Д-Р КАТЕРИНА КАЛЕНДАРОВА, ПРВ КРЕАТОР НА ПАРФЕМИ ВО МАКЕДОНИЈА
Мирисот е хармонија на талент, емоции и убавина
Приказната за мирисите е стара и мистична колку и човештвото. Секој од нас во потсвеста има врежано мириси од детството, првата играчка, книга, на првата љубов, на улицата во која живеел, на својот град, својата земја.... А бескрајните приказни за мирисите најубаво ги раскажуваат оние што ги создаваат, но верувајте такви креатори има навистина малку. Една од ретките дизајнери на парфеми кај нас, а можеби и единствена е Катерина Календарова, д-р по органска хемија, жена која триесет години посвети на создавањето нови мирисни формули и оригинални парфеми, прво тука во Македонија, а потоа 15 години во фабриката за производство на мирисни композиции "Хромос" во Загреб, каде за своите креации секогаш добивала највисоки оценки.Се усовршувала во Грција и Франција, а по враќањето
создава цела колекција оригинални парфеми, секој мало-ремек дело. Во последно време е преокупирана со аромотерапија, медицински третман во кој се користат етеричните масла, кои помагаат при лекување на одредени заболувања или за корекции на одредени недостатоци на кожата. Госпоѓата Катерина Календарова, непосредно пред своето заминување во Франција, каде минува поголем дел од годината и е во тек со сите новитети од областа на парфимеријата, ни дозволи да ѕирнеме во нејзиниот миризлив свет на парфеми, гелови и разни миризливи креми и да ни открие несебично неколку тајни, на големите креатори на парфеми. Парфемот е готов производ, затворен во шишенце, но мирисите ги има секаде околу нас. Кажете ни, дали и вие при создавањето се инспирирате од природата, од цветовите? -Мојата инспирација секогаш ја црпам од запаметените мириси од моето детство, од мојата градина во Прилеп. Околу куќата имавме прекрасен двор со различни пролетни цвеќиња: најпрво се појавуваа петопрстот и качунките, лалето, ружата, но најмногу беше застапена момината солза. Тие мали, нежни цветови имаа неодолив мирис. Честопати ги гледав во невестинските букети и секогаш асоцијацијата беше солзите на разделбата на невестата од домот. И кога ги почнав моите креации, најпрво го употребив мирисот на момината солза. Мирисот всушност е душата на секој цвет. Како се роди Вашиот прв парфем? -Мојата приказна поврзана со парфемите започна многу порано пред да започнам и самата да создавам оригинални мирисни ноти. Прво работев во козметиката, тука во Скопје - во фабриките "Цветан Димов" и "Алкалоид", и создадов 3.600 мирисни ноти што и денес живеат во некои нивни козметички производи. Тогаш ги користевме готовите мирисни компоненти увезени од Франција, Германија и други светски центри. Со текот на времето, со стекнувањето на поголемо искуство, знаење, но и со будењето на мојата желба да создадам нешто свое, оригинално, јас се осмелив да ја направам мојата прва креација. Тоа се случи една топла, ѕвездена вечер, на една тераса во Дубровник Се слушаше музика и неколку двојки играа на подиумот. Тогаш забележав една прекрасна жена како страстно
игра танго. До мене допре еден неодолив мирис, а јас го ловев како пеперутките. Подоцна открив дека тоа беше мошусот, а нешто слично на тоа, но сепак мое, беше и мојот прв парфем. Подоцна во вашата лабораторија вие создадовте и други креации, кои го носат вашиот авторски печат... -Да, ќе ги споменам само "Душата на ружата", посветен на загрепчанката, продуховена жена со шарм и елеганција, "Мис Нера", кој е нежен и динамичен, создаден за сите млади девојки. Тука е и "Вандербилт", па "Пласидо", инспириран од класичната музика, мојот постојан придружник во работата, "Паризиен", "Здивот на пролетната ноќ", кој потсетува на пролетно ѕвездено небо, на чистота, невиност. Креирав и мирис посветен на младиот, динамичен човек. “Модерната Ева” ја посветувам на младите генерации жени што настојуваат да го најдат своето место во општеството. Дали можеби сте создале парфем за македонската жена? -Парфемот за Македонката, долго време го носам во себе, но неодамна како нешто да оживеа во мене. Повторно замирисаа градините од моето детство, тутуновите полиња заблеснаа со својот бел, нежен цвет. Во мене повторно го почувствував мирисот на Охридското Езеро, филиграните, древните цркви, раскошните икони, што ги создавале луѓе со голема дарба и огромно духовно богатство. Додека креирав и работев во Загреб, секогаш го носев парфемот за Македонката длабоко во мојата душа, сакајќи да ја доловам нејзината трпеливост и издржливост, но и енергичност, лојалност на семејството, но и бескрајната енергичност. Во овој мирис ќе има и малку јасмин, тубероза, булки, лилјан... Тој е продуховен, а асоцира на филигранот. Ја дава металната боја на Охридското Езеро и планинските ветрови, а ќе бидат застапени и убавите црногорични ноти на моликите. Всушност тоа ќе биде една хармонија од мириси, пурпури што ќе дава ведрина. Бидејќи за секој креативец најголемо задоволство е кога ќе види дека неговите креации живеат и оти го нашле своето соодветно место, кажете ни, постои ли интерес во Македонија, за производство на овој парфем? - За реализирањето на овие креации на нашите простори за жал многу тешко се одвиваат работите, иако на тоа потрошив повеќе од пет години. Сепак мислам дека, некои од фирмите ќе пројават интерес. Во Берово до скоро егзистираше една малечка фабрика за дестилација на етерични масла, не сум сигурна дали се уште работи. Но, една друга млада фирма пројави интерес за креирање мириси. Моја желба е тука да отворам школа за парфимери и се надевам дека сето мое знаење ќе можам да го пренесам на младите генарации на овие простори. Се уште во мојата глава ги имам сите формули на креации што досега сум ги направила, но преработени и со нови визии.