Голем удар близу Индија (не Мексико) можеби ги убил диносаурусите
Огромен, мистериозен басен близу брегот на Индија можно е да е најголемиот т.н. мулти-прстенест ударен кратер, кој некогаш бил пронајден на Земјата. Ако оваа нова студија е точна, овој удар може да го надмине оној кој го создал кратерот Чиксулуб на полуостровот Јукатан во Мексико за кој се смета дека е одговорен за исчезнувањето на диносаурусите пред 65 милиони години. Санкар Чатерџи (Sankar Chatterjee) од Технолошкиот Универзитет на Тексас и тимот истражувачи ја испитуваа депресијата на дното на Индискиот Океан со дијаметар од 500 km, за која се верува дека е предизвикана од болид најверојатно 40 km во дијаметар. Таков настан би можел да покрене големи климатски промени, вклучувајќи и интензивна вулканска активност која довела до масовно истребување.
Уште од '90-те години на минатиот век се смета дека астероидот до дијаметар од 10 km, кој го формирал кратерот Чиксулуб во Мексико, е одговорен за истребувањето на диносаурусите. Овој удар можеби го предизивикал истребувањето, а ако не, ударот кој го формирал Шива кратерот, 300 000 години подоцна, сигурно го доуништил животот на Земјата.
Масовниот Шива басен е депресија која се наоѓа западно од Индија и денес масовно се експлоатира заради резервите на нафта и природен гас. Некои делови од овој кратер се меѓу најпродуктивните места на Земјата. Ако истражувачите се во право ова е најголемиот кратер на Земјата. Сепак, некои геолози не се согласуваат со ова тврдење дека депресијата е создадена од удар. Сметаат дека е тоа само дупка во Земјината кора, најверојатно предизвикана од вулканска активност. Но, Чатерџи сепак цврсто смета дека Шива е ударен кратер и смета дека геолошките докази се драматични. Надворешниот раб е груб, испрекинат и огромен. Тоа е прстен голем 500 km во дијаметар, опкружувајќи го централниот врв познат како Бомбај, кој е 5 километри над океанското дно (колку и планината МекКинли). Најголем дел од кратерот лежи на Индиската континентална плоча, но онаму каде што се среќава со брегот има гребени и топли извори. Ударот изгледа уништил поголем дел од 30 милји дебелиот гранитен слој на западниот дел од Индија. Ако големата депресија е предизвикана од удар, Земјината кора на местото на ударот би требало да испари оставајќи зад себе ултра-жежок материјал. По се изгледа ударот ги зголемил вулканските ерупции кои покриваат поголем дел од западна Индија. Уште повеќе, ударот ги оттргнал Сејшелските острови од Индиската тектонска плоча и тие се придвижиле кон Африка.
Истражувачкиот тим се надева дека ќе има можност да отиде да истражува во Индија до крајот на оваа година за да ги испита карпите ископани од центарот на кратерот, со цел да се соберат докази кои ќе покажат дека басенот е резултат на гигантски удар.
www.astronomija.com.mk