Аааај, уште треперам кога ќе се сетам на првиот бакнеж. А многу одамна беше. Памтам дека беше среда. Памтам дека беше август. Памтам дека врнеше. Го памтам неговиот поглед. Заводнички. Таинствен. Поглед на големиот Казанова залутан во мојот град. Многу девојки полудеа по него. Не дека беше толку убав, привлечен или било што. Едноставно, беше нешто ново, различно. И се уште не знам како меѓу сите нив, баш јас му го привлеков вниманието. Не дека не ми се допаѓаше, ама па и не бев од оние кои трчаа по него. Никогаш не трчам по машки. Доволен е само еден мал знак. Ако е заинтересиран, веднаш ќе сфати. Очигледно, бил заинтересиран...
Но, да се вратам на конкретната августовска вечер. Памтам како наеднаш, како случајно, сите околу нас исчезнаа, ги снема. Останавме сами. Јас, тој и капките дожд кои пополека се цедеа низ нашите лица. Памтам како нежно ме привлече кон себе. Памтам и како ми чукаше срцето во тој момент. Го памтам и вкусот на неговите усни. Долго време потоа го осеќав тој вкус на мојот јазик. Памтам и како целата таа ноќ не можев да заспијам од пеперутките што ми играа во стомакот. Ги памтам љубопитните лица на моите другарки кога се видовме утредента. Сакаа да знаат се. Морав да им раскажам. Сепак, бев прва во друштвото што бакнала некого.
Се изгубив во спомениве
Дефинитивно можам да речам дека првиот бакнеж ми е еден од најубавите спомени од раната младост. Наивен, страстен, а можеби и единствениот искрен бакнеж кој сум го дала и добила. Спомен на едно време, кога се беше така искрено, чисто, безгрижно. Спомен на едни очи чиј пламен одамна згасна. Спомен на едно срце кое некогаш знаеше да сака....
Аааа, да, за бакнеж беше темава, доста со филозофии