Првиот хуманист
Влијанието на поезијата на Петрарка не беШе само праШање на форма, туку повеЌе на содржина, не само начин на пиШување, туку исто така начин на размислување
ПАДОВА - "Јас сум граѓанин без локација, насекаде сум странец", се изјаснуваше поетот, научник и книжевник Франческо Петрарка, давајќи му експлицитност на чувството на отуѓеност и вознемиреност што подоцна му ја донесе титулата "првиот современик". На друго место Петрарка запиша: "Кога се споредуваат моите пропатувања со оние на Одисеј, освен славата на неговата иницијатива и неговото име, тој не патуваше ниту подолго ниту подалеку отколку јас". Сепак, после неколку престои во Падова за време на, како што се чинеа, бескрајните екскурзии, кои го однесоа низ цела Италија и поголемиот дел од Европа, тој таму конечно се повлече во 1368 година и почина во куќата што ја изгради во селото Арква меѓу Евгенските ридови, јужно од градот во 1374 година.
За да се одбележи 700-годишнина од раѓањето на големиот човек, Музејот на граѓаните организираше изложба на ракописи, книги, минијатури и други предмети посветени на животот на Петрарка, работата и влијанието врз литературата и сличните визуелни уметности.
Петрарка беше роден во тосканскиот град Арецо, каде што неговото семејство побегна откако беше прогонето од Фиренца бидејќи ја поддржуваше неуспешната фракција за која се залагаше Данте, кој пак во исто време беше забранет. Во тој период папскиот суд се пресели во Авињон, Прованса за да ја избегне хроничната анархија во која потона Рим, а во 1312 година побегна и семејството на Петрарка со надеж дека ќе најде вработување. Таткото на Петрарка, кој беше нотар, го присилуваше синот да студира право, што не беше по волја на момчето, во Монпелје, а потоа во Болоња. Кај Петрарка рано се разви страста за поезија и латинската литература, и во една прилика тој ги спаси изданијата на Виргил и Цицерон, кои неговиот татко ги откри и ги фрли во оган. По смртта на таткото, младиот човек конечно беше во можност да ја следи својата вистинска вокација иако семејството беше во незавидна финансиска ситуација. Сиромаштијата беше еден од мотивите за постојаната отуѓеност во потрагата по патрон, меѓутоа, тој, исто така, беше воден од незаситната љубопитност што го стимулираше дури да се искачува по планините.
Дотогаш Петрарка го привлече вниманието како првокласен латинист. Меѓутоа, она што го разликуваше од другите современици беше неговиот став кон класиката и причините да се задлабочи во нив. Неговото присуство на различни училишта и универзитети му остави скептичен став кон педантеријата и тесноградоста на научниците и во целост го избегнуваше академскиот естаблишмент до крајот на животот. За Петрарка, латинскиот не беше самооправдувачка дисциплина туку средство за повторно навлегување во царството на класиката и имагинацијата, пронаоѓање нови начини на размислување и себеистражување и на светот во целост. Обидите на Петрарка да ја заживее класиката пред сў заради таа цел, да не се споменуваат неговите обиди да го помири восхитувањето од паганското минато со христијанската доктрина, доволно го оправдуваат тоа што тој се сметаше за прв целосно искален хуманист.
Петрарка помина голем дел од животот барајќи, преведувајќи, уредувајќи, објаснувајќи и ставајќи ги на располагање делата на римската класична литература, и токму поради тоа и неговите писма и биографиите на познатите Римјани напишани на латински, се очекуваше да биде најмногу запаметен. Меѓутоа, тој исто така беше еден од првите Италијанци кои ја застапуваа колоквијалната поезија, за што повеќето од неговите образувани современици имаа мал интерес или пак активно ја омаловажуваа. Во долгорочни рамки, италијанските стихови на Петрарка го направија литературна личност со неизмерна слава и значење, не само во Италија туку и во далечните земји. На многу места се сметаше дека тој е заслужен за измислувањето на сонетот. Тоа беше претерување, меѓутоа, тој толку ја направи таа форма своја, што на многу начини можеби и беше заслужен.
Влијанието на поезијата на Петрарка не беше само прашање на форма туку повеќе на содржина, не само начин на пишување туку исто така начин на размислување. На 6 април 1327 година, Петрарка забележа жена која ни е позната само по нејзиното прво име, Лаура, во една црква во Авињон. Тој безнадежно се вљуби во неа и тој сеизмички емотивен настан доведе до излив на стихови кои траеја многу години. Лаура веројатно беше мажена и не е сигурно дали Петрарка некогаш бил во физичка врска со неа. (Се претпоставуваше дека Лаура целосно е измислена и плод на имагинацијата на поетот, но тоа беше неверојатно).
Лириката за Лаура и за другите работи создадоа долго патување на себе - испитување во невидени рамки, речиси психолошка автобиографија во стихови. Тука ги пронаоѓаме чувствата на неуморност и отуѓување, болести на современото време, најсилно и најубедливо изразени. Во исто време поезијата брилијантно ја доловува спонтаната и прерано созреана љубов кон природата која помогна природниот свет да се постави како една од највредните теми во поезијата.
Колоквијалната поезија на Петрарка никаде не беше повлијателна отколку во Англија, иако беа потребни 200 години за да стане позната, особено со преводите и адаптациите на Томас Ват и Сури. Од 31 сонет на Ват, речиси една третина беа преводи од Петрарка. Без Петрарка сторијата за елизабетската и јакобинската литература секако ќе беше поинаква. Делата на Петрарка имаа мошне значајно влијание врз визуелната уметност во Италија. Поетот ги сакаше книгите не само поради нивните содржини туку и како предмети сами по себе. Под негова насока, сликарот Симон Мартини ја илустрираше едицијата "Бдеење" на Петрарка со замислен портрет на римскиот автор во пасторална заднина со личности и сцени кои ги симболизираат неговите дела. Таа и многу други илустрации за делата на Петрарка беа главната сила за поставувањето на секуларната хуманистичка минијатура како жанр. Стиховите на Петрарка "Триумфи", секвенца на сонувачки визии кои поетот наводно ги искусил едно априлско утро, на серија антички поворки во римски стил, доведоа до илјадници уметнички интерпретации, од фрески до печатени дела и насликани сандуци до таписерии, од кои една репрезентативна селекција е прикажана на изложбата.
Во текот на неговото талкање, Петрарка ја собра највредната приватна библиотека на тоа време. Пред конечно да се насели во Падова, тој неколку години помина во Венеција, каде што владата му даде палата под услов да ја остави библиотеката на Серенисима, по неговата смрт. Но, на крајот Петрарка таму не можеше да го пронајде друштвото по кое копнееше. Всушност, овој човек беше генерално ценет како најкултурен и најелоквентен човек на неговото време, а некои локални венецијански аристократи кои имаа високо мислење за себе, го опишуваа како "добар колега, но игнориран".
На тој начин Петрарка стигна до Падова, а потоа и до неговата куќа, убаво место дури и денес, меѓу лозовите насади и овоштарниците во Арква која подоцна во негова чест се нарекуваше Арква Петрарка. Почина во таа куќа додека работеше на масата опкружен од неговите скапоцени книги. Поголем дел од неговата библиотека беше ветена на неговиот патрон, владетелот на Падова, Франческо ди Карара. Но, ракописите на неговите дела останаа во Арква каде што долго беа копирани и испраќани на секогаш се поголемата армија обожаватели на Петрарка.
("Интернешенел херал трибјун")