Нимиц излезе со три старо-нови предлози
И покрај тоа што Нимиц официјално изјави дека нема нов предлог, А1 дознава дека медијаторот денеска излегол со три старо-нови предлози, кои досега во неколку наврати беа отфрлени од македонската страна.
Македонија да прифати да се нарекува „Горна“, „Нова“ или „Република Македонија - Скопје“ е барањето на медијаторот доставено до Василакис и Димитров во Виена.
Дипломатски извори за А1 потврдуваат дека сите три предлози имаат географска одредница. Според ОН, Македонија внатре би се нарекувала со своето уставно име, а во светот би го користела евентуалното ново име.
Грчката страна била против дури и за ваквиот предлог, барајќи и за внатрешна употреба Македонија да го промени името.
Медијаторот Нимиц ваквиот пресврт во преговорите за името, негативен за Македонија, го објаснува со опасноста за земјата во контекст на регионалните тензии и прашањето со Косово.
Според дипломатски извори, планот на Нимиц и на Американците е во наредните 15 денови до самитот на НАТО да се игра на карта, што е возможно и реално да се случи на самитот во Букурешт.
Проценките на Стејт Департментот се дека планот на САД за влез на целата Јадранска група е можен единствено доколку Македонија попушти и поради НАТО да го промени името.
Анализите на Вашингтон велат дека Атина не би прифатила ниту еден друг предлог, освен овие три: „Горна“, „Нова“ или „Република Македонија - Скопје“.
„Двете страни разгледаа неколку прашања. Не изнесов нови предлози. Сумирав до кај сме и какви можности имаме доколку сакаме да го решиме прашањето со името во разумно кратко време. Двете страни ќе ги известат своите влади и ќе зборуваат за овие идеи“, изјави Метју Нимиц, медијатор во спорот за името.
„Потоа ги поканувам двете страни да дојдат во Њујорк идната недела, ако мислиме дека можеме да напреднеме. Тоа е интензивен процес, тоа е голем чекор. Двете влади треба да ги анализираат своите ставови и да се согледа дали може да се сработи тоа. На 19 февруари јас ги дадов предлозите, ниедна страна вистински не ги прифати, но се зборуваше за елементи од предлогот“, додаде Нимиц.
Но, за да се направи баланс, покрај очигледно прогрчките предлози, Нимиц предлага во графите со кои во ОН се опишува националноста и јазикот да има прецизна формулација со користење на зборот македонски.
И покрај тоа што процесот што се води во ОН нема формална врска со НАТО, Нимиц очекува двете земји под итно да одговорат на денеска поставените предлози, затоа што според него, не останува многу време за решавање на спорот.
Одговарајќи на прашањето од известувачот на А1, Нимиц рече дека е поголем оптимист по два и полчасовниот состанок со Василакис и Димитров во канцеларијата на Марти Ахтисари во центарот на Виена.
И покрај оптимизмот, смета дека нерешавање на спорот носи многу ризици за двете земји.
Наредната средба околу името, доколку Македонија се согласи да разговара за ваквите предлози, би се случила во Њујорк наредната недела.