои одеа отприлика вака - „Излези и гласај, не е важно за кого, само гласај“.
Јас не гласав. Но не бидејќи ме мрзеше да отидам до избирачкото место, баш напротив, отидов и побарав ливче само за градоначалник, на чудење на избирачкиот одбор од каде ми кажаа дека јас сум бил вториот што гласал така. Со оглед на тоа што гласав во 18:54 веројатно тоа беше и конечната бројка во моето избирачко место. А баш напротив, отприлика по двајца-тројца гласаа за претседател во селата во западна Македонија каде мнозинството е албанско население кое покажа дека знае да размислува и без Али.
За мојата одлука би го цитирал Тачи:
- Мое демократско право е да не гласам за претседател. Не ми се допаѓа ниту еден кандидат.
Сепак, како-така, Македонија избра претседател и притоа никој не загина, а тоа очигледно претставува исклучителен успех за нас.
Во целата еуфорија синоќа единствено ми недостигаше Емилијан да ме израдува едно три-четириес пати по ред објаснувајќи ми како опозицијата и скршила нога на власта со тоа што ги освоила Охрид и Карпош, значи Охрид и Карпош, односно Карпош и Охрид, поточно Охрид и Карпош, нормално, бидејќи нивните кандидати ги победиле против-кандидатите во Карпош и Охрид со што дефинитивно и апсолутно ја однеле победата во Охрид и Карпош.
Пред уште еднаш да ве потсетам за ненормално опасниот успех на опозицијата само да потцртам нешто -
65 проценти од македонските гласачи не го избраа Ѓорге Иванов за претседател на државава. Или ако сакате повеќе
25 проценти од македонските гласачи го избраа Ѓорге Иванов за претседател на државава. Или ако сакате највеќе -
мнозинството од малцинството го избра Ѓорге Иванов за претседател на државава. Колку за појаснување малцинството се 40-те проценти излезени гласачи а мнозинството се 60-те од нив кои гласале за победникот.
Сепак сеуште веруваме во мускетарското Еден за сите, нели.
Од другите вести - Опозицијата постигна неверојатен успех во вториот
круг локални избори со освоени апсолутно феноменални 2 општини - Охрид и Карпош или по азбучен редослед Карпош и Охрид, или по големина Охрид и Карпош.
За крај два цитати:
- Сега, кога владејачката партија еуфорично ја слави добиената апсолутна власт во државата, кога од секој агол не' гледаат насмеаните лица на Иванов и Груевски на огромните заеднички постери и билборди, чувствуваме потреба да го потсетиме Иванов на еден стар афоризам што вели дека не е добро сите во еден чамец да седат на иста страна, зашто така тој ќе се преврти.
- Љубомир Фрчкоски, кандидат за претседател на Македонија од СДСМ и НСДП на синоќешната прес конференција на Бихаќка:
- Му честитам на владиниот кандидат Џорџе Иванов и Господ нека и е на помош на Македонија.